Внимателно до крајот од тунелот

277

Дали сме сигурни дека во земјава немаме други мутации освен британската? Знаеме ли дека овој пад на бројките не е само инцидентен? Зошто сите починати се во болнички услови? Водиме ли грижа дали и кој доаѓа во Македонија? Има ли анализа колкумина ќе бидат вакцинирани и дали тоа е доволен процент за колективен имунитет? Сите овие прашања се одговараат во една опширна национална и државна стратегија, од која подоцна се влечат чекори

Двапати мери, еднаш сечи. Или сечи без да мериш. Која од овие две народни умотворби е најсоодветна за одлуките што државата изминатиот период ги носи за справувањето со пандемијата од ковид-19.
Прашањето што многумина си го поставуваат е дали ако одмерено, прецизно, извагано се постапуваше, можеби и некои состојби ќе беа поинакви.
Но, наместо тоа, многупати отсечно, без мерка се влечеа потези, што, пак, резултираше се нови посериозни бранови. Во тој контекст, јавноста сега со право внимателно ја поставува дилемата дали сѐ е добро пресметано и дали се вклучени сите ризици кога се најавува намалување на рестрикциите, а зголемување на работното време на угостителските објекти.
Последниот предлог на Главниот координативен кризен штаб е скратување на полицискиот час и продолжување на работното време на угостителските објекти. Така, забраната и посебниот режим на движење од денеска треба да трае од 23 до 5 часот, а времето за работа на угостителските објекти со гости на летните тераси и градини да биде до 22.30 часот.
Овие мерки стапија во сила само една недела откако пред велигденските празници имаше нови олабавувања на мерките, со траење на полицискиот час од 21 до 5 часот, а работа на угостителските објекти до 20.30 часот.
Претходно, речиси еден месец во земјава полицискиот час почнуваше од 20 часот, а не работеа угостителските објекти.
Ваквите промени, според епидемиолозите, како бројките на нови случаи, но и општата топла клима, можеби одат во тој правец, но високата смртност сѐ уште мора да биде аларм.

Многу држави во светот изминативе месеци брзаа во одлуките, а некои и прогласуваа победа на вирусот, па потоа се соочија со бранови со катастрофални последици, како сега на пример Бразил и Индија. Затоа, мислењата на добар дел од здравствените авторитети се поделени.
Едни сметаат дека олабавувањето на мерките ќе биде продуктивно, особено што веќе почна и масовната имунизација со вакцините. Други, пак, се претпазливи и апелираат сѐ да се стави на кантар, добро да се измери, па дури тогаш да се носат вакви одлуки.
Нивните аргументи се дека сѐ уште има многу нејаснотии и мистерии, но и слаба организираност околу процесот на имунизација, кој во земјава сѐ уште го нема соодветното темпо.
Недела или две подоцна да се пристапи кон намалување на рестриктивните мерки нема да биде на ничија штета, но ќе биде доволно време да се средат многу состојби, кои сега на прв поглед изгледаат малку хаотично.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 26 април до 2 мај биле регистрирани 2.076 нови позитивни случаи од 34 града во државата, со намалување од 39,7 отсто во однос на минатата недела.
Пријавени биле и 167 смртни случаи, со 20,9 отсто помалку во однос на минатата недела.

Многупати отсечно, без мерка се влечеа потези, што, пак, резултираше со нови посериозни бранови. Во тој контекст, јавноста сега со право внимателно ја поставува дилемата дали сѐ е добро пресметано и дали се вклучени сите ризици кога се најавува намалување на рестрикциите, а зголемување на работното време на угостителските објекти

Овој тренд на намалување трае последните четири неделни извештаи и, секако, е добар показател во кој правец се движи пандемијата.
Но она што според некои од лекарите е најважно се правилни и здравствено издржани одлуки да бидат донесени токму сега, за да не се случи нов, четврти бран, кој може да биде катастрофален веќе наесен.
Секако и имунизацијата треба да го спречи тоа.
Дали сме сигурни дека во земјава немаме други мутации освен британската? Знаеме ли дека овој пад на бројките не е само инцидентен? Зошто сите починати се во болнички услови? Водиме ли грижа дали и кој доаѓа во Македонија? Има ли анализа колкумина ќе бидат вакцинирани и дали тоа е доволен процент за колективен имунитет?
Сите овие прашања се одговараат во една опширна национална и државна стратегија, од која подоцна се влечат потези.
Ако искуството досега ни покажа дека на државата изминатава речиси година и половина ѝ недостигаше прецизна стратегија за надминување на пандемијата, сега е клучно да не се повторат грешките, да не се импровизира и да не се подлегнува на притисокот на јавноста. Секако, покрај здравствените експерти, тука треба да се вклучат и економските, за да се анализира состојбата детално од секој аспект.

Вистинските одлуки треба да се носат во согласност со анализите за капацитетот за вакцинација и ризикот што летото го носи поради можноста за групирање и постојани промени на дестинациите за движења.
Да бидеме одговорни, за да не ни се случи во септември да бидеме една од ретките држави во светот, или единствена во Европа со нов, четврти бран на ковид-19.

[email protected]