Вакцинирани од одговорност

699

Во изминативе години уредно бевме информирани како во САД и во голем број европски држави, кои, се разбира, ги користиме како модел, се промовира правото на избор, дури и кога станува збор за вакцинирањето. Прашање на време беше само кога разни активисти во земјава ќе се обидат да ја експлоатираат темата за некакви свои, се извинувам ако претерувам, себични цели. Но нивната моќ не ќе можеше да го постигне сегашниот ефект, доколку на сето тоа не им кумуваа амбициите на доскорешната опозиција и, најблаго речено, незаинтересираноста на сегашната власт да ги менаџира, па дури и да ги саботира, процесите што се од есенцијално значење за здравјето на општеството и на државата. За улогата на претходната власт, сегашна опозиција, веќе е беспредметно и да се зборува

Информациите за генералната недоверба дури и во етаблираните медиумски и институционални извори, јакнењето на свеста за бескрупулозната трка по профит на мултинационалните компании, пред сѐ од енергетскиот, фармацевтскиот и од банкарскиот сектор, сѐ подостапните „втори“ мислења и алтернативни извори и начини, се само некои од многуте нешта до кои родителите на денешните родители не можеле да стигнат со само еден клик, па сепак, барем според општиот впечаток, нивните деца биле поздрави, а тие посреќни. Наспроти тоа, со денешната општа недоверба како во компаниите од приватниот сектор, така и во државните институции, предозираноста со информации и со ширењето на свеста за некакво право за донесување самостојни одлуки дури и кога станува збор не само за сопственото и за здравјето на сопствените деца, туку и за јавното здравје, се добива токсичен коктел каков што во изминативе празнични денови, на јавноста ѝ се сервираше заедно со вестите за растечкиот број на заболени од морбили или мали сипаници и со прогласување епидемија од оваа болест во Скопје, со нагласен потенцијал таа да биде проширена на територијата на целата држава. Сепак, многумина свесно или несвесно, ја изигнорира претходно објавената информација дека токму во главниот град на Македонија, Скопје, веќе е регистриран поразително лош опфат на вакцинациите што ги препорачува Светската здравствена организација и што во земјава се законски задолжителни. Дали како искрено предупредување до јавноста или како алиби за нештата што допрва ќе се откриваат и, се надеваме, ако ги има, ќе бидат откриени, највисоките претставници на здравствените власти во земјава, токму пред празниците, додека се знаеше дека морбилите косат само низ скопската населба Радишани, излегоа со информацијата дека во метрополава не се вакцинирани вкупно 15.000 деца на возраст до 14 години и дека опфатот на вакцинацијата особено е низок кај децата од предучилишна возраст. Поточно, дека до пред Нова година не биле вакцинирани дури 11.256 од вкупно 39.000 деца родени во периодот од 2013 до 2017 година. Или, една третина од децата на предучилишна возраст. Како во некоја африканска држава, би рекле неупатените. Упатените пак, знаат дека сличен, иако не до толку поразителен тренд владее и во земјите од регионов, но и на ниво на цела Европа. И пошироко.

Во изминативе години уредно бевме информирани како во САД и во голем број европски држави, кои, се разбира, ги користиме како модел, се промовира правото на избор, дури и кога станува збор за вакцинирањето. Прашање на време беше само кога разни активисти во земјава ќе се обидат да ја експлоатираат темата за некакви свои, се извинувам ако претерувам, себични цели. Но нивната моќ не ќе можеше да го постигне сегашниот ефект, доколку на сето тоа не им кумуваа амбициите на доскорешната опозиција и, најблаго речено, незаинтересираноста на сегашната власт да ги менаџира, па дури и да ги саботира, процесите што се од есенцијално значење за здравјето на општеството и на државата. За улогата на претходната власт, сегашна опозиција, веќе е беспредметно и да се зборува.

Дури и кога ќе се исклучат сите тврдења на антивакциналните лобија и теориите на заговор, барем од овдешната перспектива гледано, останува прашањето колку здравствените власти се способни да менаџираат еден од клучните, можеби и најважен сегмент на јавното здравје – имунизацијата? И дали воопшто се способни? Но за одговор на ова прашање, како и на многубројните други, за жал, ќе треба да помине извесно време, а дотогаш не би било отповеќе да се потсети оти најголемите дострели на медицината се токму вакцините и антибиотиците, како и дека, според споредбата на разни статистики, во текот на минатиот век, во војните смртно настрадале околу 200 милиони луѓе, додека од болестите, кои можеле да бидат спречени со вакцинацијата, починале, речиси две милијарди луѓе

За потсетување, една од тезите со кои актуелната власт се бореше за сегашната позиција беше дека лекарствата генерално, вклучувајќи ги и вакцините во земјава, се неквалитетни и дека таа, „како единствен промотор на евроатлантската интеграција“, меѓу другото, ќе обезбеди и вакцини со квалитет соодветен за стандардите на Европската Унија. Пораката до јавноста беше во меѓувреме да не се вакцинираат децата. Две години потоа, Владата се соочува со поразително низок опфат на вакцинација, но и со скандалозна ситуација кога во екот на епидемијата, додека се форсира вонредна вакцинација на децата, беше пласирана информацијата дека некои од вакцините МРП (морбили, рубеола, паротит) се со поминат рок. Сосема очекувано, од компанијата експресно беше лиферувано објаснувањето дека сите вакцини се со важечки рок и се безбедни за користење и оти само декларациите им биле погрешни. Но, кој сега да им верува?! И на компанијата и на здравствените власти.

По ова, дури и кога ќе се исклучат сите тврдења на антивакциналните лобија и теориите на заговор, барем од овдешната перспектива гледано, останува прашањето колку здравствените власти се способни да менаџираат еден од клучните, можеби и најважни сегмент на јавното здравје – имунизацијата? И дали воопшто се способни? Но за одговор на ова прашање, како и на многубројните други, за жал, ќе треба да помине извесно време, а дотогаш не би било отповеќе да се потсети оти најголемите дострели на медицината се токму вакцините и антибиотиците, како и дека, според споредбата на разни статистики, во текот на минатиот век, во војните смртно настрадале околу 200 милиони луѓе, додека од болестите, кои можеле да бидат спречени со вакцинацијата, починале, речиси две милијарди луѓе. Да се надеваме оти бројките се доволно отрезнувачки не толку за противниците на вакцинацијата, колку за здравствените власти во земјава.