Европа ги санкционира кочничарите, а ние?

258

Во развиените демократски држави доколку со некој чин се прегази националниот интерес или се закочи и блокира работата на државата и собранието, може пред судовите кривично да одговара и естаблишментот во парламентот што ја закочил работата на државните институции. Но какви се сликите и приликите кај нас?

Граѓаните на една држава и нејзините институции и демократија ги прават идеалите и вредностите на една држава големи. Ова е една од познатите мисли што ги истакнал некогашниот американски претседател Роналд Реган. Овие пораки на Реган се значајни и за Македонија во време кога повторно се актуализира прашањето за стекнување државјанство на вештачки начин, вонинституционално и надвор од законите. Имено, две албански партии (Алијанса за Албанците и Алтернатива) бараат државјаните од поранешните југословенски републики што до независноста, на 8 септември 1991 година, живееле во Македонија да можат да добијат македонско државјанство само со изјави од сведоци, без да бидат приложени документи како доказ при нормалната законска процедура. Притоа се бара да се скрати времетраењето на престој од осум на четири години и условот познавање на македонскиот јазик да се смени со познавање на еден од службените јазици на Македонија. Со овој чин, според информациите во јавноста, се отвора вратата за злоупотреби со државјанствата на нашата земја, при што може да бидат издадени и до 70 илјади нови документи. Притоа, целиот процес на вештачко и незаконско стекнување македонско државјанство се води по пат на политички уцени, блокади на Собранието итн. Македонија во неколку наврати во минатото им додели државјанства на странски граѓани, со што вештачки се наруши етничката рамнотежа во државата, односно нагло се зголеми бројот на албанското население.

Последниот чин се случи по конфликтот и бегалската криза во Косово, каде што огромен број граѓани на Косово едноставно останаа да живеат во Македонија, формирајќи семејни заедници со македонски граѓани. Токму лидерите на најголемата албанска партија ДУИ деновиве се фалат во медиумите дека во нивниот мандат приближно 50 илјади Албанци добиле македонски пасош. Натаму, сличен беше и примерот во деведесеттите, кога во далечната 1991 година тогашната власт преку политички договор со партиите од албанскиот блок одобри добивање на 150 илјади македонски државјанства на Косовци.
Очигледно оваа најнова епизода на притискање на одредени центри на моќ врз државата за издавање државјанства и пасоши се манифестира преку политичките уцени. Нашето собрание сега е заробеник на злоупотребата на демократијата од страна на неколку пратеници, кои на овој начин ем го рушат парламентот, ем во време на корона-криза не дозволуваат Македонија да ги искористи сите свои потенцијали да се справи со здравствените и економските последици од ковид-19. Условувањата од типот прво државјанства, па потоа одблокирање на Собранието е крајно неприфатливо и против сите законски и морални норми.
Токму ваквиот неуставен процес за добивање државјанства преку политички пазар и договор беше оценето како проблематично и од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој реагираше дека случувањата се нелогични затоа што македонскиот устав и законите му даваат можност секому за решение доколку некое лице сака да стане граѓанин на нашата земја.

Дополнително, начинот на извршувањето на притисоците преку филибастерингот ни најмалку не личи на развиените демократски држави, како на пример Франција, Германија или САД. Во Франција доколку со некој чин се прегази националниот интерес и се закочи и блокира работата на државата, може пред судовите и кривично да одговара естаблишментот во парламентот што ја закочил работата на државните институции.
Во соседна Албанија, пак, според тамошните закони, има исклучително строга законска процедура за тоа кое лице може да добие албанско државјанство.
Токму затоа во овие моменти е пресудно да не се потклекнува на политичките притисоци и во однос на прашањето за државјанствата да се почитуваат стриктно Уставот и законот. Само така на нашите партнери во ЕУ можеме да им покажеме дека сме држава што си ги почитува своите вредности и правила и на тој начин политичките процеси да донесат стабилизација и внатрешна кохезија.

[email protected]