Година на изгубена надеж

392

За тоа колку Западен Балкан е мал и безначаен во очите на глобалните политички играчи покажува и однесувањето на Европската Унија во однос на бугарското вето кон Македонија, со што беше целосно блокирана и идејата за проширување на Унијата. Иако власта во Македонија полагаше големи надежи и очекувања во германското претседателство со ЕУ, се чини како да недостигаше целосна желба од Берлин за успешно да заврши македонската европска приказна и изостана притисокот врз бугарската влада да отстапи од апсурдните историски барања

Во годинава во која ги одбројуваме последните денови не се случи ништо позначително на економски и политички план на што ќе се сеќаваат граѓаните што живеат на територијата што се означува како Западен Балкан. Доколку е можно да се направи единствен биланс за постигнувањата во 2020 година на овој дел од балканскиот регион, тогаш оцената би се свела на „средно жалосно“. Соочени со последиците од ковид-кризата, националните стопанства уште потешко се снаоѓаат на глобалните пазари и остваруваат ниски и негативни стапки на раст, кои се недоволни за да се приближат до развиените економии. На внатрешен политички план во некои од земјите (Албанија, Србија, Црна Гора) има длабоки поделби меѓу власта и опозицијата, што влијае и на динамиката на спроведувањето на потребните реформи во повеќе области. Другите земји (Македонија, Босна и Херцеговина и Косово) функционираат во услови на латентна политичка криза, а опстојувањето на владејачките коалиции е условено од правење многу калкулации, отстапки и задоволување на многу поединечни желби и интереси. Во надворешната регионална соработка има целосно фијаско на „добрососедските“ односи, со натамошна тенденција за продлабочување на разликите на ставовите за прашања што се однесуваат на минатото. Гледано низ европската перспектива, кај балканските држави има заостанување, односно целосен застој во процесот на приближување кон Европската Унија.

Во време кога земјите се затвораат самите кон себе, поради кусогледоста на националните лидери, Балканот сѐ повеќе станува изолиран остров и надвор од влијанијата на светските текови. Како што забележува и долгогодишниот дописник на германската новинска агенција ДПА Томас Брај, „странскиот интерес за регионот на Балканот е намален драматично, а денес тој претставува регион за кој се интересираат историчари, научници и новинари“. Според него, кај балканските политичари, новинари и граѓаните преовладува погрешниот поглед на светот дека Балканот е центарот на светот, за кој секое утро кога ќе станат разговараат Макрон, Меркел или Обама! Во основа, целиот регион беше и останува периферно подрачје, кое е во фокусот на светската политика само кога ќе се случи нешто драматично, како што беа војната од 1990-та или бранот на мигранти во 2015 година, забележува искусниот германски новинар.
За тоа колку Западен Балкан е мал и безначаен во очите на глобалните политички играчи покажува и однесувањето на Европската Унија во однос на бугарското вето кон Македонија за почеток на пристапните преговори, со што беше целосно блокирана и идејата за проширување на Унијата. Иако претставниците на власта во Македонија полагаа големи надежи и очекувања во германското претседателство со ЕУ, се чини како да недостигаше целосна желба од Берлин за успешен исход за македонската европска приказна и изостана притисокот врз бугарската влада да отстапи од апсурдните историски барања. Од многу странски коментатори може да се слушне дека ефектот на Германија за време на шестмесечното претседавање беше „катастрофална половина година“, кога станува збор за остварување на европските перспективи на земјите од Западен Балкан.

Покрај критиките упатени кон земјите од Западен Балкан за недоволните реформи, кои редовно ги истакнуваат на секоја прес-конференција, самити и билатерални средби, од Брисел е потребно да се искажат недвосмислени пораки, но и конкретни чекори и одлуки за проширување на ЕУ кон овој дел од Европа. Секое ставање нови блокади на европскиот пат ќе ги остави граѓаните од Балканот да живеат во „заробени држави“, во кои преовладуваат висока корупција, отсуство на парламентарна демократија и економска бесперспективност за населението

„Не беа отворени и затворени поглавја за проширување со Црна Гора и со Србија поради целосен недостиг од напредок, што никогаш не се случило за време на некое неодамнешно претседателство. Но вистинските губитници тука се земјите од Западен Балкан, кои уште еднаш гледаат како клубот во кој се стремат да се зачленат им создава уште повеќе пречки за еден ден да станат дел од семејството“, пишува Рикард Јозвијак на „Брисел блог“, кој ги анализираше кочниците, причините и губитниците на последните случувања со проширувањето на ЕУ.
Мала светла точка на крајот од годината беше заедничкото соопштение на министрите за надворешни работи на Чешка и на Словачка, со кое објавија дека не даваат согласност за заклучоците на Советот на Европа во нацрт-текстот за проширување, посочувајќи дека се „длабоко разочарани“ бидејќи не се одобрени рамките за преговори за Македонија и за Албанија. „Текстот, како што стои, содржеше елементи, вклучувајќи го и поимот за фалсификување на историјата, што според нас ќе биде многу штетно за процесот на проширување и потенцијално на патот може да донесе дополнителни компликации. Ние нема да дозволиме Унијата да биде судија на нашата споделена историја, како се идентификуваме себеси или јазикот што го користиме“, пишуваa во соопштението на министрите на Чешка и на Словачка.

Тоа што некои земји-членки на ЕУ, поради „европската солидарност“, немаа доволно храброст јавно да се соочат со разгоропаденото националистичко водството во Софија, го соопштија од „помалите“ словенски браќа. Затоа, покрај критиките упатени кон земјите од Западен Балкан за недоволните реформи, кои редовно ги истакнуваат на секоја прес-конференција, самити и билатерални средби, од Брисел е потребно да се искажат недвосмислени пораки, но и конкретни чекори и одлуки за проширување на Европската Унија кон овој дел од Европа. Секое ставање нови блокади на европскиот пат ќе ги остави граѓаните од Балканот да живеат во „заробени држави“, во кои преовладуваат висока корупција, отсуство на парламентарна демократија и економска бесперспективност за населението.