Еден за сите, сите за св. Климент

760

Неопходно е целиот потенцијал да го посветиме на подигање на нивото на образованието, стручноста, квалитетот, конкурентноста… Тоа ни недостига во сите сфери на општеството. Затоа се поразителни состојбите во образованието, судството, политиката, здравството, економијата… Како што св. Климент се вложил себеси за македонскиот народ и за писменоста на целиот христијански свет, така сите треба да се вложат да ги поправат состојбите, пред сѐ во образованието. Само така достоинствено ќе му се оддолжиме. И никако поинаку

Неделава што изминува веќе го доби предзнакот историска. Впрочем во последно време сѐ што се случува во и околу нас е некако историско, иако вистинска историја имаме сѐ помалку, поточно некои други настојуваат да ни ја избришат, прекројат, преименуваат.
Но ајде да тргнам од, за многумина, најисторискиот настан деновиве – самитот на НАТО во Лондон. Клучната порака од самитот е дека НАТО останува верно на принципот „сите за еден, еден за сите“. Иако таму на моменти имаше и ситуации еден на еден, два-тројца на еден, девет на 20, или еден кон ниеден итн.

Некој ќе запраша какви се овие бројки и дропки и што означуваат. Па наједноставно кажано го покажуваат соодносот на мислења и реплики по суштинските прашања внатре во Алијансата. Ќе објаснам и преку примери. На тезата на Макрон за мозочната смрт на НАТО, по принципот еден на еден прво одговори Трамп. Потоа се надоврзаа Ердоган и Столтенберг, карајќи го Макрон, по што веќе се помина на друго ниво наречено два-тројца на еден.

Кога дојде на дневен ред буџетот, американскиот претседател Трамп покани на ручек само 9 лидери, оставајќи ги преостанатите 20 на англиски чај со кекси. Средбата, односно ручекот, симболично била наречена 2 процента, бидејќи само овие лидери на 9 земји одвојувале 2 процента од својот буџет за потребите на НАТО. Со тоа и го заслужиле ручекот на сметка на Трамп. Другите што не плаќаат доволно не треба да јадат?!

Македонската делегација не се најде ниту во едната ниту во другата група бидејќи, нели, формално сѐ уште не сме членка на НАТО и ја чекаме ратификацијата од страна на Шпанија. Но иако фигуративно во улога на домазет во Лондон (слика има, тон нема – бидејќи немавме право на глас), се чини клучната порака пристигна токму од нашата земја – која нагласи дека како нова 30-та членка ќе работи на постигнување единство во Алијансата. Во моментов тоа му е најпотребно на сојузот. Е сега колку Македонија е стручна за постигнување внатрешна сплотеност и единство е друга приказна. Ако ништо друго барем сме во вистинското друштво.

На крајот, сепак, сѐ среќно се заврши, лидерите се разотидоа секој на своја страна, оставајќи го Столтенберг да го нагласи историскиот принцип „сите за еден, еден за сите“. До следната заедничка средба и самит во Загреб. Толку за НАТО.
На домашен план ништо спектакуларно не се случи. Мислам ништо посебно што веќе не сме навикнале да го гледаме.

Освен што овој пат студот нѐ изненади во декември. Како што, нели, секогаш снегот знае да нѐ изненади во јануари. И иако температурите не се толку ниски, студот толку многу ги изненади електродистрибутивните компании, што неколку дена снемува струја во неколку населби од градот. Притоа никој не знае која е причината за дефектот. Ако е вака во декември како ли ќе биде во јануари и февруари? За материјалната штета, хаосот и нервозата што ги предизвикуваат ваквите прекини и да не зборуваме. Тие, секако, повторно ќе паднат врз грбот на граѓаните и компаниите.

