Време ли е да се извади „кубурот“

447

Затоа треба сериозно да се запрашаме време ли е да се извадат сите аргументи на маса, да се предочат фактите, резултатите и достигнувањата, да се цитираат одредби од меѓународното право и потоа да се охрабриме и посилно и посигурно да се избориме за своето рамноправно место во меѓународните организации, како НАТО и ЕУ, кои се наша стратегиска цел. Рамо до рамо, горди, достоинствени и еднакви со нив, а не потценети и омаловажени, како што некои посакуваат да нѐ видат

Македонија треба да го заземе своето место во НАТО колку што е можно побрзо. Америка го очекува денот кога границите на НАТО ќе ги вклучат сите нации на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија. Големата НАТО-алијанса чува место за Македонија на нашата маса. Се надеваме дека вашата заложба за целосно членство на земјата во НАТО ќе се оствари во најскоро време, бидејќи земјата тоа го докажа. Ова се зборовите на поранешниот американски претседател Џорџ Буш, дадени точно пред една декада, во говорот во 2008-та на плоштадот „Св. Марко“ во Загреб, Хрватска.

Oвие реченици, дадени во едно друго време, кое по многу нешта личи на сегашноста, се добар повод за потсетување колку одамна всушност нашата држава го има заслужено и одработено своето место во НАТО. Дека тоа што сѐ уште не е таму нема врска со некакви одбранбени реформи и други достигнувања, туку единствено со наметнатиот, ирационален и апсурден спор од страна на Грција, веќе и на врапчињата им е јасно. Иако на некои и понатаму не им е јасно – како во вицот за кубурот, дали и кога е време да се извади кубурот (читај сите досегашни аргументи, адути и достигнувања), па брзаат по секоја цена да влеземе таму, како да ни се заканува некакво бомбардирање, па демек да се скриеме под чадорот! Поддршката на САД кон Македонија денес е еднакво иста како во 2008 година. А Македонија и понатаму се надева дека ќе биде на врвот на листата за прием. Земјата е практично кандидат за членство од 1999 година, истата година кога заедно со Албанија му се придружи на Акцискиот план за членство (МАП). Тирана и Загреб добија покана во 2008 година и во 2009 година станаа полноправни членки, додека Црна Гора, која се приклучи кон МАП во 2009 година, веќе во 2017 година стана членка на НАТО.

Новата македонска влада сепак најавува дека 2018 ќе биде годината во која сето тоа ќе се промени. Се разбира, граѓаните очекуваат промената да биде само во статусот и од кандидат да станеме членка на НАТО. Но никако промената не може да биде по цена на интегритетот и идентитетот. Во НАТО може и треба да влеземе само како Македонци.
Впрочем, Македонија воено веќе е практично во НАТО со години. Во процесот за зачленување во Алијансата ние ги исполнивме сите можни услови што постојат. АРМ од година во година и на секое оценување од НАТО добива сѐ повисоки бројки за подготвеноста и професионалноста на нашите војници, во споредба, на пример, со друга балканска држава, како Словенија, која иако е земја-членка на Алијансата и на ЕУ во 2018 година од командата на сојузот доби критика дека нејзината војска не ги достигнува нивоата на дејствување што НАТО ги бара. Со години нашите војници се дел од борбените мисии на Алијансата на Блискиот Исток, а за тоа сведочат и над 2.000 ордени и медали доделени за успешно спроведени воени мисии на припадниците на АРМ.

Впрочем, Македонија воено веќе е практично во НАТО со години. Во процесот за зачленување во Алијансата, ние ги исполнивме сите можни услови што постојат. АРМ од година во година и на секое оценување од НАТО добива сѐ повисоки бројки за подготвеноста и професионалноста на нашите војници, во споредба, на пример, со други држави што се членки на Алијансата

Дополнително, од годинава ние го зголемивме за 20 проценти и бројот на војниците што ќе учествуваат во мировната мисија на сојузот „Одлучна поддршка“ во Авганистан, а истовремено извршивме и дополнително зголемување на воениот буџет, кој иако не е во висината до 2 проценти од БДП од буџетот што го бара сојузот, сепак бележи напредок по грчкото вето за прием во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година. Кога ќе се погледне целата слика и кога ќе се пресмета направеното во овие изминати години, од независноста досега, апсурдно е да се каже дека нашата земја не е подготвена за влез во Алијансата, бидејќи за тој чекор бевме подготвени уште пред десетина години, кога членки на сојузот станаа Албанија и Хрватска. Натаму, Македонија беше лидер и на Јадранската група држави, кои се партнери со Брисел, дури и во времето кога една од сега актуелните земји-членки, како Црна Гора, немаше ни своја државна независност. По сите овие искажани факти ќе се вратам повторно како во вицот за паталецот со „турнати г’шти“, кој мудро си го чувал кубурот „за зло време“.

Нема толку „зло време“ колку што има лоши политики и непромислени одлуки. Затоа треба сериозно да се запрашаме време ли е да се извадат сите аргументи на маса, да се предочат фактите, резултатите и достигнувањата, да се цитираат одредби од меѓународното право и потоа да се охрабриме и посилно и посигурно да се избориме за своето рамноправно место во меѓународните организации, како НАТО и ЕУ, кои се наша стратегиска цел. Рамо до рамо, горди, достоинствени и еднакви со нив, а не потценети и омаловажени, како што некои посакуваат да нѐ видат.

Фото: Дарко Андоновски