Економијата станува сѐ посива

213

Честопати се посочуваше дека со неформалната економија се опфатени околу 30 проценти од севкупната економија во државата, но последните укажувања на бизнисмените се дека таа веќе достигнува многу поголеми размери

Земјоделци, инженери, компјутерџии, бравари, водоинсталатери, преведувачи, лектори, градежници, монтери… листата на професии каде што е застапена сивата економија е многу долга. Граѓаните прифаќаат да работат без да им се плаќаат здравствено и пензиско осигурување само за да дојдат до работата, но има и такви што работат без договори, по своја иницијатива за да заработат повеќе или, пак, за да имаат приход плус. Сепак, непријавените работници се само еден дел од сивата економија во Македонија, проблемот е доста комплексен и распространет, но за него мора да се најде решение.
Веќе со години се укажува дека таа опфаќа голем сегмент од финансиските текови во државата, но и покрај сите апели, наместо да се намалува сивата економија стопанствениците посочуваат дека таа континуирано расте. Точните бројки за тоа колкав удел во економијата имаат нецелосно или воопшто нерегулираните дејности не можат да се утврдат. Честопати се посочуваше дека со неформалната економија се опфатени околу 30 проценти од севкупната економија во државата, но последните укажувања на бизнисмените се дека таа веќе достигнува многу поголеми размери.
Опстанокот на сивата економија, но и нејзиното земање замав, создава нееднакви услови за компаниите што редовно ги намируваат даночните обврски и социјалните придонеси, односно што ја почитуваат законската регулатива.

Поради ваквата состојба, стопанствениците сѐ почесто бараат да се зголемат контролите и инспекциите на терен и да се спречи нелојалната конкуренција, која нуди нереално ниски цени поради фактот дека не ги намируваат давачките кон државата.

Првите луѓе на стопанските комори посочуваа во повеќе наврати дека бараат конкретни чекори од институциите, дека е неопходна доследна имплементација на Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност со што би се регулирало работењето во сивата зона, но и здружена акција на граничните премини за спречување шверц.
Тие предлагаат, пред сѐ, да започне доброволна регистрација, а доколку одбијат да се регистрираат компаниите што се наоѓаат во сивата зона да се применат репресивни мерки со изрекување значителни глоби.

Доколку не се преземаат мерки, ќе се најдеме во ситуација кога компаниите, освен што нема да ги пријавуваат работниците, ќе почнат да ги прикриваат и другите финансиски текови, и тоа ќе го прават компании што сега работат по правила и прописи, само затоа што нелојалната конкуренција им ја руши цената и им го намалува профитот

Доколку не се превенира состојбата, бизнисмените укажуваат дека може да се зголеми бројот на компаниите што ќе работат во сива зона, па дури и дека оние што сега работат по правила и прописи ќе почнат да ги заобиколуваат.
Само со функционален механизам може да се справиме со сивата економија, која не придонесува во буџетот и ги руши основите на еднаквоста врз кои се темели пазарниот систем.

На терен мора да излезат инспекторите, да ги контролираат компаниите и да ги мотивираат оние што не го почитуваат доследно законот за да почнат да го прават тоа. Инспекциските служби треба прво да ги детектираат и да ги стават во еден систем нерегистрираните субјекти, на кои, секако, треба да им се овозможи да се регистрираат за да станат рамноправни на пазарот со другите правни субјекти. Генералната идеја е да се формализира неформалната економија и во согласност со утврдените правила и прописи компаниите да имаат еднакви можности и услови да се натпреваруваат на пазарот.

Проблемот со сивата економија има многу аспекти, но особено е загрижувачки фактот дека тој добива поголеми размери. Иако дел од компаниите или сопствениците своеволно влегуваат во разни авантури за да избегнат оданочување, во некои случаи и граѓаните сами избираат да работат некоја дејност плус или како основна за да дојдат до повеќе пари, а притоа да избегнат плаќање даноци или придонеси.
Неопходни се итни и брзи мерки, мерки што ќе ги спроведат државните институции и кои ќе бидат со намера да се почитуваат одредбите и законите.

Притоа властите мораат силно да се заинтересираат за проблемот за сивата економија и да најдат начини за нејзино сузбивање, бидејќи во спротивно таа може да земе уште поголем замав. Доколку не се преземаат мерки, ќе се најдеме во ситуација кога компаниите, освен што нема да ги пријавуваат работниците, ќе почнат да ги прикриваат и другите финансиски текови, и тоа ќе го прават компании што сега работат по правила и прописи, само затоа што нелојалната конкуренција им ја руши цената и им го намалува профитот. Овој магичен круг мора некаде да запре.

[email protected]