Весели математики со народни пари

418

Списокот на ветени, планирани, почнати и незавршени проекти на политичките партии во Македонија е долг колку и избирачкиот список. Тој постојано се „ажурира“ пред секои избори, без разлика какви се тие, парламентарни или локални. Тоа што загрижува е што сите тие „весели математики“ со почнати а недовршени проекти се прават со пари на граѓаните, а без никаква полза за нив

Иако до локалните избори има речиси уште седум месеци, (пред)изборната кампања, барем кога е во прашање Битола, се чини почна. Политичките партии веќе ги почнаа своите активности и комбинаторики со кои кандидати и проекти ќе се обидат да ја зачуваат или добијат довербата на граѓаните. Секојдневно сме сведоци на политички дебати, надмудрувања и обвинувања за тоа кој што (не) направил во изминатите години, кога биле на власт, а како на берза се нудат разни проекти, со кои политичарите наводно ќе им го подобреле животот на своите (со)граѓани. Водени од непишаното правило дека повторувањето е мајка на (не)знаењето, од политичките архиви секојдневно се вадат разни изјави од прес-конференции, документи, снимки за тоа кој што ветил и (не) направил додека бил на власт.
Деновиве партиите, покрај тоа што се јадат меѓусебно за (не)реализираните проекти и ветувања, повторно се расфрлаат со старо-нови (пред)изборни ветувања и реализација на голем број проекти. Притоа, намерно или не, никој не кажува што ќе се случи со досега ветените но нереализирани проекти, кои се платени, а кои не се реализирани, како од едните, така и од другите и со кои пари ќе бидат реализирани истите тие.

Кога во 2006 година беше промовиран проектот за изградба на индустриската зона Жабени, битолската јавност беше убедувана дека во зоната ќе бидат изградени десетици фабрики, кои ќе вработуваат илјадници невработени лица, и тоа не само од Битола, туку и од регионот. Но иако за инфраструктурно уредување на ИЗ Жабени беа потрошени десетици милиони евра, како државни, така и општински пари, во изминатите 16 години во Жабени е изградена само една фабрика. Тоа е германската компанија „Кромберг и Шуберт“. Од другите многубројни најавени домашни и странски инвеститори, кои ги купија градежните парцели по 1 евро за квадрат, и покрај огромните поволности кои ги добија од локалната власт, засега нема ништо.
А само да потсетиме, по отворањето на зоната помпезно беа најавени инвеститори од Австралија, САД, Италија, Германија, Австрија, Турција, Украина, Холандија, Грција…Поради наводно огромниот интерес за инвестирање во изградба на индустриски капацитети во зоната, дури беше побарано проширување на ИЗ Жабени за изградба на индустриска зона Жабени 2.

Денес, ако се изземе фабриката на „Кромберг и Шуберт“, индустриската зона Жабени повторно личи на сончогледови полиња, како што ја нарекуваше зоната тогашната опозиција, а денес локална власт. За да им се создадат услови на најавените десетици домашни и странски инвеститори, локалната власт над 6,5 милиони евра, кои ги имаше собрано од продажбата на парцелите во Златниот Рид, потроши за инфраструктурно уредување на Жабени, бидејќи според тогашните „весели математики“, инвеститорите со тоа што ќе плателе за комуналии за изградба на фабриките, ќе ги врателе повеќекратно вложените пари. И како што обично бидува кога се прават такви „весели математики“ не само не се вратија што парите од Златниот Рид вложени во Жабени туку Општина Битола „заглави“, па мораше да се задолжи со кредит од Светската банка од 2,5 милини евра, за да им ја (до)изгради инфраструктурата на луѓето што имаа купено парцели за изградба на куќи или станбено-деловни објекти во касарната, бидејки тие се заканија со тужби и високи отштетни побарувања. Многумина битолчани не можат ни да замислат што ќе се случеше со зоната доколку во неа не инвестираше „Кромберг и Шуберт“, која во последен момент, откако ги доби сите услови и поволности што ги бараше, се одлучи да ја изгради фабриката во Жабени. Но и што, и по три и пол години од формирањето на новата локална власт досега, во зоната не е дојден ниту еден домашен или странски инвеститор.
Битола во изминатите години мошне скапо ја плати и сѐ уште ја плаќа цената на играњето „весели математики“ со народни пари, за планираните но нереализирани скапо платени проекти, за изградба на Златниот Рид, ИЗ Жабени, аеродромот кај Логоварди, подземните гаражи под Широк Сокак, катната гаража во центарот на градот, топлификацијата, агроберзата, голф-терените кај Братиндол, хотелскиот комплекс „Нижеполе“, филмскиот град…

Тоа што особено загрижува е што со „весели математики“ не си играат само локалните политичари. Со такви политички „весели математики“ си играат и политичарите на државно ниво, кои пред секои избори, било тоа да се парламентарни или локални, планираат, почнуваат, но ретко кога ги реализираат ветените понекогаш мегаломански со народни пари скапо платени проекти. Колку само пати од 1994 година беше планиран, но никогаш во изминатите 27 години не беше изграден автопатот за Битола, од Велес до Прилеп, преку Бабуна. Овој проект го заборавија дури и тие што го планираа и понудија за изградба. Колку само пати бил ветуван, но ниту почнат да се гради автопатот за граничниот премин Меџитлија со соседна Грција. Иако е изградена и по неколку години сѐ уште не е пуштена во сообраќај ни железничката пруга Битола – Лерин. Слична е судбината и со изградбата на железничката пруга за Бугарија, која со децении е оставена да пропаѓа, а која дури сега повторно стана актуелна, дури и како едно од прашањата во спорот со Бугарија. Да не зборуваме за почнатиот, но никогаш довршен скијачки центар на Кожув, кој требаше да прерасне во македонски Кицбил.

Списокот на планираните, почнати и незавршени проекти на политичките партии во Македонија е долг колку и избирачкиот список. Тој постојано се „ажурира“ пред секои избори, без разлика какви се тие, парламентарни или локални. Тоа што загрижува е што сите тие „весели математики“ се прават со народни пари на штета на граѓаните, за кои партиите сметаат дека имаат кратко паметење и што ретко кој досега што си играл такви „математики“ презел политичка, материјална или кривична одговорност за напразно фрлените пари.