Духот на времето е и во малите нешта

194

Духот на времето што го живееме се содржи, впрочем, како и отсекогаш, и во малите нешта со кои секојдневно се среќаваме, во предмети што некогаш не ги ни забележуваме, а другпат, и да ги забележиме, не им го посветуваме заслуженото внимание. Не од други причини, би рекле повеќе од немукает отколку со свесна намера, а поточно поради начинот на кој барем ние овде, од мали нозе, генерално, сме насочени да ги гледаме работите. Па, така, воопшто и не се изненадуваме кога во светот респектираните нешта, кај нас тешко се пробиваат до нивото што го заслужуваат, и тоа, за жал, на штета на граѓаните. Поточно, на жителите на Македонија. Едни од тие се и малите продавници што ги има во дел од музеите и галериите во градовите, но и надвор од нив, во посебни дури и монтажни објекти, а меѓу другото и на граничниот премин со Грција, Богородица.

Таквите продавници, или подобро „продавнички“, поради просторот што го заземаат на самите влезови на објектите, и во овој период, кога сме секојдневно предупредувани да внимаваме со колку луѓе престојуваме на исто место, сѐ уште се привлечни за посетителите. Во нив може да се видат и купат различни предмети поврзани со историските, археолошките, етнолошките и современите уметнички појави, процеси и личности. Места за средба со минатото, со сегашноста и со визиите за иднината содржани во копиите на вредните наоди, во артефактите од некогаш и денес, како и во низата различни публикации, но и парчиња облека.
Со оглед на пандемијата на ковид-19, не изненадува помалата сегашна посетеност на музејските продавници, а со тоа и помалиот финансискиот ефект од продажбите, но важно е да се спомене дека, како што и велат продавачите, во нив сѐ уште купуваат и домашните посетители, а не само ретките странци. Но, сепак, познато е дека дури и на фрижидерите во домовите во Македонија многу ретко се среќаваат магнети купени во таквите продавници, магнети со мотиви од археолошкото богатство откривано на домашно тло, како што се незаборавните артефакти што беа презентирани на изложбата „Статусни симболи кај пајонските заедници“ во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје, во 2019 година. Мотиви од кои застанува здивот. Добро е што мотивите на дел од тие експонати може да се видат и на платнените торби што во продавничката на истиот музеј и сега се продаваат, што говори за маркетиншката ефикасност, но истовремено и го свртуваат вниманието на прашањата од типот дали и во колкава мера во нашето секојдневие ги среќаваме предметите од домашните музејски продавници.

Колку често влегуваме во нив да купиме публикации, каталози, книги, монографии за творештвото на одредени уметници на пример и да ги однесеме во домашните библиотеки? Дали оттаму понекогаш купуваме и беџови, бандани, маици со мотиви од дела од потврдени уметници, со дизајни од помалку или повеќе познати автори, со што можеме да придонесеме и за развојот на домашната уметничка и културна сцена? Можеме ли лично да придонесеме и повеќе?
Во пандемичниов период, кога патувањата во странство се многу поретки од порано, фокусот на случувањата во земјава е посилен, а тука спаѓа и потребата од поставување прашања поврзани со културниот туризам, но и со врските помеѓу уметноста, екологијата и економијата.
Пријатно изненадува секогаш инвентивноста на дел од музеите и галериите за поврзување и презентација и на светските еколошки процеси и уметничкото творештво, за зацврстување на врската меѓу уметноста и екологијата, која во Македонија, иако е присутна со децении, сѐ уште не е многу видлива, а е повеќе од неопходна. Со децении постојат и сѐ уште се создаваат голем број уметнички дела што во себе содржат еколошки пораки, кои за разлика од претходно, сегашните млади генерации многу побрзо ги набљудуваат во контекст на актуелните процеси за потреба од заштита на планетата Земја, во контекст на климатските промени.
„Кој на друг ќеса му дава, сам во ќеса ќе падне!“ е една од десетте екопораки испишана на новите платнени торби што од неодамна може да се купат во продавницата на Музејот на современата уметност, како резултат на заедничката акција на овој музеј и на колективот „ОПА – Опсесивно посесивна агресија“, во борбата против користењето пластика за еднократна употреба. Торбите изгледаат како мали бели подвижни паноа со моќни пораки, кои од прва го свртуваат вниманието на големиот проблем со загадувањето што го предизвикуваат пластичните кеси, коишто како отпадоци се среќаваат насекаде во Македонија.

Иако проблемот е долготраен, а неговото решавање нема да оди брзо, важно е што и во оваа борба се вклучени уметници, што во музејската продавница на Скопското кале торбите со пораки висат на видливо место, што ги купуваат и млади луѓе и во време на пандемија, што носејќи ги по улиците и тие добиваат можност да влијаат на издигањето на уметничката и еколошката свест на граѓаните.
Духот на времето во кое живееме се содржи и во малите предмети со големи пораки, сместени во музејските продавници, кои, според најавите, сѐ поинтензивно размислуваат, а некои и веќе работат на реализација на своите планови за онлајн продажба. Во сѐ поактуелната и сѐ поприсутна онлајн продажба во светот, и на предметите поврзани со музеите и галериите од земјава треба да им се даде можност да се изборат за своето место во животот на граѓаните. Да стигнат полесно до полиците во нивните станови, во домашните библиотеки, не само до вратите на фрижидерите во кујните!