Да се оттргнеме од стегите на политиката

245

И како што стопанствениците побрзо се созедоа од политичарите и испратија пораки дека и понатаму мора да се работи како земјава веќе да е членка на Унијата, така поради очигледната криза во политичките структури, остатокот од општеството, пред сѐ бизнисмените, веројатно ќе треба да се оттргне од заложништвото на политиката и поенергично да ги придвижи нештата кон прогресот, не само заради членство во Унијата, туку пред сѐ заради општиот интерес, кој, очигледно, веќе одамна не е во видокругот на политичарите

Веста за недобивањето датум за почнување преговори за членство во Европската Унија и најавата за одржување предвремени парламентарни избори одекнаа силно во македонската јавност, но особено ги погодија бизнисмените, кои во долготрајната политичка криза во земјава и блокираните евроинтеграции очекуваа властите конечно да обезбедат некаква стабилност и предвидливост на процесите. И како што стопанствениците побрзо се созедоа од политичарите и испратија пораки дека и понатаму мора да се работи како земјава веќе да е членка на Унијата, така поради очигледната криза во политичките структури, остатокот од општеството, пред сѐ бизнисмените, веројатно ќе треба да се оттргне од заложништвото на политиката и поенергично да ги придвижи нештата кон прогресот, не само заради членство во Унијата, туку пред сѐ заради општиот интерес, кој, очигледно, веќе одамна не е во видокругот на политичарите.
Мора да се изгради свест дека состојбите пред сѐ зависат од нас и дека ако сакаме да се приближиме до европските стандарди, мора да ги почитуваме и применуваме правилата на игра во секојдневниот живот. Неопходно е сите да ги засукаме ракавите, да работиме најдобро што можеме и да ги исполниме поставените норми, инаку, во спротивно, никој не може да нѐ направи подобри од тоа што сме. Со почитување на поставените нормативи, бизнисмените похрабро ќе инвестираат во нови бизниси, а на тој начин ќе се отвораат нови работни места, ќе се зајакне економијата, а со неа и животниот стандард на граѓаните.

Бесмислено е вечно да се чека некој друг да каже како треба да постапиме или кој е правилниот начин. Сите сме свесни дека правилата и институциите мора да се почитуваат, а институциите или вработените во јавните институции треба да возвратат со неселективност во работата, со почитување на нормативите во областа што ја уредуваат и, секако, со транспарентност во своето работење.
Македонската економија треба да продолжи по истите патеки, а реформите не смеат да запрат, и покрај тоа што повторно нема датум за почеток на преговорите, кое, пак, повлече нов датум за предвремени парламентари избори. Токму оваа одлука предизвика нова загриженост кај бизнис-заедницата, која смета дека влегуваме во нов турбулентен период, исполнет со неизвесност и политичка нестабилност, што, пак, е кочница за нови инвестициски активности и причина за забавување на економијата.
Нашата аспирација да станеме дел од европското семејство може да ја постигнеме ако сите внатрешни процеси се спроведуваат беспрекорно и во согласност со највисоките светски и европски принципи.

Мора да се избориме за подобро образование, кое е неопходно за да се подобрат условите во кои децата ги изучуваат наставните програми и на тој начин подобро да ги совладаат. Со години се зборува за реформи во образованието, но нивната реализација се одвива со очајно темпо. Некои од компаниите ги презедоа работите во свои раце и инвестираат во образованието, кое е значајна алка од синџирот на економијата. Само со добро обучени кадри може да очекуваме раст на економијата, а до такви се стигнува низ образованиот процес, кој, пак, може да го подобрат само надлежните институции.
Но не е само таму предизвикот пред нас, напротив, многу важен чекор за раст на економијата е и реализацијата на капиталните проекти за кои со години се зборува, а исто така тешко се реализираат. Гасификацијата на хартија оди одлично, но во практиката граѓаните само ја зборуваат, благодатите од неа никако да ги почувствуваат. А гасификацијата ќе биде голема придобивка и за компаниите, кои ќе имаат поевтин енергент, со што ќе станат поконкурентни, но истата таа ќе донесе и почист воздух за сите. Треба ли да се спомене дека за железничко поврзување во последниве дваесет години само се зборува, ама на терен работите стагнираат. Секоја година се најавува комплетирање на пругата кон Бугарија и Албанија, ама само се зборува. Патишта постојано се прават и се поправаат, а пак имаме дупки на секој чекор…

Треба ли да се споменат владеењето на правото и справувањето со корупцијата, кои се важни за заштита на инвестициите. Без судство и правда нема економски напредок. Најбитниот сегмент од функционирањето на државата е постојано критикуван како од домашни така и од странски експерти, но реформите и законите што треба да овозможат еднакви услови за сите граѓани тешко се реализираат. Нашиот правосуден систем постојано е заглавен во политички натегања, договарања и пазарења. А зошто е тоа така?

Кога зборуваме за подобар систем на функционирање, неопходно е да се спомене и јавната администрација. Уште една тема за која со години се дебатира, ама ништо не се менува. Лошо е што сѐ уште не се знае ниту точната бројка на вработени во јавната администрација, а уште полошо што сите услуги што треба да им ги обезбедат институциите на граѓаните одат со бавно темпо.

Треба ли да го споменеме пописот?! Каква ефикасност ќе се постигне во кој било проект ако се нема увид во состојбите на терен. Пописот во ниеден случај не зависи од преговорите со ЕУ, ниту пак од изборите, но повторно е жртва на нов изборен процес. Токму пописот ќе ја покаже реалната слика во земјава и ќе ги даде насоките за креирање на понатамошните економски политики и искористување на расположливите ресурси во насока на подобра продуктивност на компаниите.
Сите тие и уште многу други нешта не ѝ се потребни на Европската Унија. Нам ни се потребни заради одржување на секојдневниот живот и заради одржливо функционирање на системот наречен Македонија.