Вирусот, маските и политиката

2715

Сега е време за координирани решенија и на домашно и на светско ниво во борбата со пандемијата. Само на таков начин ќе се дојде до ефикасно и унитарно справување со вирусот

И покрај тоа што во многу извештаи за глобални ризици, заразните болести фигурираа како една од најголемите закани за светската политика и економија, на почетокот од годинава ретко која земја во светот беше подготвена за глобална пандемија на нов, досега непознат патоген како што е новиот коронавирус. Дури и првичните реакции на разните светски здравствени институции кон ковид-19 низ многу делови од светот беа потценувачки.
Тоа може да се увиди и од хронологијата на постапките, изјавите и потезите на Светската здравствена организација (СЗО), каде што на почетокот често беа некоординирани и спротивставени едни со други.
Во тој правец можеби може да се искористи мудроста на популарната максима врежана во колективната свест, која гласи „претпоставките се мајка на сите грешки“. А грешки или погрешни претпоставки навистина имаше многу, и во глобални и во домашни рамки.
Имено, повеќе од 130 држави денес препорачуваат задолжително носење заштитни маски, додека на почетокот на пандемијата, некаде во март, единствено десетина држави во светот имаа таков став.

Во тој правец, Би-би-си информира дека во изминатите неколку дена и американскиот претседател Доналд Трамп, но и британскиот премиер Борис Џонсон првпат биле видени во јавноста со заштитна маска, дополнително медиумот потсетува дека овие двајца светски „моќници“ на почетокот од пандемијата го занемаруваа овој чин. Сличен, но со обратен развој на настаните, е и примерот опишан во медиумите каде што рускиот претседател Владимир Путин сега не носи заштитна медицинска опрема, а предходно носеше.
Во контекст на актуелните настани, за обележување се заклучоците на новинската агенција Ројтерс дека овие нагли промени на навиките кај политичарите се резултат на нуспојавата во конфузната содржина на пораките од СЗО што се испраќаат до светот во борбата со вирусот сиот овој период.
Токму ова хаотично дејствување на Светската здравствена организација веројатно успеа ги забуни оние што раководат со државите. Па, оттука, ќе се согласиме дека сите треба да извлечеме мудра поука за да се увидат и елиминираат сите досегашни грешки во справување со пандемијата и вирусот.

Во иднина, доколку не сакаме да ни се влошат состојбите на ова поле и конфузијата од лидерите да се преточи кај светското население, ќе треба да се надеваме дека СЗО ќе најде сили и ќе настојува да ги унифицира своите ставови во една долготрајна и организирана политика на дејствување.
Во меѓувреме, ниту Македонија не е изземена од виорот на недоречености и
неконзистентни политики, кои само одат во прилог на повторно ширење на вирусот.
Имено, во животот со пандемијата, која натежна во земјава повеќе од четири месеци, забележителни беа најпрвин строгите мерки на државата со полицискиот час, со кои се ограничуваше заразата, па прекуноќ властите одлучија да настапи нагла либерализација, и тоа за време на верските празници како Бајрам.
Слични двојни аршини можеа да се забележат дури и во процесот на гласањето за предвремените парламентарни избори. Циклусот почна и се одвиваше во строга здравствена безбедна средина, во која до крајност се почитуваа мерките за заштита од вирусот, за тој да не се прошири меѓу гласачите и избирачките одбори. Меѓутоа сето тоа се промени по затворањето на избирачките кутии, кога во ноќта прославите на победниците доминираа низ улиците и плоштадите.

Тоа го регистрираа и телевизиските камери, а беше најизразено во албанскиот блок на партии, каде што нивните поддржувачи во Скопје во постизборната еуфорија, прегрнувајќи се и играјќи, се веселеа без да носат заштити маски, визири и медицински заштитни ракавици.
Дали изборните прослави ќе го зголемат данокот на жртви, како во претходниот период кога се празнуваа верските собири, останува времето да покаже.
Сепак, од сите овие искуства, можеме да научиме дека сега е време за координирани решенија и на домашно и на светско ниво. Само на таков начин ќе се дојде до ефикасна и унитарна борба против ковид-19.

[email protected]