Горе-долу со граничните рампи

274

За балканските народи, кои со години и децении се обидуваат да ја остварат својата целосна државност, границите се доживуваат како нешто свето. Наместо да се настојува да се намалуваат граничните премини, со што ќе се овозможи остварување на омилената флоскула на политичарите од овие простори, за „слободен проток на луѓе, стоки и капитал“, секојдневно се ставаат нови „линии на разграничување“

Прашањата што се однесуваат на темата за границите на Балканот и Европа повторно стануваат актуелни. Таа тенка црвена линија на географските карти, која е речиси невидлива за милиони граѓани што секојдневно мигрираат на различни страни на светот, а кои се неоптоварени со национални истории, претставува само одреден територијален простор, во очите на политичарите станува моќно оружје за остварување одредени државни интереси. Кога одредени национални и државни лидери ќе почувствуваат дека стануваат немоќни во остварувањето на своите внатрешни и надворешни политики, лесно посегнуваат по копчето за активирање на граничните рампи.

Минатата недела турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се обиде да го искористи адутот со границите и отворено им порача на претставниците на новата власт во Европската Унија дека ќе ги отвори излезните порти на Турција за милионите сириски бегалци, за да можат да го продолжат својот пат до земјите од Европа. Претседателот на Турција во интервју за Ројтерс ја повтори заканата дека ќе испрати нов бран бегалци кон Европа, со што го засили притисокот до ЕУ и други земји да дадат поголема помош и да се согласат со барањата на Анкара. Според турскиот претседател, помошта од ЕУ не е доволна, затоа што товарот од 3,6 милиони бегалци е претежок за Турција. Оваа земја досега добила три милијарди евра, а ЕУ вети шест милијарди за да се подобрат условите за живеење на бегалците, но во јуни беа надоместени само 2,22 милиони. Сметката за згрижување на бегалците, која досега ја платиле турските даночни обврзници, изнесува 40 милијарди евра и секојдневно вртоглаво расте. Не е тешко да се предвиди какви ќе бидат последиците за балканските земји од новото бегалско цунами, доколку се остварат заканите на Ердоган. Босна и Херцеговина, која се наоѓа на патот на новата мигрантска маршрута, целосно е клекната од десетината илјади мигранти од Африка и Азија. Директорот на граничната полиција во БиХ, Зоран Галиќ, изјави дека земјата не е подготвена за прием на нови бегалци и би се случил целосен колапс на системот. На безбедносни ризици е изложена и Хрватска, која доби отворени критики од нејзиниот северен сосед Словенија, дека недоволно се ангажира за заштитата на „надворешните граници на Европската Унија“, што може сериозно да ѝ наштети на хрватската страна во напорите да влезе во рамките на шенген-зоната.

За балканските народи што со години и децении се обидуваат да ја остварат својата целосна државност, границите се доживуваат како нешто свето. Наместо да се настојува да се намалуваат граничните премини, со што ќе се овозможи остварување на омилената флоскула на политичарите од овие простори, за „слободен проток на луѓе, стоки и капитал“, секојдневно се ставаат нови „линии на разграничување“. Леснотијата со која косовските власти посегнуваат кон спуштањето на граничните рампи, најпрво ја почувствуваа српските компании, кои се соочуваат со високи царини за извоз на своите производи на Косово, за да може Приштина да издејствува признавање од Србија. Новата „економска политика“ на косовските власти беше применета и во однос на Македонија, со најавата за воведување „трговска војна“ и забрана за извоз на македонските компири и мед!?

Граѓаните што патуваат се соочуваат со неизвесноста дали ќе ја поминат брзо граничната линија, а тоа во најголем случај зависи од расположението на вработените или од дневната политика и моменталните релации меѓу две
соседни земји

Економските експерти се согласуваат во ставот дека границите стануваат пречка за економската преродба на Балканот. Последната вистинска економска зона за слободна трговија меѓу балканските држави пропадна со распадот на југословенската заедница. Некои од истражувањата покажуваат дека по отворањето на новите граници камионите чекаат меѓу седум и 48 часа пред граничните рампи, за да се завршат царинските процедури. Трошоците поради долгото чекање на границите во регионот се двапати повисоки од просекот на ЕУ. Во една од студиите на Меѓународниот монетарен фонд се наведува дека на годишно ниво би се заштедиле 800 милиони долари, околу еден отсто од БДП на регионот, доколку властите успеат да ја подобрат прекуграничната соработка.

Профункционирањето на либерален пограничен режим со години се истакнува меѓу највисоките приоритети при билатералните и мултилатералните односи на балканските држави. Отворањето брзи ленти за царинска контрола на товарниот транспорт или воведувањето едношалтерски систем се мали и еднократни потези, кои во секој момент може да бидат отфрлени. Граѓаните што патуваат секојдневно се соочуваат со неизвесноста дали ќе ја поминат брзо граничната линија, а тоа во најголем случај зависи од расположението на вработените или од дневната политика и релациите меѓу две соседни земји. Така, брзиот проток на луѓе и производи преку граничните премини претставува повеќе одраз на добра среќа и случајност отколку на трајно воспоставено правило.