Вербална нота од македонските граѓани

946

По сите досегашни примери на злоупотреба на правото, процедурите и законите, она што може да се извлече како некаков заклучок е содржано во насловот на текстот. А тоа е острата вербална нота до македонските политичари од страна на македонските граѓани. Упатена сега, пред избори, кога и да се одржат тие. Вербална нота со која се бара безусловно почитување на Уставот и на законите, кои мора да важат еднакво за сите, како и одговорно државничко однесување на сите што претендираат на некоја функција

Уште еднаш се покажа дека пазарлакот е она што најмногу го сакаат и најчесто го практикуваат македонските политичари.
Веројатно нема ништо чудно и необично во тоа некој да сака да се пазари, да се ценка, да се нагодува и договара, но само доколку тоа не е на штета на востановените правила на игра, демократски процедури и правни норми во државата. За жал, во најголем број случаи досега се покажа дека токму процедурата, законските прописи и правната држава страдаа и беа жртва на политичките пазарења и ситнопартиски интереси, без разлика дали се работи за прашања од областа на внатрешната или надворешната политика. На политичката сцена сметката речиси никогаш не излегува според претходно планираното. Еве, на пример, како држава се доведовме во ситуација да се одлучува за редица значајни прашања во последен момент, па дури и за тоа дали ќе има или не избори на 12 април, иако тие претходно беа консензуално договорени. Токму денеска (14 февруари, на Св. Трифун) се очекува собраниска седница и за новиот закон за јавно обвинителство, за изборниот законик и за разрешување на министерка во техничката влада, се споменува и некакво ново парламентарно мнозинство, а се бара и нова лидерска средба за потврдување на датумот за избори.

Е па, што е многу, многу е. Па, и да се работи за македонски услови, навистина се прекардаши. Ваква згусната и хаотична агенда тешко може да се сфати, а камоли да се свари. Но, без разлика каков ќе биде расплетот, по сите овие заплети и последни политички случувања, она што боде очи е бесрамното и дрско повикување на Уставот и законите од страна на политичарите секогаш и само кога тие сами ќе се најдат во некоја неволја или можна стапица. Оние што безброј пати досега ги погазија и Уставот и законите, кога се работи за спас на нивната кожа се повикуваат на Уставот и законите.

И ова не е првпат, ниту пак претставува некаква новост. Ваквото однесување е политичка константа долга низа години, што е невидено лицемерство. Најнов и најеклатантен пример за ова се спротивставените ставови на политичарите од власта и опозицијата во однос на одредбите од новиот закон за јавно обвинителство, кој дури стана и клучен предуслов за одржувањето на изборите. И власта и опозицијата настојуваат во новите законските одредби да вметнат членови што ќе им одговараат ним, за да избегнат евентуална одговорност.

Ваквото кроење закони по ситнопартиски терк или според одредени политички интереси е неприфатливо за граѓаните и за целокупната јавност. Законите не се ничиј џубокс, ниту нечија партиска желботека, туку претставуваат неопходна потреба во секое демократско општество и треба да важат за сите еднакво. Во таа насока, доколку и во иднина Уставот и законите се споменуваат само за нивно скрнавење и злоупотреба, тогаш веројатно е покорисно да им се забрани на политичарите да се повикуваат на највисокиот правен акт. Но и не само на него. Слично друго законско скрнавење беше забележано неделава, кога ДУИ се пофали дека успеале да го вметнат Бадентер во изборот на јавни обвинители за гонење организиран криминал и корупција. Фамозното Бадентерово мнозинство изгледа стана зачин во секоја манџа, па сега, при изборот на јавните обвинители, ќе биде одлучувачка етничката припадност, а не колку некој е стручен и способен. Тоа е тежок удар за владеењето на правото и правната држава.

Само уште во Македонија единица мерка за нечие оценување и вреднување е етничката припадност кон одредена малцинска заедница. Секаде на друго место тоа се стручноста, компетитивноста, конкурентноста.

Да знаел однапред што ќе се случи со неговата идеја, веројатно и познатиот француски правник и експерт Роберт Бадентер самиот би се срамел од ваквата злоупотреба на неговото славно презиме. Или можеби по едно вакво бандитско однесување посоодветно е правилото да се преименува и прекрсти во Бандитер. Па, кога веќе ни тргна со прекрстувањата и преименувањата, може и Бадентер да се преиначи во Бандитер, или нагалено во „бандитско мнозинство“.

И кога сме веќе на теренот на Уставот, законите и меѓународното право, еве уште еден пример без преседан во меѓународната политика. Замислете, Грција неделава вложила вербална нота поради тоа што министерка во техничката влада не ја користела новата табла, со новото име на државата. Со тоа бил прекршен Преспанскиот договор. Тоа, впрочем, е и причината поради која се бара и нејзино разрешување.
И веднаш да бидеме начисто. Политичките и дипломатските играрии, тактики и подметнувања воопшто не се фокусот на темава.

Овде станува збор за нешто друго. За табли и принципи. Во таа насока нашето прашање е следно. Дали и колку Грција досега го почитува Преспанскиот договор? Поставени ли се таблите со сменетото име на Македонија на патните правци низ Грција? Одговорот веројатно на сите им е познат. Дури грчки официјални претставници сѐ уште тврдат дека никогаш нема да ги сменат таблите, ниту, пак, ќе го прифатат називот Македонија за нашата држава. И за тоа таму никој не е сменет, ниту пак разрешен. Понатаму, дали надлежните органи и институции во Македонија вложија досега некоја протестна нота поради непочитувањето на договорот од грчка страна. Или остра вербална нота за провокативната кампања на Грција за брендирање на сите грчки производи, насловена GReat Macedonia. Големите букви GR воопшто не се грешка, туку токму така беше пласирана кампањата што некои ја преведоа и протолкуваа и како Грција ја изеде Македонија – GR(eat) Macedonia. Вложи ли некој вербална нота за ова и кој е епилогот?

Затоа, по сите овие примери на злоупотреба на правото, процедурите и законите, она што може да се извлече како некаков заклучок е содржано во насловот на текстот. А тоа е остра вербална нота до македонските политичари од страна на македонските граѓани. Упатена сега, пред избори, без разлика кога и ќе се одржат тие. Вербална нота со која се бара безусловно почитување на Уставот и законите, кои мора да важат еднакво за сите, како и одговорно државничко однесување на сите што претендираат на некоја функција. Потоа креирање политики што ќе го бранат јавниот, наместо партискиот интерес, како и брза реакција и одбрана на македонските национални интереси во секоја пригода кога тие се нападнати и загрозени.
Ако сте подготвени за вакво нешто, слободно повелете на мегдан. Во спротивно, ич не појавувајте се на политичката сцена.

[email protected]