Година на големи спортски предизвици

268

И во една ваква година, и спортот го бараше својот пат, имаше успеси и неуспеси, стекнати се нови и значајни искуства за работата и за функционирањето, но и пробиени се некои бариери, достигнати се нови височини. Сите спортски успеси се должат на секојдневна макотрпна работа, со долгорочни цели и стратегија, а од базата тргнува сѐ. И потоа, на спортски план ништо не е случајно, па, како и во многу спортови во Македонија, доаѓаат медалите, високите пласмани, постојаноста во настапите на големите светски и континентални натпреварувања, пробивањето на бариерите и поставувањето нови спортски граници и, секако, најважното, наследниците на теренот

Уште една спортска година, најнеобичната досега, полека се заокружува, во која доминираа условите за тренинзи и за натпревари што ги создаде пандемијата на коронавирусот, со сите пречки поставени и на спортскиот пат. Спортот се најде во втор план, оти во прв план е планетарниот проблем – здравјето на луѓето и борбата против коронавирусот.
Долго време не се тренираше, немаше ниту натпревари, а повеќе спортски настани мораше да бидат одложени, како на пример најголемиот, Летните олимписки игри во Токио (Јапонија), а и две големи континентални фудбалски натпреварувања, првенствата на Европа и на Јужна Америка. Тие се закажани да се одржат во 2021 година. И во една ваква година, и спортот го бараше својот пат, имаше успеси и неуспеси, стекнати се нови и значајни искуства за работата и за функционирањето, но и пробиени се некои бариери, достигнати се нови височини. И сето тоа во пресрет на новата, принудна олимписка година, 2021-та.
Годинава, на пример, фудбалот по многу години надевање испиша нова страница во спортската историја во Македонија. Црвено-жолтите првпат ќе настапат на едно европско фудбалско првенство, тоа в година, одложено од годинава, со настапот во групата во која се и Холандија, Украина и Австрија, со мечеви што треба да се играат во Букурешт (Романија) и во Амстердам (Холандија).

Тоа е голем исчекор за спортот, кој до оваа година не беше ниту блиску до бараж во претходните квалификации за светските и за европските фудбалски првенства, но сега една генерација ги исполни своите и соништата на спортските вљубеници.
Една година може да се смета за спортски уште поуспешна и кога младите спортисти, во конкуренција на свои врсници од континентот или од светот, ќе остварат меѓународно вредни резултати, во европски или во глобални рамки. Во фудбалот тоа е случај откако младата репрезентација за фудбалери до 21 година само поради изменетите правила поради пандемијата на коронавирусот нема да игра во баражот за пласман на младинското континентално првенство в година, со што ќе можеше да го повтори успехот на генерацијата од која многумина сега се сениорски репрезентативци, а која во 2017 година дебитира на младинско континентално првенство, играно во Полска. Така, репрезентативниот фудбал ја заокружи својата приказна со пласман на големо натпреварување и со добра најава за уште посилна сениорска селекција во иднина, дополнета со нови млади фудбалери.
Спортската година со многу неочекувани моменти полека останува зад нас, а остануваат и пречките за одвивањето и на спортските настани, како и за многу аспекти во сите области. Сега одново поважно станува што ќе се направи идната година, иако спортот, како и сѐ друго, барем во еден период, ќе се одвива во отежнати услови. Но зад сите спортски успеси стои работата, а во спортот, како и во животот, потребно е постојано докажување и секогаш многу се важни волјата, непоколебливоста, мотивираноста, работливоста, дисциплината…

Основата на успешна спортска приказна е во постојаната работа и гладот за уште поголеми успеси, како што посочува и најдобриот фудбалер за годинава во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Полјакот Роберт Левандовски, кој вели „без оглед на тоа колку титули сум освоил, тоа никогаш нема да биде доволно. Веќе гледам кон следните трофеи. Тоа е мојот менталитет и размислувањето на целиот тим“.
Сите спортски успеси се должат на секојдневна макотрпна работа, со долгорочни цели и стратегија, а од базата тргнува сѐ. И потоа, на спортски план ништо не е случајно, па, како и во многу спортови во Македонија, доаѓаат медалите, високите пласмани, постојаноста во настапите на големите светски и континентални натпреварувања, пробивањето на бариерите и поставувањето нови спортски граници и, секако, најважното, наследниците на теренот.
Со новата година на сцена стапнуваат и новите спортски предизвици. Ситуацијата со пандемијата диктира многу насоки, но се надеваме дека и тоа наскоро ќе заврши, за одново во прв план и кај спортистите да се само спортските аспекти.

[email protected]