Година како во земјата на чудата

447

Цинично настроените имаат доволно докази да констатираат дека ако во оваа година земјата не влезе во ЕУ (а остана некако недефинирано дали доби и датум за почеток на преговори за членство) и во НАТО (иако сите велат дека само на нас се чека да го пополниме 30-то столче), барем влезе во земјата на чудата

Неминовно и, за среќа, без наша волја и одлука, наближува и крајот на оваа 2018 година, во која е извесно само дека Македонија влезе во зоната од другата страна на огледалото, каде што секој обратно поставен принцип опстојува сосема легитимно и се третира како логична аксиома. Цинично настроените имаат доволно докази да констатираат дека ако во оваа година земјата не влезе во ЕУ (а остана некако недефинирано дали доби и датум за почеток на преговори за членство) и во НАТО (иако сите велат дека само на нас се чека да го пополниме 30-то столче), барем влезе во земјата на чудата, онаа на Алиса, а создадена од авторот Луис Керол, алијас Чарлс Лутвиџ Доџсон.

Интересно е да се забележи дека иако „Алиса во земјата на чудата“ денес се класифицира како литература за деца и четиво интересно за холивудска екранизација (и цртана, и со вистински актери), во времето кога била објавена, во 1865 година во Англија, претставувала критичка политичка алегорија на состојбите во Обединетото Кралство во 19 век. Кога би ја продолжиле логичката линија на споредби, како некаква претстава за политичкиот пресек на годинава се наметнува констатацијата дека Македонија во втората деценија на 21 век влегла во политичка алегорија од средината на 19 век! Ако се забразди понатаму со следење на алегоријата, па според неа да се предвидува иднината судбината на Македонија има две насоки: или да заврши како литература за деца со филмска перспектива, или како Алиса на крајот од романот, да се разбуди како од лош сон.

Сепак, сегашниве политичари, и домашни и странски, проектираната патека на која зачекори Република Македонија во 2018 година, кон промената на своето уставно, па и историско име ја објаснуваат како императив на реалната политика. Па, така, за потребите на реалната политика, во Собранието на Македонија беше изгласан и ратификуван договорот за добрососедство со Бугарија, беше формирана комисија за усогласување на различните видувања во учебниците на двете држави на т.н. заедничка историја. Информациите за работата и резултатите на комисијата доаѓаат главно од бугарската страна, во кои доминираат старите ставови во духот на старата изјава на еден бугарски политичар: „Македонија е најромантичниот дел од бугарската историја“. Добрососедството со Бугарија веќе е на тест од другата страна на огледалото во земјата на чудата.

Феноменот на примена на методите и принципите „од другата страна на огледалото“ во комбинација со оние на реалната политика, (или како што се изјасни еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан „употреба на демократски и балкански методи“) секојдневно почна да се надградува по потпишувањето на конечната спогодба со Грција, во надминувањето на разликите за името на Република Македонија, на 17 јуни во селото Нивици, во Мала Преспа. Процесот на уставни измени за имплементација на оваа спогодба во највисокиот државен акт на Македонија е во некаква трета фаза, односно пред финалното одлучувачко гласање во Собранието, кое треба да се случи на средината од јануари во сѐ поблиската 2019 година. Во меѓувреме, во текот на т.н. демократски процес на прифаќање на меѓународниот билатерален договор, со кој треба да се надмине барем политичката тридецениска напрегнатост во односите меѓу Македонија и Грција, (односно Грција да го ратификува барем протоколот за членство на Македонија во НАТО) речиси во секоја фаза беа игнорирани или прегазени повеќе одредби од актуелната и сѐ уште важечка уставна и законска регулатива на државата. Најеклатантно и најдраматично беше игнорирана, од страна на носителите на проектот (Владата на РМ), одлуката т.е. недонесената одлука на референдумот за „членство на Македонија во ЕУ и во НАТО, со прифаќање на договорот со Грција“. И покрај тоа што не беше постигнат законски потребниот одзив на граѓаните на референдумот, по што ДИК констатира дека не е донесена одлука за референдумското прашање, процесот на усвојување на спогодбата од Мала Преспа продолжи во Собранието.

Таквата решителност на Владата во спроведувањето на договорот со Грција, ги раскина дури и имагинарните црвени линии во почитувањето на демократските, правните и етичките регулативи. Тоа се покажа при обезбедувањето на двотретинското мнозинство во Собранието, потребно за пристапување кон уставните измени. Иако на владејачкото мнозинство до тој момент му недостигаа осум гласа до двотретинските 80 гласа, со драматични преговори и убедувања на пратеници од опозицијата (а многумина велат – и поткуп, и уцени), доцна вечерта на 19 октомври беше изгласано пристапување кон уставни измени. По таквото гласање во Собранието, почна да се отплетува клопчето на уште низа контроверзни одлуки: креирање контроверзен закон за амнестија, контроверзни судски процеси, менување на ставовите за случувањата на 27 април 2017 година од страна на власта и на опозицијата… Во таков сплет на околности се случи и контроверзно бегство од државата на поранешниот премиер, наместо да се пријави (или да биде приведен) на издржување затворска казна по судска пресуда. И во врска со тој случај драматично се изместија позициите и гледиштата на причините и состојбите, на власта и на опозицијата… Бегството на поранешниот премиер ги активираше задоцнето судските власти, па беше одреден експресен притвор за некои негови поранешни блиски соработници…

Сите предвидувања укажуваат дека тоа не е крајот на правно-политичките контроверзии, кои се случуваат во Македонија, и дека тие нема да завршат со крајот на 2018 година. Останува впечатокот дека во сите овие случувања целосно се игнорирани волјата, потребите и ставовите на граѓаните во Република Македонија и безглаво се втурнати во земјата на чудата, каде што секој обратно поставен принцип опстојува сосема легитимно и се третира како логична аксиома.