Дали Словенија е новиот тројански коњ на ЕУ

1988

Барајќи изговор за избегнувањето од исполнување на своите ветувања, дури и да е „несериозна и неформална комуникација“, ЕУ треба да биде свесна дека имплицира уште една веќе видена крвава разврска на проблем што сама повторно го создава. Потребно е европските фактори да се соочат со искуството на Ајнштајн и неговиот заклучок: дека не можат да ги решат проблемите размислувајќи на ист начин како што ги создавале

Не прави голема разлика дали намерите на ЕУ за интеграција на земјите од Западен Балкан во своето „демократско соѕвездие“ се искрени или лицемерни, во случај кога барајќи изговор за тоа што (не) планира да го направи посегнува по веќе докажано опасно крвавиот инструмент за таква намена – редефинирање на границите, со сиот ризик на менувањето територии и население. Разоткривањето на наводно „непостојниот“ нонпејпер на словенечкиот премиер Јанез Јанша до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, со план на намери и решенија за „патот на Западниот Балкан до ЕУ“ во контекст на претстојното словенечко претседателствување со Унијата, единствено што успеа е да ја разбуди вознемиреноста во регионот за враќање на духот на 90-тите години од 20 век и да ја покаже безидејноста или недоследноста на ЕУ во однос на спроведувањето на своите прокламирани принципи. Како сѐ што е обвиткано со таинственост и доза на мистерија, дури и да остане само на ниво на шпекулација, и овој нонпејпер веројатно ќе ја доживее судбината на уште еден европски мит за Балканот и сведоштво за несигурноста на ЕУ да направи нов чекор, да изгради нова мисла за иднината со овој дел од Европа. Колку и да сака ЕУ да го претстави регионот што самата го нарече Западен Балкан како „туѓ и неразбирлив“, тој и понатаму е нераскинлив дел од Стариот Континент, во кој иако можеби премногу мултиетнички и мултиконфесионален за „европски вкус“, сепак е дел од европската култура.
Откривањето на чудниот словенечки нонпејпер (чуден – поради анахроните и опасни предлози) предизвика нова серија медиумски претпоставки и шпекулации за постоење и на други такви документи од повеќе извори, кои мирисаат на заговори за проблематизирање на евроинтеграциите на земјите од регионот, иако под маската на „барање решение“.

По објавувањето на неофицијалниот дипломатски документ на Јанша, од страна на словенечкиот портал „Нецензурирано“, и покрај официјалниот молк на официјалните Љубљана и Брисел, планот презентиран во него добива некакви полуофицијални контури. Веќе е јасно дека во фамозниот нонпејпер се зборува за поделба на БиХ, припојување на Република Српска кон Србија, како и за обединување на Косово со Албанија. Според порталот што го објави документот, нонпејперот до Брисел го испратил словенечкиот премиер Јанез Јанша, но сметаат дека е напишан во Будимпешта, а Јанша само го препраќал на различни адреси. Според нивните информации, документот насловен „Западен Балкан – патот напред“ во февруари пристигнал до кабинетот на претседателот на ЕС, Шарл Мишел, но досега никој не ја потврди оваа информација. Авторите на документот сметаат дека моментално е тешко да се замисли европска перспектива за Србија и Косово, додека членството на БиХ во ЕУ може во целост да се исклучи, а во меѓувреме Турција го искористила празниот простор за да го зголеми влијанието во БиХ и Македонија.

Решенијата што ги предлагаат се: обединување на Косово и Албанија (се констатира дека 95 отсто од населението на Косово сака да се присоедини со изворната албанска нација). Слична желба е констатирана и во Албанија, како и состојбата дека граница меѓу Албанија (членка на НАТО) и Косово речиси не постои. Српскиот дел од Косово би добил посебен статус (по примерот на Јужен Тирол). Како разврска за српското национално прашање, во нонпејперот се предлага решение за соединување на дел од Република Српска со Србија. Во таков случај, Србија би била подготвена да се согласи со обединувањето на Косово и Албанија. Како компензација на решавањето на српското прашање, според „визиите“ во документот, хрватското национално прашање може да се реши со спојување на повеќе кантони во БиХ со Хрватска или со давање посебен статус хрватскиот дел од БиХ (повторно по примерот на Јужен Тирол).

Во ветото од Бугарија за почеток на преговорите со кое актуелно е соочена Македонија, како и претходното од Грција, може да се препознае истиот евроскептичен „ракопис“ на Брисел како во словенечкиот нонпејпер, преку кој умешно се користат историските фрустрации на земјите-членки за „дискретно“ одложување до бескрај на исполнување на ветувањата што ЕУ им ги дава на земјите од Западен Балкан

Со тоа на Босанците би им се дала независна функционална држава и би презеле целосна одговорност за неа, односно да одлучат на референдум дали својата иднина ја гледаат во ЕУ, или надвор од Унијата, следејќи го примерот на Турција…
Иако во првичните информации што протекоа за постоењето на нонпејперот имаше наводи за можно редефинирање и на границите на Македонија и Црна Гора, во интерес на решавање на албанското прашање во регионот, кое многу личи на реализирање на проектот голема Албанија, сепак во документот објавен од „Нецензурирано“, Македонија е спомената само во контекст на оставен простор за „не-ЕУ влијанија“. Сепак, отворањето на целиот контекст на лиферување предлози за „внатрешно преуредување и предекорација“ на границите во регионот, сосема индикативно може да се одрази на и така проблематичниот процес на евроинтеграции на Македонија.

Всушност во ветото од Бугарија за почеток на преговорите со кое актуелно е соочена Македонија, како и претходното од Грција, може да се препознае истиот евроскептичен „ракопис“ на Брисел како во словенечкиот нонпејпер, преку кој умешно се користат историските фрустрации на земјите-членки за „дискретно“ одложување до бескрај на исполнување на ветувањата што ЕУ им ги дава на земјите од Западен Балкан. Овој пат Словенија е „тројанскиот коњ“ на ЕУ за Западен Балкан. Не треба никако да се изостави дека за таквите свои ветувања, ЕУ побара и доби голема идентитетска национална жртва од Македонија, која дури прифати и промена на името на државата. Барајќи изговор за избегнувањето од исполнување на своите ветувања, дури и да е „несериозна и неформална комуникација“, ЕУ треба да биде свесна дека имплицира уште една веќе видена крвава разврска на проблем што сама повторно го создава. Потребно е европските фактори да се соочат со искуството на Ајнштајн и неговиот заклучок: дека не можат да ги решат проблемите со Западен Балкан размислувајќи на ист начин како што ги создавале.