Врз чиј грб падна и најновата одлука за зголемување на сметката за вода за во просек околу 20 проценти, како што се пожалија граѓаните. Наводно не станувало збор за зголемена цена на водата туку за издвоена ставка за ЈП „Паркови и зеленило“. Навистина градот се задушува од прашина и потребни се многу повеќе зелени површини, но граѓаните воопшто не се виновни за ваквите состојби. Токму лошото урбанистичко планирање со години, урбаната мафија и трката по профит ги уништија парковите и зеленилото, заштитната зона на Водно и го претворија градот во урбана џунгла. Погрешното несовесно работење на локалните власти со години и досега скапо го плаќаат граѓаните, а сега и дополнително ќе нѐ оданочат преку нова давачка за ЈП „Паркови и зеленило“, каде што веројатно овие пари ќе се искористат за дополнително да се удомат нови партиски послушници. Тоа навистина не е фер.

Ако веќе издвојуваме за ЈП „Паркови и зеленило“, зошто да не издвојуваме и за другите јавни претпријатија, кои ги има десетици. Па да плаќаме од домашниот тенок буџет некој процент и за ЈП „Јавни паркинзи“, ЈП „Улици и патишта“, ЈСП, ЈП „Македонски шуми“, ЈП „За стопанисување со спортски објекти“ и да не редам повеќе, зашто ми одите целата колумна.

По принципот еден за сите, за еден. Или обратно беше. Не е толку важно. За некого изгледа најважно е само да се полни касата, независно од тоа дали парите се користат наменски, колкави се ефектите од тоа и која е бенефицијата за граѓаните. А ефектите се никакви или занемарливи. Барем во поглед на намалување на загадувањето на воздухот. Уверен сум дека сите би се согласиле да издвојат и поголема сума за „Паркови и зеленило“ доколку добијат цврсти гаранции дека ќе се спречи урбанистичкото дивеење, дека двојно па и тројно ќе се зголемат зелените површини и дека брзо ќе се исчисти воздухот. Но бидејќи такво нешто нема ниту на повидок, на ваквите и слични давачки се гледа единствено низ призмата на партиски вработување и покривање на туѓите загуби и неспособност во работењето.
И бидејќи в понеделник е празникот на македонскиот просветител св. Климент текстот би го завршил со две-три реченици како потсетување и почит кон неговото епохално дело.

Свети Климент Охридски е запаметен како првиот македонски архиепископ, творец на далеку познатата Охридска книжевна школа, автор на кирилската азбука, закрилник и патрон на македонскиот народ низ целата негова историја. Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња, црковно, просветно, книжевно, тој е заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет. Прашањето е како Македонија досега му се оддолжила и го оправдала неговото дело.

Со најновите истражувања и рангирања на последните места, според нивото на писменост кај македонските средношколци, нашата држава и особено нејзиниот образовен систем не само што не му се оддолжија на начин како што заслужува туку и го посрамотија неговото дело. Земјата и народот, кои на Европа ѝ ја дале писменоста, не смеат да си дозволат да се најдат на самото дно на образовното скалило и на ранг-листата за писменост во Европа и во светот.

И потоа друг ни е винoвен што тапкаме во место и ништо не ни оди од рака во која било сфера од општеството. Затоа предлагам нашиот принцип што ќе нѐ извади од општествената кал во која се наоѓаме да гласи еден за сите, сите за св. Климент. Принципот се однесува на сложност и обединетост, но уште повеќе на фокусирање на кадровскиот и образовен потенцијал во сите сфери на државата.

Неопходно е целиот потенцијал да го посветиме на подигање на нивото на образованието, стручноста, квалитетот, конкурентноста… Тоа ни недостига во сите сфери на општеството. Затоа се поразителни состојбите во образованието, судството, политиката, здравството, економијата… Како што св. Климент се вложил себеси за македонскиот народ и за писменоста на целиот христијански свет, така сите треба да се вложат да ги поправат состојбите, пред сѐ во образованието. Само така достоинствено ќе му се оддолжиме. И никако поинаку.

[email protected]