Евангелие по лидерот

571

Логично е од ваков празник да испратиш порака во духот на христијанството, а злоупотреба за лични цели е кога од дворот на црквата, небаре на партиски митинг, делиш политички пораки и навреди кон политичките противници. Во црква се оди со искрен пристап кон бога, а не со лицемерен обид да освоиш некој глас повеќе палејќи свеќа или крстејќи се пред иконата

Има ли нешто свето за политичките лидери во Македонија или, пак, во обидот за глас повеќе се злоупотребува сѐ, па дури и верата на која постојано се повикуваат. Едно е да се биде дел од прослава на голем верски празник, а сосема друго е за време на таа прослава да парадираш меѓу верниците поздравувајќи се со нив и тоа сѐ уредно да го документираат медиуми, па и партиски пиар-фотографи. Логично е за таков празник да испратиш порака во духот на христијанството, а злоупотреба за лични цели е кога од дворот на црквата, небаре на партиски митинг, делиш политички пораки и навреди кон политичките противници. Во црква се оди со искрен пристап кон бога, а не со лицемерен обид да освоиш некој глас повеќе палејќи свеќа или крстејќи се пред иконата.

Токму таква беше сликата што годинава беше видлива за Голема Богородица и како по непишано правило се повторува речиси за сите големи празници. Уште еднаш се потврди практиката на политичарите да ги користат верските храмови и верските празници за свои политички интереси, кога по правило таму има големо присуство на верници. И секогаш се даваат политички изјави од црковите дворови на актуелни теми, а овој пат тоа беше политичката состојба во државава пред закажаниот референдум на 30 септември годинава. Сепак, важно е и да се истакне дека досега јавно никој не реагирал и не ги осудил овие постапки на политичарите, без разлика дали се од власта или од опозицијата. Дилемата што се наметнува во овие случаи е дали политичко присуство на овие настани, повеќе личи на партиски собир, отколку на искрен однос кон верата. Дали сето ова покажува дека крајната цел е пропагирање на својот партиски интерес и потребата да се допре до што повеќе гласачи, па на тој начин црквите стануваат злоупотребени?

Освен етичките и моралните принципи во врска со оваа појава, политичарите и државните функционери се оние што дополнително треба секогаш на ум да го имаат уставното начело на секуларност на државата, кое подразбира одвоеност на државата од верските институции. Македонија според Уставот јасно е дефинирана како секуларна држава, во која ниту државата може да се меша во работата на верските заедници, ниту пак тие можат да бидат дел од државното уредување.

Да беа политичарите толку искрени и ревносни верници, како што така посветено се претставуваат за време на големите верски празници, веројатно ќе беа забележувани во храмовите за време на секојдневните обреди или за многу помали поводи. Потребата да се покажат како обични граѓани, блиски до народот е она што можеби најмногу го иритира вистинскиот верник, зашто тој го препознава оној што е дојден во црква или во џамија „заради функција“

Зошто, ако се зборува за секуларност, тогаш претставниците на партиите и на државата се оние што смеат да го кршат тоа начело? Дали споменатата категорија јавни личности злоупотребувајќи ги црквите, користејќи верски празници за политичка пропаганда, всушност се потпираат и го ползуваат авторитетот на црквата? Последното истражување на оваа тема е направено токму во оваа насока, во кое на прашањето дали сметате дека политичките партии ја користат или не ја користат религијата во своите предизборни кампањи, 54,4 отсто од испитаниците одговориле дека партиите повеќе или помалку ја користат религијата за влијание врз гласачите, додека 30 отсто од анкетираните сметаат дека генерално, религијата малку или воопшто не се користи во предизборните кампањи. Инаку, според истото истражување, граѓаните на Македонија сметаат дека партиите имаат влијание врз работата на верските заедници, а истовремено се придонесува за создавање конфликти и поделби помеѓу луѓето врз база на верска припадност. На прашањето, пак, дали практикувањето на верата од политичарите јавно пред камери е позитивно, високи 60,2 отсто одговориле дека тој потег на политичарите е негативен, бидејќи верата треба да остане приватен елемент, надвор од дневната политика.

Сепак, Македонската православна црква-ОА и Исламската верска заедница во земјава, како две најголеми верски заедници во државата, добиле здрава тројка како оценка за довербата што ја уживаат кај граѓаните. Да беа политичарите толку искрени и ревносни верници, како што така посветено се претставуваат за време на големите верски празници, веројатно ќе беа забележувани во храмовите за време на секојдневните обреди или за многу помали поводи. Потребата да се покажат како обични граѓани, блиски до народот е она што можеби најмногу го иритира вистинскиот верник, зашто тој го препознава оној што е дојден во црква или во џамија „заради функција“. Токму посетата на верските објекти и покажувањето дека еден политичар е почитувач на верата и религијата воопшто, како и дека е некаков едуциран или традиционален верник во јавноста може да се толкува и дека тој е морален човек и не остава простор за манипулации и нечесност. Така, кај обичниот граѓанин се отвора можност да стекне доверба во одредениот политичар и да ги следи неговите политички идеали. Сепак, верските објекти како места посветени на Господ, каде што не се делат луѓето по нивната национална, како и по политичка определба, треба да бидат одбегнувани за политичка манипулација од страна на политичарите, за да не се маргинализира значењето на тие институции, верски празници и да не се создаваат тензии меѓу луѓето.