Враќање од „новата“ во старата „нормалност“

311

Во очекување повторно да почнеме да живееме во „старата“ реалност, која ја живеевме до појавата на пандемијата, добра можност е да се потсетиме на искуството што го стекнавме во „новата реалност“ што ни ја донесе коронавирусот. А таа „нова реалност“, колку и да звучи сурово, не само што нѐ сврти кон себеси туку нѐ врати кон вистинските вредности, кои, за жал, ги имавме напуштено и заборавено

Откако последните денови пандемијата некако се смирува и откако секојдневно се намалува бројот на позитивните на ковид-19, се чини се враќа надежта кај граѓаните дека по речиси 14 месеци живот во страв, исчекување, неизвесност и загриженост, полека можеме да здивнеме и да се вратиме во нормалното живеење.
Согледувајќи ги најновите состојби со пандемијата на својата последна седница, Владата донесе одлука за олабавување на мерките и работата на угостителските објекти во отворените делови да биде до 23.30 часот, а со работа започнуваат и вежбалниците и фитнес-центрите. Според новите мерки, настаните ќе се одржуваат во согласност со наменските протоколи, со исполнетост до 30 проценти од капацитетот на затворениот простор, а се зголемува и бројот на деца што може да се згрижат во една група во градинките, односно од 15 на 20 деца.
Сега кога се наѕира крајот на пандемијата и кога вируленцијата на вирусот полека ја губи својата моќ, по сето тоа што го доживеавме и преживеавме во изминатиот период, се наоѓаме пред нов почеток. А секој нов почеток не само што е тежок туку е и неизвесен. Затоа сега треба, што би рекле старите, да ги отвориме двете четири за да не направиме од готово вересија.
По појавата на пандемијата во февруари минатата година, подолго од една година живее(в)ме во „нова реалност“. А „новата реалност“, освен грижи и трауми, не ни донесе ништо друго.

Цели 14 месеци, од појавата на коронавирусот, секојдневно носталгично ја посакувавме „старата“ реалност, во која и покрај секојдневните грижи и проблеми со кои се среќаваме, колку-толку живеевме безгрижно. Старите рекле човек кога е здрав има илјадници желби, но кога е болен има само една желба, а таа е да оздрави.
Иако Владата на последната седница донесе одлука да ги олабави мерките и полека да го врати нормалниот живот, сепак во овој момент, додека на инфективните одделенија во државата сѐ уште има стотици заболени од ковид-19 и кога имаме по десетина смртни случаи дневно, додека не се вакцинира поголем дел од населението и не се стекнеме со колективен имунитет, нема простор за никакво опуштање. Ако на нешто нѐ научи пандемијата, тоа е дека грижата за сопственото здравје и здравјето на нашите најблиски не е обврска само на здравствените работници, туку на секој од нас.
Справувањето со пандемијата доста скапо нѐ чинеше и ја плативме со илјадници заболени и над 5.000 изгубени животи. Во очекување повторно да почнеме да живееме во „старата“ реалност, која ја живеевме до појавата на пандемијата, добра можност е да се потсетиме на искуството што го стекнавме во „новата реалност“ што ни ја донесе коронавирусот.
А таа „нова реалност“, колку и да звучи сурово, не само што нѐ сврти кон себеси, туку нѐ врати кон вистинските вредности, кои, за жал, ги имавме напуштено и заборавено.
Деновите поминати во карантин или изолација беа добра можност (по)добро да се запознаеме едни со други, да се потсетиме на традиционалните семејни вредности, повторно да ги прелистаме веќе прочитаните и заборавени книги, да ги разгледаме заборавените семејни албуми, да ги посетиме напуштените родни огништа, да ги отвориме заклучените кепенци од напуштените куќи. Во деновите кога по пандемијата светот се „затвори“ се „отворија“ срцата на граѓаните, кои во неможност да патуваат во светот и светските туристички дестинации, почнаа да ги посетуваат заборавените и напуштени родни огништа на своите (пра)дедовци, баби, татковци…

Иако можеби ќе изгледа иронично, но пандемијата, која ни донесе толку многу тага, очај, смрт, го врати животот во селата. Бегството од пандемијата, многумина го побараа во враќање во напуштените села. Според зборовите на градоначалникот на најголемата по територија, но најмалку населена општина во државата Новаци, Љубе Кузмановски, во Мариовско пандемијата на голема врата го врати животот. Речиси нема село во Мариовско во кое не се реновираат или поправаат старите и дотраени куќи, вели Кузмановски. Расте интересот за изградба на куќи и на граѓани што не се родени во тие мариовски села.
Најдобра потврда за тоа е што иако сѐ уште не е распишан јавниот повик за продажба на 24 парцели за изградба на куќи во Граешница, во Општината веќе се пријавиле над 15 заинтересирани лица што сакаат да купат парцели и да градат куќи во ова до неодамна заборавено и напуштено мариовско село. Сличен е интересот за (до)градба и реконструкција на куќите во селата Зовиќ, Старавина, Рапеж, Маково.
Иако и пред тоа имаше интерес за изградба на викендички или куќи во битолското село Ниже Поле, сепак по појавата на пандемијата ова потпелистерско село доживеа вистински бум. Голем број битолчани спасот од коронавирусот го побараа во Ниже Поле, каде што секојдневно се градат куќи или викендички. Според старите жители на Ниже Поле, во ова село се изградија дури уште две други села. Од местото Браво Чешмата во горниот дел на селото до жичницата никнаа уште стотици други куќи. Иако никој не знае колку точно куќи се изградија, сепак според некои жители на Ниже Поле во моментот ова село има над 2.000 куќи или викендички. За разлика од порано кога по багателни цени се продаваа парцели или стари и напуштени куќи, сега таму не само што продажбата е стопирана туку секојдневно се градат нови куќи. Слична е состојбата и со потпелистерските села Магарево и Трново, а не е мал бројот на битолчани што се населуваат во селата од Преспанскиот Регион.

Битолчани својот мир од немирот што им го донесе пандемијата го бараат во „селење“ од Битола во селата. Мирот, тишината, чистата природа и чистиот воздух се најдобар лек за душата, велат битолчани. Таму опуштањето е сосема нормална работа, било да се работи во „старата“ или „новата нормалност“, која ја живееме.
За тие што ја немаат таа среќа или можност да се иселат од градот и да се населат во битолските села, опуштањето треба и мора да биде крајно внимателно, зашто пандемијата од коронавирусот покажа дека не само што е непредвидлива туку е и многу опасна, така што секое невнимание скапо го (на)плаќа. А цената што досега и засега ја плативме, не само што е голема туку е и ненадоместлива.