Другата страна на паричката

648

Искуството со предвремените избори во Македонија покажува дека тие се употребуваат како метод за префрлање на одговорноста и купување време од страна на политичарите, за потоа пак сѐ да продолжи по старо. Она што загрижува е тоа што, како што стојат работите сега, најверојатно и на овие избори ќе се оди со старите и добро познати проблеми на кои укажуваат и меѓународната заедница и експертите, а тоа се потребата за промена на изборниот модел со една изборна единица, воведување отворени изборни листи итн. Без овие суштествени промени нејасно е колку овие, но и кои било други избори ќе придонесат за вистинска демократизација на државата и за враќање на моќта за одлучување кај граѓаните наместо кај политичките елити

Парадоксално, но во Македонија се покажа како успешен политички трик, неуспехот на домашен или на меѓународен план да се амортизира со предвремени избори. Навидум преку најдемократскиот инструмент – изборите, политичарите доброволно се ставаат пред „судот на народот“, а всушност одговорноста за неуспехот ја пренесуваат на сметка на граѓаните, како своевидна „колективна одговорност“. Притоа се посегнува по, исто така, навидум демократската парола – „народот да одлучи за сопствената иднина“, а од друга страна политичарите да добијат легитимитет за практикување на политиката – неуспехот го делиме сите, а успехот е (само) наш.

Ефектот од последното „не“ на ЕУ за датум за почеток на преговорите за членство на Македонија, се одрази со исклучително динамичен политички викенд во Скопје и изненадувачки усогласени ставови на инаку спротивставените партиски чинители на општествено-политичкиот амбиент. Најпрвин премиерот Зоран Заев по драматичното изразување разочараност од одлуката во Брисел, односно на скептичноста на францускиот претседател Макрон во однос на проширувањето на ЕУ, го фрли во македонската јавност (а делумно и спрема ЕУ), предизвикот наречен – итни предвремени парламентарни избори. Потоа, претседателот Пендаровски закажа лидерска средба, а веќе утредента, по релативно кратка средба во претседателската вила на Водно – лидерите на парламентарните партии излегоа задоволни со договор на 12 април 2020 година да се одржат уште едни предвремени парламентарни избори. Навистина, избори на седум-осум месеци пред редовниот термин ја задоволуваат политичката коректност за да бидат предвремени, но шест месеци по денот кога се случил меѓупартискиот консензус за нивно одржување, некако не го задоволува критериумот за итност, на што се повика премиерот во своето барање.

Кога одржувањето (предвремени) избори би значело решавање на одреден проблем, кој го отежнува функционирањето на државата и на општеството, нивното спроведување, според општата и политичката логика, би било оправдано, па дури и пожелно. Но искуството со предвремените избори во Македонија покажува дека тие се употребуваат како метод за купување време на политичарите. Уште поапсурдно е што предизборниот период се користи како оправдување за празниот од, односно запирање на секакви реформски процеси, па и одолжување на секојдневни административни процедури неопходни за нормално функционирање на општеството. Колку е подолг предизборниот период, толку е поголема опасноста од застој за спроведување на секоја реформа, реализација на одредени иницијативи, а и економските бизнис-процеси течат со зголемена претпазливост, на ниво на резервни капацитети.

Со воведувањето на принципот на т.н. пржинска влада, односно сто дена пред одржувањето на изборите да се формира своевидна коалициска влада, во која ќе учествува и опозицијата, а избраниот премиер ќе биде заменет со технички (повторно од партијата на власт), одржувањето какви било „итни“ избори претставува своевиден политички оксиморон. Чекањето до декември за наводно да се добие полноправното членство во НАТО (со што на некој начин би се ублажил ефектот од недобиениот датум за преговори со ЕУ), според изборната математика го проектира 3 јануари 2020 г. за почеток на функционирање на т.н. пржинска влада, која треба технички да ги организира изборите. Сите овие изборно-политички калкулации (дополнети со консултација на верските календари) го исфрлиле 12 април, идната година, како најсоодветен одговор на барањето за итност на изборите.

Сепак, иронијата на оваа итност е што иако предвремените избори ќе се случат за шест месеци, веќе се пуштаат сигнали дека тоа е краток временски рок за измени на Изборниот законик, односно за воведување нов изборен модел – една изборна единица и отворени изборни листи, за што веќе постои иницијатива во Собранието од малите политички партии, а одамна е во препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Освен тоа, повторно се става под прашалник и спроведувањето на пописот, кој беше предвиден за април 2020 година, токму во месецот кога се најавија предвремените парламентарни избори. И законот за попис е во собраниска процедура од поодамна, но нема поместувања ниту во комисиската расправа. Во декември годинава би требало да станат официјални и забелешките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците, за кои актуелната влада вети дека ќе ги спроведе, па се чини дека изборите ќе бидат искористени како елегантен изговор за неодржување и на тоа ветување. Реформите во судството (кои беа наведени како аргумент за скептицизмот на Франција за недоделување датум за преговори), се чини повторно ќе бидат ставени на чекање…

Повторно се покажува дека во македонското практикување на демократијата, изборите се совршен изговор за „времето и светот“ да запрат во (за) Македонија. Она што загрижува е тоа што, како што стојат работите сега, најверојатно и на овие избори ќе се оди со старите и добро познати проблеми на кои укажуваат и меѓународната заедница и експертите, а тоа се потребата за промена на изборниот модел со една изборна единица, воведување отворени изборни листи итн. Без овие суштествени промени нејасно е колку овие, но и кои било други избори ќе придонесат за вистинска демократизација на државата и за враќање на моќта за одлучување кај граѓаните наместо кај политичките елити.