Данок за зеленило во бетонската џунгла

135

Модерното време и урбаното живеење имаат и своја цена. За едни можеби таа е неправедна, за други превисока, за трети оправдана итн. Но, веројатно, сѐ би било во ред, па и со новата давачка за зеленило, доколку градот навистина би се претворил во цветна оаза, зелена и мирислива градина, која опојува со своите мириси, со својата чиста и здрава животна околина

Кога се наметнуваат нови давачки, во принцип секогаш има изрази на негодување кај оние врз чиј грб паѓаат давачките, а тоа се секако граѓаните, и така е секаде во светот. Негодувањето, пак, е помало или поголемо во зависност од висината на давачката како и од оправданоста за нејзиното воведување.
Со токму една таква нова давачка беа изненадени неодамна скопјани преку сметките за вода, во кои изникна некоја нова ставка како задолжителен надомест за ЈП „Паркови и зеленило“, односно за потрошена вода за полевање на зеленилото. И тоа ни помалку ни повеќе туку цели 20 отсто од вкупната сума на сметката. Е, сега, дилемата тука е неколкукратна. Настрана од тоа дека на градот не му треба зеленило. Му треба и тоа многу повеќе отколку што има во моментов. Но секаде во светот зеленилото и парковите се полеваат со индустриска вода, со вода од бунари или друг вид акумулации, а не со вода за пиење како што е кај нас. Тоа е крајно недомаќински. За такво расипничко трошење на најнеопходниот ресурс за човекот, како што е водата, некој треба да одговара, а не да се бара начин да се покриваат загубите на ЈП „Паркови и зеленило“ и граѓаните да го плаќаат тоа. Уште да измислат па да почнеме да плаќаме и за полевање на тревата и лиење на улиците со амбалажирана вода?!
Понатаму.

Глоба е нешто што не го сториле граѓаните да платат, а притоа никој ниту ги прашал за мислење, ниту пак ги известил дека ќе плаќаат и за водата излеана во парковите. Да, излеана во зеленилото понекогаш и непотребно кога цревата се така оставени по цел ден, па се создаваат езера во тревниците. Сега граѓаните разбраа дека плаќаат и за таа вода. Ако досега знаеја и на сметките им пишуваше дека плаќаат за снабдувањето со вода, за собирањето и одведувањето на урбаните отпадни води за прочистувањето на отпадните води, ДДВ за сето тоа, потоа за Фондот за вода и Фондот за отпадна вода, евентуални дополнителни услуги и смет, сега како гром од ведро небо само си прочитаа нова ставка, надомест за одржување на јавното градско зеленило. Му нема крај на револтот, бидејќи граѓаните се навистина гневни зашто секогаш за сѐ се удира по нивниот плиток џеб. Ако едни беа збунети и се прашуваа дали сега од ноември поскапела вода, други ни чуле ни разбрале, трети панично и нервозно реагираа зошто да плаќаат за нешто што не го потрошиле тие. Тоа некако исто му доаѓа да не сте користеле вие интернет, а да платите за тоа. Нов шок им следуваше по информациите дека всушност седум години плаќале за полевање паркови, ама не знаеле за оваа ставка, бидејќи не им била отпечатена на сметките.

Одлука за ова градот Скопје донел уште во 2012 година и оваа давачка и претходно граѓаните си ја плаќале, само што таа не бил прикажана во сметките. Сега била отпечатена затоа што градот минатиот месец добил решение од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија за прикажување на сите ставки во сметките. Каков апсурд, биле потребни цели седум години за да им се обелодени дека уште за нешто им се земале пари, освен за она што е забележано на сметките за вода. Како на скопјани да не им се малку сите давачки за скапиот живот во метрополата, па уште им недостигаше да плаќаат и за недомаќински и ненаменски потрошената вода по парковите. Од друга страна, пак, кои паркови, оние што цело лето беа исушени и со трева претворена во сено. Беше навистина голема суша, недостигаше пивката вода и за да се обезбеди нормално снабдување на градот беа активирани и бунарите во Нерези и во Лепенец. Но ова ни се повторува речиси секое лето, и покрај сознанието дека ќе ни снема вода за пиење упорно се троши пивката вода. А граѓаните ја плаќаат и онаа што ја трошат во своите домови, а, ете, ја плаќале и онаа потрошена за градското зеленило. Логично се наметнува прашањето зошто тогаш не се користи техничката вода, ем ќе се заштеди водата за пиење ем ќе се спасат сите од ваква непотребна давачка. Уште којзнае за што друго им се земаат пари, на еден или друг начин. Скриените трошоци демнат на секој чекор. Така беше со брзите кредити, кои се рекламираа како кредити без камата. А всушност пресметаните трошоци претставуваа скриена камата од која граѓаните се спасија, откако со законски измени беа ограничени трошоците што требаше да ги платат. Законот им овозможи поволности и за кредитите до 200 евра. Речиси секому, кога побарал кредитна картичка од која било банка, на некој шалтер само му било дадено да потпише неколку примероци од договорот отпечатен со ситни букви на неколку страници и толку. Банкарските службеници ниту кажуваат ниту им објаснуваат на странките колку и за што ќе мораат да платат повеќе или помалку и во кои ситуации ќе бидат изложени на дополнителни давачки. Договорите што ќе ги потпишат можат дома да си ги читаат со часови и пак да не знаат потоа за што и зошто им се земени повеќе пари. Некои од оние што редовно и уредно си ги плаќаат сметките по електронски пат не знаат дека банките им земаат пари дури и тогаш, за извршената услуга по електронски пат. Примери има многу, дури и за скриените трошоци што ги наплаќаат телефонските оператори, интернет-продавачите…

На граѓаните им се темни од ваквите трикови на сите оние што премолчано или кришум им брцаат во џебот. А џебот е сѐ поплиток и попразен.
Но што е тука е. Модерното време и урбаното живеење имаат и своја цена.
За едни можеби таа е неправедна, за други превисока, за трети оправдана итн.
Но, веројатно, сѐ би било во ред, па и со новата давачка за зеленило, доколку градот навистина би се претворил во цветна оаза, зелена и мирислива градина, која опојува со своите мириси, со својата чиста и здрава животна околина.

Но наместо тоа градот е обвиткан во сивило, претворен во бетонска џунгла, зелените зони одамна ги нема и на нивно место никнуваат згради, градот е потонат во магла од издувни гасови, секојдневно се задушуваме со смртоносни ПМ10 честички, стапката на заболени расте, апатијата и разочарувањето од безизлезноста се зголемуваат. И во вакви околности го имаме новововедениот данок за зеленило. И, секако, надежта дека можеби еден убав ден ќе се вратат и зеленилото и чистиот воздух. Додека не стане предоцна за сите.