Вистински луѓе во вистинско време на вистинското место

638

Сега повеќе од кога било на Македонија ѝ е потребно лидерство што ќе ја води земјата со визија, а не политикантство. Токму лидерството (не квазилидерите)
е чистиот израз, што има визија и на најдобар можен начин, во согласност со националните интереси, навреме ќе дејствува и ќе ги препознае потенцијалните ризици врз државата и ќе поттикне превенција во наоѓањето најдобро решение за граѓаните

„Лидерите што сакаат да бидат запаметени во историјата по нивните успеси, секогаш треба да гледаат подалеку од мрачниот хоризонт на случувањата со кои се соочуваат, а такви успешни луѓе има многу во светот: Абрахам Линколн, Френклин Рузвелт, Винстон Черчил, Нелсон Мандела…“.
Оваа е една од попознатите реченици што некогаш ги кажал американскиот новинар, една од легендите на Си-ен-ен, Мајкл Бечер. Сигурно дека кога ја изрекол оваа реченица не мислел на Македонија, но нејзината содржина неизбежно се наметнува кога секојдневно се судираме со многубројните предизвици со кои се судираме како држава и кога гледаме со какво темпо се одвива „справувањето“ со нив.
А дека на ваквите состојби може да се реагира и поинаку, примери имаме безброј. На пример, ако зборуваме за справување со пандемијата, не треба да одиме многу далеку. Дека работите може да се движат во позитивен правец, во кој превентивно може да се реагира за ублажување на последиците од најновиот бран на пандемијата, можеме да видиме и во нашето соседство. Имено, соседна Србија беше прва во набавката и обезбедувањето вакцини за своите граѓани, а прва во Европа, според најавите во медиумите, пак ќе биде поради набавката на лековите против ковид-19 во форма на таблети од производителите „Фајзер“ и „Мерк“.
Според податоците објавени од компаниите, таблетата на „Мерк“ го намалува на половина ризикот од хоспитализација или смрт од ковид-19, додека на „Фајзер“ за 89 проценти.

Токму вистинската демократизација, конкурентноста и реформите внатре во партиите се основна и појдовна точка за демократизација на државата, институциите и на целиот политички систем што ќе биде во интерес на јавноста и граѓаните. Конгресите на најголемите политички партии се пред нас. Време е да се одберат конкурентни кадри, креативни, иновативни, компетентни, низ еден демократски компетитивен натпревар, кој подоцна така ќе биде продолжен и во изборите за државните институции што претстојат низ годините

Во светло на настаните поврзани со пандемијата, треба ли да се потсетуваме како реагираше нашата држава во врска со вакцините и кога дури ги добивме ние, откако граѓаните се снаоѓаа на најразличен начин, па дури и многумина одеа да се вакцинираат во Србија, додека кај нас политичарите и здравствените работници се надмудруваа кој е повеќе во право, а списоците на заболени секојдневно растеа. Лидерството и визијата кај нас како да изостанаа.
А дали најновиот сет на мерки како државата ќе постапи со пандемијата, кои Владата ќе ги разгледува денеска, носи со себе некаква долгорочна визија и фокусирана мисија за здравствена заштита на нашите граѓани? Како контрапункт, само ќе ги спомнеме ригорозните превентивни мерки што изминативе недели веќе беа воведени во повеќе држави во регионот и Европа, меѓу кои се Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција, како и Австрија и Холандија. Насекаде, во целиот свет каде што има вистинско лидерство, кога земјите се соочуваат со предизвици и комплексни и состојби што брзо се менуваат, процените, одлуките и одговорноста ги преземаат лидерите. Ограничувањата, правилата за карантини или вакцинацискиот приоритет со сигурност се непопуларни, но тие во себе содржат и одреден степен на арбитрарност, бидејќи се носат од страна на државни лидери и нивниот тим на советници што имаат најдобар хоризонт за да го погледнат проблемот од највисоко и најшироко и би требало да знаат точно да проценат кој е националниот интерес на земјата во одреден момент во пандемијата.

Вакви слични доцнења, калкулации и колебања во врска со мерките се почувствуваа и летоска во државава, кога шумите ни беа зафатена од сериозен бран пожари. Тогаш се заклучи дека недостигала стратегија некој во круговите на многубројните државни институции да ги подготви органите на системот навреме и ефективно да реагираат на огновите, кои се ширеа со огромна брзина. Институциите не дејствувале превентивно и не ги оспособиле предвреме приземјените авиони „кингери“ за гаснењето на пожарите, а наедно недостигаше и стратегија, а во многу од градовите и соодветна опрема со која летоска противпожарниот систем ќе беше ставен на „штрек“ да реагира.
Слично е и со енергетската криза, која во овие моменти зема сѐ поголем замав и од која допрва се очекува да се почувствуваат штетните последици, кои ќе ги допрат сите компании на нашата и онака кревка економија, но и сите домаќинства, на директен или индиректен начин. Што се чекаше досега за да дојдеме одеднаш во ваква ситуација, зарем немавме вистинска анализа со што располагаме и кои се алтернативите, која е резервата, заднинската поддршка за вакви кризни ситуации? Многу прашања без вистински одговор.
Но ако ваквите примери за барање лидерство и лидерска визија што недостига оставаат горчлив вкус и тераат на размислување во напор да се надмине тешката состојба, што да се каже за потребата од ваква лидерска визија и во меѓународната политика на Македонија, особено во процесите со нашите соседи.
По сѐ што ни се случи изминативе години на меѓународен план, се доби впечаток дека својата стратегиска цел за членство во НАТО и во ЕУ сме ја оствариле само половично, но тука веднаш се надоврзува следното прашање – по која цена и дали е тоа најдобриот пат. Можеме ли како квалитетна процена на лидерите да ја оцениме онаа со која тие би предвиделе дека по решавањето на спорот со Грција и промената на нашето име ќе излезе на површина нов спор со Бугарија, кој ќе нѐ држи надвор од вратите на ЕУ?

Затоа, сега повеќе од кога било на Македонија ѝ е потребно лидерство што ќе ја води земјата со визија, а не политикантство. Лидерите се вистинските луѓе што на најдобар можен начин, во согласност со нашите национални интереси, навреме ќе дејствуваат и ќе ги препознаат потенцијалните ризици врз државата и однапред ќе реагираат превентивно во наоѓањето најдобро решение за нас. Само на тој начин тие ќе можат да ја вратат довербата кај народот. И затоа, да започнеме во партиите, како база на целиот политички систем. Токму вистинската демократизација, конкурентноста и реформите внатре во партиите се основна и појдовна точка за демократизација на државата, институциите и на целиот политички систем, што ќе биде во интерес на јавноста и граѓаните. Конгресите на најголемите политички партии се пред нас. Време е да се одберат конкурентни кадри, креативни, иновативни, компетентни, низ еден демократски компетитивен натпревар, кој подоцна така ќе биде продолжен и во изборите за државните институции што претстојат низ годините.

[email protected]