Да ги откочиме реформите во медиумите

224

Како и да е, веќе и на оние на кои досега ништо не им беше јасно, деновиве, по дневнополитичката кавга помеѓу двете најголеми партии, нештата им се разјаснија, или барем им станаа појасни. Една од констатациите што со сигурност може да се извлече по сево ова е дека, очигледно, во Македонија не се можни медиумски реформи дури и кога сите политички партии и лидери би сакале и би се залагале за високопрофесионално, слободно и одговорно новинарство

„Напредокот е единствениот чувар на вистинската слобода на една држава“. Ова е познатиот цитат на еден од основачите на американската држава и татко на Уставот на САД, Џејмс Медисон, за кој можеби треба да подразмислат оние што раководат со Македонија, особено во моменти кога реформите во медиумската сфера со месеци се заглавени во Собранието. Токму унапредувањето на слободата на медиумите е еден од неколкуте клучни услови од кои зависи македонското членство во ЕУ.
Иако состојбата со слободата на медиумите се подобрува, судејќи по последниот светски индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, сепак клучните системски промени во медиумскиот сектор сè уште не се завршени, а меѓу нив се и реформите на јавниот радиодифузен сервис и на медиумскиот регулатор, кои се заглавени во парламентот.

За потсетување, лани за овие реформи пратениците и од опозицијата и од власта едногласно гласаа за измените, но и по повеќе од половина година – измените не се случија.
Изборот на најважното тело на јавниот сервис како и на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), кој има клучни ингеренции во сферата на медиумите, треба да се направи во Собранието со двотретинско мнозинство гласови. Дополнително, по изборот на Советот треба да се откочи и членот 143 од Законот за АВМУ, според кој, кабелските оператори ќе мора да внимаваат при евентуалното пиратирање странска програма, проблем што зазема сериозни размери во нашата земја. Но во практика немаме ништо од тоа.
Во меѓувреме во јавноста беа само лиферувани имиња на потенцијални директори, менаџери и кандидати за членови на Советот, но екипирање никогаш не се случи.
Во овој вакуум простор, додека се чекаат важните реформи во медиумите што се закочени во парламентарниот лавиринт, власта и опозицијата меѓусебно си ја префрлаат вината за проблемот, односно ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на редовна база наместо да работат на подобрување на состојбата меѓусебно се обвинуваат за тоа кој е кочничар, а кој е реформатор.

Како и да е, веќе и на оние на кои досега ништо не им беше јасно, деновиве, по дневнополитичката кавга помеѓу двете најголеми партии, нештата им се разјаснија, или барем им станаа појасни. Една од констатациите што со сигурност може да се извлече по сево ова е дека, очигледно, во Македонија не се можни медиумски реформи дури и кога сите политички партии и лидери би сакале и би се залагале за високопрофесионално, слободно и одговорно новинарство.

Иако состојбата со слободата на медиумите се подобрува, судејќи по последниот светски индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, сепак клучните системски промени во медиумскиот сектор сè уште не се завршени, а меѓу нив се и реформите на јавниот радиодифузен сервис и на медиумскиот регулатор, кои се
заглавени во парламентот

Тоа најверојатно ќе биде ѓаволски тешка работа, барем во наредните неколку декади, бидејќи постигнувањето подобри новинарски стандарди не е врзано ни со партиски преговори, ни со политички одлуки, а воопшто не се пресудни ни најлибералните закони и уставни гаранции за забрана на цензурата и на медиумската контрола. Сето тоа е поврзано со потребата за развој на свеста на општеството за професионализација на оваа област, која ќе поддржува професионални медиуми што правилно ќе информираат и како такви ќе бидат дел од демократскиот капацитет на земјата, дел од образовниот систем, слободарскиот дух и менталниот склоп на народот на оваа држава.

Точно дека многу е тешко да се стави некаков ред во медиумската џунгла, во која вирее вистинско мноштво од информативни медиуми преку таблоидни електронски магазини па до специјално дизајнирани интернет-портали за ширење невистини и лажни вести. Но и да не се прави ништо за подобрување на оваа хаотична состојба, е голем минус, кој и без критиките на меѓународната заедница секогаш ќе ни ги држи вратите затворени за влез во европското семејство.

Дополнително, оваа битка за спроведување реформи во медиумите е клучна за нашата земја и поради фактот што само со доследно почитување на највисоките новинарски стандарди, нашата земја може да застане одлучно пред заканата од ширењето на лажните вести.

[email protected]