Двете лица на човечноста

1881

На денот на несреќата, кога целата држава беше завиена во тага и жалост, социјалните мрежи пукаа од говор за омраза, па дури сето тоа непотребно зачинето и со национална односно етничка мирудија. И додека на терен граѓаните, болничките екипи, безбедносните служби и други надлежни институции се бореа со секундите и вложуваа максимални напори да помогнат, некои други од дома седнати, зад тастатура, сееја омраза и нетрпеливост. Има ли тука етика и професионалност, но и познавање на елементарните човечки вредности или сѐ се сведува на желбата за божемна ексклузивност, при што се заборава и на трагедијата и на семејствата на настраданите?

Со длабоко жалење и неверување ја примија македонските граѓани страшната вест за автобуската несреќа. Уште на почетокот, искрено сочувство до семејствата на оние што ги загубија животите и нашите молитви се со семејствата на настраданите и повредените од оваа стравотна несреќа. Мaкедонија е во тага и жалост за загинатите во автобуската несреќа. Четиринаесет судбини, четиринаесет света само така, во секунда беа прекинати, згаснати. Колку работи останаа некажани од нив, колку планови имаа, сништа, желби, болки и таги, никој не знае…

Меѓу настраданите и повредените има и Македонци, и Турци, и Албанци, а и месното население што притрча прво напомош е исто така од мешан етнички состав. И првата мисла на сите нив беше да им се помогне на настраданите. Што носи мигот, не носи годината, а тоа добро го знаат сите што веднаш притрчаа напомош, воопшто не штедејќи се себеси и вложувајќи натчовечки напори да помогнат во несреќата. Заедно, сложно и обединето, за што мора да им се честита.

Сепак, има една стара поговорка, која вели дека несреќата никогаш не доаѓа сама. Па, така и оваа. На денот на жалост и трагедија веднаш се јавија „дежурните“ експерти, но и некои политички „фалбаџии“, кои додека Гостивар и цела Македонија тонеа во болка и земјата беше завеана во црно, се обидоа преку социјалните мрежи да ја експлоатираат трагедијата за само ним познати цели, што е надвор од здравиот памет.
Па, така, имаше коментари дека новото име Северна Македонија си го зело данокот. Други пишуваа дека сообраќајната несреќа е саботажа против НАТО и Северна. Па, се споменуваше и Карпалак, што веднаш некои го протолкуваа како споредба или правење алузија со жртвите од конфликтот од 2001-та итн.

Небулози, апсурди, злонамерни претпоставки низ социјалните мрежи поврзани со несреќата имаше толку што кај многумина предизвика не само вчудовиденост туку и нагон на гадење.

Треба ли да се прават какви било паралели на сообраќајна несреќа со голем број човечки жртви и во тоа да се вметнува сосила политика? Каде ги загубивме човечноста и сочувствителноста? Има ли некаков човечки морален коректив во општеството да се процени што заслужува статус, а што не? Кога треба да се закочи и да се покаже барем трошка сочувствителност, трошка човечност наместо да се разгорува огнот.

На денот на несреќата, кога целата држава беше завиена во тага и жалост, социјалните мрежи пукаа од говор за омраза, па дури сето тоа непотребно зачинето и со национална, односно етничка мирудија.

Оваа трагедија повод нека биде за менување на навиките кај сите, за многу поголема одговорност, за поголема присебност во сообраќајот, повторно кај сите. А почитта кон настраданите и нивните семејства нека биде искажана преку брзо расчистување на случајот

На овој начин само се поттикнува револтот кај луѓето. Револт што оди дотаму да предизвика и етничка и национална нетрпеливост, која најмалку ни е потребна во овој момент. Додека на терен граѓаните, болничките екипи, безбедносните служби и други надлежни институции се бореа со секундите и вложуваа максимални напори да помогнат, некои други од дома, седнати зад тастатура, сееја омраза и нетрпеливост.

Има ли тука етика и професионалност, но и познавање на елементарните човечки вредности или сѐ се сведува на желбата за божемна ексклузивност, при што се заборава и на трагедијата и на семејствата на настраданите? Дека посочените примери се само поединечни случаи и дека огромното мнозинство македонски граѓани, институции и органи сепак останаа сплотени во болката покажа и откажувањето на сите планирани настани и манифестации и, секако, прогласувањето на 14 и 15 февруари за денови на жалост во целата држава.

Она што сега го очекува јавноста е брзо утврдување на причините за несреќата и преземање на сите потребни мерки за утврдување на одговорноста и евентуалните пропусти.

Оваа трагедија нека биде повод за менување на навиките кај сите, за многу поголема одговорност, за поголема присебност во сообраќајот, повторно кај сите. Почитта кон настраданите и нивните семејства нека биде искажана преку брзо расчистување на случајот.

И, конечно, крајно време е да се направи нешто да се намали или спречи данокот во крв, кој постојано се наплаќа по патиштата. Во овој сегмент сѐ уште има многу работа и потребни се брзи мерки и акција. Дали тоа ќе се манифестира преку почести контроли на тоа кој вози, како вози и што вози, каков ни е возниот парк, каква е сообраќајната култура, дали се доволни сегашните казнени мерки или треба поостри, какви се патиштата и инфраструктурата… сето тоа е област и прашања што бараат итни одговори и неодложни мерки за да нема следни несреќи и трагедии.

На крајот на краиштата, не смееме да заборавиме дека сите заедно делиме иста судбина, живееме во иста држава и под исто небо, без разлика со кој автобус се возиме…