Година на големи светски предизвици

183

И 2020 година ќе биде уште една година на опасно живеење доколку државите продолжат да ги спроведуваат краткорочните политики, често мотивирани од политикантство и слепи интереси врз сметка на долгорочната визија и стабилност. Светските лидери допрва ќе мора да најдат решение и одговор за повеќе галопирачки кризи, што секојдневно го туркаат светот поблиску до работ, по кој нема враќање назад

Светската јавност со нетрпение ја испрати 2019 година, која беше исполнета со алармантните глобални трендови. Масовни (и насилни) демонстрации во речиси секое ќоше на светската карта, растечка нееднаквост и очигледна криза на демократијата во многу земји. Ако на ова се додадат и повеќето распламтени геополитички жаришта, слободно може да се констатира дека зад нас остана уште една година на опасно живеење. Но и 2020 година ќе биде година на опасно живеење доколку државите продолжат да ги спроведуваат краткорочните политики, често мотивирани од политикантство и слепи интереси врз сметка на долгорочната визија и стабилност. Светските лидери допрва ќе мора да најдат решение и одговор за повеќе галопирачки кризи, што секојдневно го туркаат светот поблиску до работ, по кој нема враќање назад. А, листата на кризи и глобални предизвици никако да се скрати, само се зголемува.

Прва невралгична точка на листата е, кој друг ако не, Блиски Исток. Ако се суди според „жешкиот“ почеток, 2020 година ќе биде уште една година исполнета со наизменични потпалувања и гаснења на ова геополитичко буре барут. За тоа секако дека ќе се погрижат традиционалните актери во оваа опасна драма – Иран и САД. Па така, додека телевизиската публика сѐ уште се насладуваше од репортажите за пречекот на Нова година на сите континенти, почнаа да пристигнуваат снимки од насилните протести пред американската амбасада во ирачката престолнина, која буквално беше под опсада на проирански демонстранти и милиции. Причина за обидот за палење на дипломатскиот објект на светската суперсила се американските воздушни напади во кои беа убиени повеќе десетици припадници на проиранските милиции во Ирак, како и во соседна Сирија. Па така, очигледно е дека политиката на максимален притисок против Иран не ги исполни очекувањата, а Техеран покажува дека нема лесно да се откаже од улогата на регионална суперсила и влијанието, често пати и пресудно, во (домашните) работи на соседите. Или, накратко сумирано – на Блиски Исток ништо ново.

Вториот клучен предизвик, кој без сомнение ќе ги „забавува“ политичките елити и јавноста во Европа, е брегзит. Премиерот Борис Џонсон сега мора да го испорача долгозаговараното излегување на Британија од ЕУ. Иако ништо не е сигурно и не треба да се зема „здраво за готово“ за овој процес, брегзит треба да се случи на 31 јануари. Договорот за брегзит, постигнат со Брисел, се фокусира на четири примарни прашања – иднината на финансиските придонеси на Лондон за буџетот на ЕУ, третманот на граѓаните од Унијата во Британија и обратно, местото на Северна Ирска во царинската унија и единствениот пазар, како и понатамошната јурисдикција на Европскиот суд на правдата. Но сѐ уште е рано и сѐ уште не е јасно каков вид трговски, економски и политички односи ќе преовладуваат помеѓу Британија и ЕУ откако ќе заврши транзицискиот период на 31 декември 2020 година.

Од исходот на брегзит ќе зависи дали Џонсон ќе биде успешен или неуспешен премиер, а процесот веќе имаше неколку лоши почетоци – последниот беше само неколку дена по предвремените избори, кога тој вети усвојување на закон со што се отфрла какво било продолжување на транзицискиот период по крајот на декември годинава. Тоа значи дека преговорите ќе треба да бидат завршени за само 12 месеци – период што е навистина краток кога станува збор за монументални трговски договори. Колку за споредба, постојниот трговски договор помеѓу ЕУ и Канада беше постигнат во октомври 2016 година, по повеќе од десетгодишни преговори помеѓу двете страни. Но доколку Британија продолжи со лошите економски резултати годинава, или, пак, се соочи со финансиска криза што може да се припише на брегзит, неизбежно ќе биде и разгорувањето на повиците за независна Шкотска, кои може да кулминираат со наредните шкотски парламентарни избори, планирани за мај 2021 година.

Сепак, многу работи на глобалната сцена ќе зависат од развојот на настаните во САД, актуелниот светски хегемон. Изборот на Американците на претседателските избори во ноември ќе има рефлексија и врз жителите од преостанатиот дел на планетата. Трамп веќе има големо влијание во светот, еродирајќи ги мултилатералните институции, трговските договори и глобалните иницијативи, во рамките на неговата агенда „Америка на прво место“.

Како сите овие случувања и предизвици ќе се одразат врз глобалните светски случувања и политики и дали светот во 2020 година ќе стане помирно и побезбедно или поопасно и постресно место на живеење, останува да видиме.