Глобална пролет на општо незадоволство

250

Остануваат многу нејаснотии. Дали овој глобален бран на незадоволство, оваа глобална пролет, ќе ги постигне своите цели и ќе донесе задоволителни резултати? Или, пак, сѐ ќе се заврши со онаа народната секое чудо за три дена, како што беше случајот со Арапската пролет, која доведе само до нови разочарувања, нови неисполнети ветувања и нови лични трагедии. Од друга страна, јасно е дека владејачките политички елити сѐ помалку ќе можат мирно да спијат, бидејќи улиците во престолнините лесно се полнат, а тешко се празнат од незадоволните граѓани

Деновиве речиси секое ќоше на планетава се соочува со масовни (и во некои случаи насилни) протести и улични демонстрации. Обичниот човек е на улиците низ светските престолнини, каде што се обидува да ги искаже гневот, незадоволството и разочарувањето од неисполнетите ветувања и изневерените очекувања. Насловните страници во светските весници и главните вести на најголемите телевизии се преполни со сцени од протестите во Чиле, Либан, Боливија, Хонгконг, Ирак, Хонгконг, Иран, Египет… И иако можеби иницијалната каписла за уличното изразување на незадоволството се разликува од земја до земја, од авион може да се види дека тие длабоко се испровоцирани од корупцијата и неодговорноста-неказнивоста на владејачките политички елити, нискиот животен стандард и сѐ потемната економска иднина.

За почеток, вреди да се направи еден блиц-скрининг на светската карта, за да може пошироката јавноста да добие една слика за тоа што всушност се случува деновиве и изминатиот период. Во Чиле, протестите се фокусирани на нееднаквоста и корупцијата во земјата. Во Либан и во Ирак демонстрациите се насочени против (очигледно) неефикасните и полураспаднати политички системи. Од друга страна, Иранците излегоа на улиците да го кренат својот глас против одлуката на властите за зголемување на цената на горивото за 50 отсто, што граѓаните ги остави буквално вџашени, ако се земе предвид фактот дека станува збор за земја со едни од најголемите енергетски резерви во светот. Истовремено, протестите во Египет, Хаити и Боливија ги надминаа првичните цели и се проширија во отворени повици за оставки на тамошните влади…

Дури и во земјите каде што властите прифатија и исполнија некои од барањата на демонстрантите, протестите и натаму се во полн ек. Па, така, во Хонгконг продемократското движење опстојува веќе половина година, поттикнато од распространетата загриженост за полуавтономниот статус на градот и за тоа уште колку ќе потрае. И покрај тоа што Владата го повлече непопуларниот предлог за екстрадиција, кој беше и првична причина за протестите, барањата на движењето се зголемија, исто како и насилството помеѓу незадоволните и силите за безбедност. И во Франција, сличното аморфно движење на жолтите елеци покажа дека успешно му пркоси на времето. Националните протести, кои почнаа како гнев против поскапувањето на бензинот и набрзина се претворија во пошироки антивладини демонстрации, минатата недела ја одбележаа својата прва годишнина.

Од сето ова може да се извлечат неколку заклучоци. Прво, во најголем дел од случаите, протестите се граѓански организирани, зад нив не стојат политички партии или групации, кои, пак, подоцна може им се приклучат, во обид да го искористат историскиот момент. Тоа јасно укажува дека на обичниот човек му е доста од неправдите и неказнивоста на политичките елити што ги држат конците на власта. Потоа, овие демонстрации немаат јасни лидери, што многу потсетува на граѓанските протести од пред речиси една деценија, почнувајќи од „Окупирај го Волстрит“, па до уличното незадоволство против мерките за штедење во Грција и во Португалија. Овие движења не се фокусирани на одредени категории, тие упатуваат поттик до целото граѓанство, кое се чувствува измамено од политичката класа. Тука има и еден многу прагматичен и тактички момент – назначувањето лидери само им ја олеснува работата на владите да се фокусираат на нив, да ги апсат, а во некои случаи, па дури и да се обидат да ги ликвидираат. На ова се надоврзува и третиот важен момент што го карактеризира овој сеопшт глобален израз на граѓански гнев и незадоволство. Станува збор за социјалните медиуми. Па, така, феноменот на овие протести во добар дел може да им се припише на социјалните медиуми, кои им овозможија на незадоволните граѓани (анонимно) да комуницираат и да се организираат на поцентрализиран начин…

На крајот, сепак, остануваат многу нејаснотии. Дали овој глобален бран на незадоволство, оваа глобална пролет, ќе ги постигне своите цели и ќе донесе задоволителни резултати? Или, пак, сѐ ќе се заврши со онаа народната секое чудо за три дена, како што беше случајот со Арапската пролет, која доведе само до нови разочарувања, нови неисполнети ветувања и нови лични трагедии. Од друга страна, јасно е дека владејачките политички елити сѐ помалку ќе можат мирно да спијат, бидејќи улиците во престолнините лесно се полнат, а тешко се празнат од незадоволните граѓани.

[email protected]