Вози Мишко, само без ковид-19

982

Образовниот процес не се само училишната зграда и придружните објекти околу неа. За да се стигне до училиште, долг и трнлив е патот и исполнет е со мноштво предизвици, пред сѐ од аспект на заштита од ковид-19. Сликите со јавниот превоз што секојдневно ги гледаме на моменти наликуваат на маратон со пречки. Преполни автобуси, метежи, турканици, во кои секој секому му дише во врат. Синџирот на можно ширење на ковид-19 мора да се сосече и прекине во секоја можна пригода и на секој начин, зашто во спротивно попусто се мерките во училиштата, кога за да стигнат дотаму децата се изложуваат на куп ризици од зараза

Две недели поминаа откако основците и средношколците се вратија во училишните клупи со физичко присуство на наставата. За овој период, практиката покажува дека ако се почитуваат мерките и протоколите, проблеми реално не може да има или истите тие брзо и ефикасно се решаваат. Стравот кај родителите поради опасноста од пандемијата секако не е залуден, но се покажува дека враќањето во училиште поволно влијае на учениците, кои долго време беа разделени. Сепак, условите во однос на пандемијата се такви што нема воопшто нема простор за опуштање, дури напротив. Потребни се многу поголеми и самоконтрола и други засилени мерки за да се овозможи наставата со физичко присуство да ги даде посакуваните образовни ефекти и да биде без последици по здравјето на учениците.
Во моментов постојат училишта во кои поради еден позитивен случај целото одделение оди да учи од дома, заради внимателност, што е сосема во ред. Имаше и ученици што не ја започнаа навреме учебната година зашто биле позитивни на ковид, а од училишните раководства им беше наложено на училиште да појдат дури неколку дена по истекот на решението за изолација, што исто е разбирливо. Тоа покажува дека многу се внимава да се заштитат децата и за да нема поголеми последици и изложување на ризик.
Ланското искуство е олеснување за оваа учебна година, кога учениците и наставниците следеа, односно реализираа настава од дома. Сега лесно може да се премине на учење онлајн ако за тоа има потреба. Наставниците велат дека колку се помали децата, толку се подисциплинирани и почитуваат мерки, за разлика од поголемите, кои повеќе се опуштаат и кои главно се однесуваат како нивните наставници. Ако наставникот носи маска и потсетува на мерките, ќе носи и ученикот и ќе ги почитува мерките. Но образовниот процес не се само училишната зграда и придружните објекти околу неа. За да се стигне до училиште, долг и трнлив е патот и исполнет е со мноштво предизвици, пред сѐ од аспект на заштита од ковид-19.

Сликите со јавниот превоз што секојдневно ги гледаме на моменти наликуваат на маратон со пречки. Преполни автобуси, метежи, турканици, во кои секој секому му дише во врат, при што има и такви што не носат или ги вадат маските, кои се потенцијални жаришта за ширење на вирусот. Синџирот на ширење на ковид-19 мора да се сосече и прекине во секоја можна пригода и на секој начин, зашто во спротивно попусто се мерките во училиштата кога за да стигнат дотаму децата се изложуваат на куп ризици од зараза. Има ученици што менуваат и по неколку автобуси за да стигнат на училиште, а притоа целото патување им трае и до неколку часа во двата правци. Како ќе се заштитат овие деца ако во јавниот превоз владее хаос и не се почитуваат протоколите? Автобусите се полни, а неретко има патници што не носат маски. И да сакаат да почитуваат правила, едноставно тоа е невозможно на мал простор каков што е оној во комбињата или во автобусите. Две недели по почетокот на учебната година, уште нема решение за превозот.

Во право се надлежните кога велат дека наставата со физичко присуство е најдобрата опција за задоволување на интересите на учениците. И дека тоа влијае врз квалитетот на стекнатите знаења, социјализацијата и психофизичкиот развој. Сепак, она што е неопходно е надлежните да ги скенираат состојбите и навремено да реагираат на сите можни странични удари и кластери на ширење на заразата. Според досегашните укажувања на голем број чинители, јавниот превоз во моментов е најголемиот ризик за ширење на заразата и во тој правец треба во иднина да се дејствува. Да се овозможат повеќе автобуси, повеќе контроли, да се детектира кога се шпицовите, на кои линии и како тука да се дејствува. За да не биде како во култниот филм „Кој тоа таму пее“, кога сите се натрупуваат во единствениот и дотраен автобус, а Мишко ги вози и со затворени очи. Ако се покаже дека има ризик во јавниот превоз, да се изнајдат начини за минимизирање на опасностите. Или, со други зборови, да се превенира пожар наместо потоа да се гаси. Следува период на настинки и вирози, па неопходно е да има уште поголема внимателност. Министерството за образование и наука мора добро да ги изанализира бројките, да види какво е однесувањето на големите одмори и во ходниците, да се преземат поголеми контроли во училишниот превоз, за да не дојде до уште поголемо ширење на заразата.

Треба да се размисли и за локално дејствување и имплементирање мерки за организација на наставата на начин што ќе одговара на конкретната општина/училиште, зависно од тамошната локална епидемиолошка слика. И онака уште од почетокот во игра беа три сценарија – освен целосното отворање на училиштата, предвидено е и наставата да биде како и лани, дел од учениците да посетуваат настава со физичко присуство под посебни протоколи, а дел да реализираат онлајн настава. Третото сценарио предвидува ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата, за да нема нивно целосно затворање.
Со помалку од 20 случаи на ниво на држава, лани беше одлучено да се затворат сите градинки, училишта и факултети во државата. Годинава имаме вакцини, но во исто време имаме и поопасни соеви, како и стотици нови случаи на ден, десетици смртни случаи. Учениците се вратија во училишните клупи. Ситуацијата и натаму е сериозна, па затоа се неопходни правилна процена и дејство зависно од епидемиолошката слика и ковид-ситуацијата. Приоритет и натаму треба да останат здравјето на населението и, секако, непречено одвивање на образовниот процес.