Европа на крстосница, Македонија на пешачки премин

356

Според многумина, одбројувањето за најважните парламентарни избори во историјата на Унијата, кои ќе се одржат во мај 2019 година, веќе е започнато, а исходот од нив ќе го отслика новиот сооднос на силите на политичките формации преку кои потоа и практично ќе се одредат идните визии врз кои ќе дејствува и ќе функционира Европската Унија

Годинава е пресудна за Европската Унија бидејќи како никогаш досега таа сега се наоѓа на можеби најфреквентната раскрсница во своето дејствување од нејзиното основање. Ова е заклучокот на мноштвото светски медиуми, но и политички аналитичари што изминатиов период активно ги следат случувањата внатре во ЕУ.
Според многумина, одбројувањето за најважните парламентарни избори во историјата на Унијата, кои ќе се одржат во мај 2019 година, веќе е започнато, а исходот од нив ќе го отслика новиот сооднос на силите на политичките формации преку кои потоа и практично ќе се одредат идните визии врз кои ќе дејствува и ќе функционира Европската Унија.

Главното прашање на овие избори во Европскиот парламент има „егзистенцијални“ карактеристики. Тоа е така бидејќи во изминатите години ЕУ изгуби голем дел од контактот со своите основни вредности, кои за волја на вистината се претставени во дејствувањето на партиите од левицата. Истовремено, паралелно со овој процес каде и да се погледне на денешната политичка карта на Европа, може да се забележи тренд што покажува дека т.н. антиестаблишмент-движења, кои своето политичко дејствување го темелат врз популизмот и врз конзервативизмот и кои истовремено се скептични за процесот на проширувањето на Унијата или веќе се на власт или со голема пареа грабаат кон оваа цел.

Додека политичките партии на ЕУ се подготвуваат за својата битка да обезбедат моќ за смена на политиките на Европската Унија, вреден за забележување е фактот дека во 2019 година треба да бидат обновени неколку клучни позиции на европските институции, меѓу кои местото претседател на Европската комисија, на кое во моментов е Жан-Клод Јункер од Луксембург, и местото претседател на Европската банка. Во меѓувреме, трката за наследник на Јункер трае во заднина веќе со месеци, a за негов наследник често се споменува името на Французинот Мишел Барние, кој моментално е главен преговарач за брегзит во име на Унијата со Лондон како и тројца германски политичари, меѓу кои се и сегашниот министер за економија Питер Алтмајер, министерката за одбрана Урсула фон дер Лејен како и Манфред Вибер, кој е претседателот на Европската народна партија (ЕПП) на оваа земја.

Од македонска перспектива, пак, овие случувања во Европа треба добро да се следат бидејќи директно и индиректно од нив зависи и иднина на нашите преговори за членство со ЕУ

Во меѓувреме, лани во септември, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност Федерика Могерини навести дека нема да побара уште еден мандат на таа позиција, откако тој ќе ѝ истече во 2019 година. Могерини, која е поранешна италијанска министерка за надворешни работи, е на европската функција од 2014 година. Натаму, наскоро завршува и мандатот на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Тој во последната изјава на оваа тема истакна дека сака својот мандат да го заврши со отворање на преговорите на ЕУ со Македонија и со Албанија. Во ноември годинава завршува и мандатот на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој домашната јавност го памети по силната поддршка на спогодбата со Грција и по неговиот говор на македонски јазик што го одржа лани во април, за време на неговата посета на нашата држава.

Од македонска перспектива, пак, овие случувања во Европа треба добро да се следат поради неколку причини, бидејќи директно и индиректно од нив зависи и иднината на нашите преговори за членство со ЕУ.
Најважна е првата, односно политичката димензија на настаните, која зависи од идниот сооднос на силите на парламентот по изборите во Унијата.
Логично, сето тоа ќе влијае и врз поддршката на Европа за тоа кога и дали воопшто Македонија ќе ги започне преговорите за членство со ЕУ, хипотетички доколку парламентот во Брисел го предводат повеќебројни конзервативни парламентарци наспроти актуелниот сегашен состав.

Втората причина на случувањата има економска заднина, која исто така може да влијае врз Македонија. Тоа се темели на фактот што е тешко од оваа точка да се процени и да се предвиди како овие промени на моќта во европскиот парламент ќе се отсликаат и на економијата. Дали повеќебројните конзервативци во парламентот на ЕУ ќе ги зголемат таксите, даноците и правилата во трговијата со Македонија знаејќи притоа дека истовремено државите од Унијата се практично и нашите најголеми трговски партнери, а тоа го покажуваат податоците и на македонската и на европската статистика веќе со години.

[email protected]

Фото: Маја Јаневска-Илиева