Денови на опасно живеење

1083

Како се носи Македонија со најновиот проблем и колку сите заедно сме свесни за сериозноста на ситуацијата. Нагласувам сите заедно бидејќи превенцијата и борбата со коронавирусот не се обврска и одговорност на една институција или на еден функционер, туку на секој граѓанин поединечно. Од однесувањето и одговорноста на секој поединечно зависи здравјето на целата нација. Во спротивно може да ни се случи крах на државата и геноцид (коронацид) на македонскиот народ

Политичките лидери во земјава се договорија и постигнаа консензус за една работа. Нема одложување на изборите. Тоа за нив е приоритет број еден. За се друго имаат различни погледи. Но само навидум различни. Зошто навидум? Па затоа што по методите на практикување на политиката, по многу нешта власта и опозицијата личат на сијамски близнаци. Еве, да ги земеме кандидатските листи на пример.
Во исчекување на програмските понуди, она што моментално може да послужи како некаква платформа за споредбена анализа се објавените кандидатски листи за пратеници. А во нив ќе најдете од сѐ по нешто. И кај едниот и кај другиот политички табор.

Ред исти, истрошени ликови, кои долго се во политиката, па ред анонимци и политички аутсајдери, па ред политички трансвестити, чие хоби е менување политички дресови по потреба. Сѐ на сѐ ништо ново, ништо спектакуларно па дури можеби и по малку разочарувачки.
На листите, и кај едните и кај другите, недостига факторот мотивација. Некаква нова препознатлива креативна енергија, некое пријатно изненадување, некое бренд-име и слично.

Ако ова е најдобрата кадровска понуда со која располагаат политичките партии тогаш, веројатно, и не треба да нѐ чуди што пак едни исти луѓе се нудат за пратеници, де за едните де кај другите. Да вредеа и да знаеја нешто повеќе немаше да бидеме онаму каде што сме. На опашката на Европа. Но тоа покажува дека власта и опозицијата се практично исти во поимањето и практикувањето на политиката. Дека трансфер-листите се постојано отворени, а политичкиот пазарлак секогаш на цена. За понудата и кандидатските листи последниот збор, сепак, ќе го кажат граѓаните на 12 април.

Она што во моментов е многу поважно и ја преокупира целокупната меѓународна и домашна јавност е справување со најголемиот предизвик и закана на денешницата, вирусот ковид-19, попознат како коронавирус. Како Македонија се носи со овој проблем и колку сите заедно сме свесни за сериозноста на ситуацијата. Нагласувам сите заедно бидејќи превенцијата и борбата со коронавирусот не се обврска и одговорност на една институција или на еден функционер, туку на секој граѓанин поединечно. Од однесувањето и одговорноста на секој поединечно зависи здравјето на целата нација. Досегашното искуство покажува дека одредени надлежни органи и институции професионално си ја вршат работата, што е за поздравување, но, за жал, има и случаи на сериозни пропусти, но и обиди за манипулација, ширење лажни вести и паника, за стекнување ситни политички поени.

Тука уште веднаш треба да се нагласи дека коронавирусот не е тема за политичка кампања уште помалку за политичка пресметка. Се работи за здравствена и безбедносна закана со која се соочува целиот свет и сосема несоодветно е на зараза, светска пандемија и смртоносна болест некој да печали политички поени. Зашто не постои сдсмовска и вмровска корона. На Македонија ѝ за заканува ковид-19, коронавирус што е еднакво опасен за сите. Тоа подразбира и одговорно однесување на сите.

Наместо само напразно политичарите меѓусебно да се критикуваат и обвинуваат многу поефикасно е доколку ги здружат силите и ресурсите во справување со предизвикот и надминување на опасностите. Ние имаме техничка влада задолжена за спроведување на изборите, но во моментов ни е потребен некој поширок технички експертски тим, своевидна корона-влада за превенција од вирусот. Едноставна промена на приоритетите. За техничката влада, за власта и опозицијата сега врвен приоритет треба да е заштитата на јавното здравје.

Понатаму. Какви било обиди за прикривање, фризирање или шминкање на информациите поврзани со коронавирусот може да се вратат како бумеранг. Никој не треба да има сомнение дали прикажаната бројка на заразени лица или оние што се во самоизолација е вистинска, но и самата помисла за евентуално замаглување или прикривање на реалната слика е вознемирувачка. Еве, еден наједноставен пример. Во Велика Британија вчера до пладне се потврдени 609 случаи, но главниот научен советник на британската влада, Патрик Валанс, посочи дека многу поверојатно е дека реалниот број на заразени е некаде меѓу 5.000 и 10.000 лица. Што значи и до 16 пати повеќе од официјално потврдените случаи.

Може ли некој да замисли што би значело доколку ваквите бројки се пресликаат во Македонија. Крах на државата и геноцид (коронацид) на македонскиот народ.
Зачудувачки и изненадувачки се и изјавите на власта во однос на економијата, дека ако се видат сите економски параметри во државата денес се и натпросечни резултатите што ги имаме. Надлежните уверуваат и дека приливите што државата ги очекува од економијата се стабилни, дури се надминуваат во дел од нив.
Камо среќа да е така, но бизнис-заедницата не го кажува тоа. Напротив, стопанствениците бараат итни и неодложни пакет мерки поради реална опасност од рецесија.

Дека состојбите во економијата се драматично влошени покажуваат и најновите огромни загуби на берзите низ целиот свет, кои не се забележани од големиот пад во 1987 година и т.н. Црн понеделник. Клучните индекси на големите пазари на капитал доживеаја целосен колапс.

Светската економија е на колена и тоа мора да нѐ загрижува, наместо да се храбриме и да се праќаат утешителни пораки дека сме имале натпросечни резултати. Разбирливо е дека влегуваме во предизборна кампања, но фризирањето или прикривање на вистинските бројки е веројатно најлоша опција.

Во однос на економијата, деновиве мноштво нејаснотии и спротивставени ставови има и за тоа дали мерките на Владата за скратено работење и отсуство од работа се само препораки или и обврска. Властите велат едно, работодавците друго, правниците трето. И тука е неопходно да се усогласат ставовите и политиките, пред сѐ во интерес на јавното здравје, но не и на штета на економијата. Овие денови на опасно живеење треба да се пребродат на најефикасен можен начин.

На крајот, неколку збора и за средствата за информирање. И овој пат како и при секоја кризна или вонредна ситуација во минатото, клучна улога имаат медиумите.
Тука, пред сѐ, се мисли на етаблирани медиуми, со традиција, знаење, во кои се почитуваат професионалните новинарски стандарди. Тргнувајќи од оваа своја улога и мисија, како прв македонски дневен весник, „Нова Македонија“ уште првиот ден по воведувањето на серијата превентивни мерки воведе неколку посебни специјализирани страници со сите можни информации поврзани со вирусот ковид-19. Тоа практично значеше брзо преструктурирање во согласност со новонастанатата состојба, дополнително мобилизирање на сите расположиви капацитети, за правовремено, сеопфатно и точно информирање за коронавирусот во интерес на граѓаните и јавноста. Таа наша мисија ќе ја продолжиме и понатаму, додека сосема не исчезне опасноста и додека и последниот заразен не оздрави.

И не само ние. Вреди да се спомене дека македонските професионални новинари повторно се најдоа во првите борбени редови, се изложија себеси на ризик како и претходно и секогаш кога било потребно. Сѐ во интерес на граѓаните и јавноста. Во интерес на Македонија. Ете, зошто со години во речиси сите меѓународни извештаи, меѓу кои и во последниот извештај на „Репортери без граници“, новинарството се вбројува меѓу најопасните професии во светот.

Во однос на Македонија, може да се додаде – и меѓу најмалку платените. Сепак, не е сѐ во парите и бенефициите, нели? Предизвикот со пенкало и лист хартија да се борите (овој пат против короната), веројатно, е поголем од сѐ.

[email protected]