Бришење и на музичкото богатство и историја

2566

Ќе успее ли да се спаси македонската музичка продукција или и таа како и редица други работи ќе стане жртва на негрижата, незнаењето и немањето слух за културата, историјата, традицијата и нотното национално богатство на државата. Музичката продукцијата на Македонската радио-телевизија, родена во 1948 година, создаде фонотека каде што е запишана речиси целокупната македонска популарна музика од Втората светска војна, па досега, но последните две децении постојано е во немилост на раководните структури и надлежните органи

Од некогашниот креативен џин каков што беше Музичката продукција на Македонската радио-телевизија останаа само неславни рекорди за Гинис – нагризано нотно богатство од околу еден милион снимени музички единици, фрлени во вториот подрум на зградата на МРТ, заедно со инструментите на некогашните шеесетина музичари и автори од пет активни оркестри: Биг-бендот, Народниот оркестар, Чалгиите, Оркестарот за народни инструменти и Камерниот оркестар. Занемеа и радиото и Детскиот хор, кои беа со светско реноме.
Веќе 18 години, Музичката продукција не постои и покрај напорите на вработените, на ентузијастите во Македонската телевизија да не се случи тоа. Стотици автори, музичари, диригенти, продуценти, сниматели, техничари…, кои за својот труд освојувале и меѓународни награди и создале музичко богатство што македонската музика ја зачува од заборав и ја издигна на едно повисоко уметничко нивно, не можеа ништо да сторат пред налетот на деструкцијата.
Продукцијата родена во 1948 година создаде фонотека каде што е запишана речиси целокупната македонска популарна музика од Втората светска војна, па досега, но последните две децении постојано е во немилост на првите луѓе на МРТ, а индиректно и на државата под чии ингеренции е националната телевизија. Распадот почнал кога намалениот број музичари, поради болест или смрт, не се надоместувал со нови членови. И хонорарците си заминувале поради неисплатени хонорари и неминовно оркестрите занемеле. А младите што требало да ги пополнат испразнетите места на музичарите се снаоѓале кој како знае и умее, некои отишле во Оркестарот на Операта, на ФМУ, во Средното музичко или свиреле тезги.
Имало неколку обиди за спас на Музичката продукција, но и тие биле со краток здив. Така, на 27 февруари 2008 година се одржал концерт со два повода – одбележување на 60-годишното постоење на оваа институција и за спас на Музичката продукција. Тоа биле и апел и заложба на вработените таа да не се укине како што било најавено, со одлука донесена со рестриктивните мерки за опстанок на МРТ, во време кога директор бил Сајовиц.

Ниту директорите потоа не направиле ништо за подобрување на состојбите.
По овој јавен притисок врз првите луѓе, кога се правела новата систематизација со која требало Музичката продукција да се избрише, со анекс била додадена и опстанала. Новиот извршен директор Марјан Цветковски, заедно со Управниот одбор на МРТВ, донел одлука за ревитализација на продукцијата и заживување на оркестрите.
Во 2012 година е реобновен „Скопскиот фестивал“, оркестрите почнале да работат, во студијата М2 и М3 се снимал и фестивалот „Цветници“, а во 2014, 2015 и 2016 година и „Макфест“, при што пејачите настапуваа во придружба на Ревискиот оркестар. Потоа работите почнале да стагнираат, пари немало, а и оние наменети за Музичката продукција се пренаменувале. „Скопскиот фестивал“ и „Цветници“ згаснале, како и ентузијазмот и желбата на вработените.
Денеска Музичката продукција нема ниеден вработен, инструментите се испокрадени, а некои музичари за да ги спасат ги чуваат во своите домови. Снимките пропаѓаат, голем процент од лентите се целосно оштетени, бидејќи на нив се преснимени други материјали, од невнимание или заради „штедење“.
И студијата се празни, руинирани и се дават во прашина. Останаа само сеќавања на златните денови, кога 24 часа се снимале македонска, турска, ромска, албанска и влашка музика во студијата М2 и М3 и кога немало слободен термин. Своевремено дел од продукцијата била и Касетната продукција на МРТ, која ги овековечувала делата на домашните автори на носачи на звук, но и таа веќе одамна не постои.

Според авторите и музичарите што некогаш беа дел од Музичката продукција на МРТ, таа е огледало на целата култура на нашата држава. „Последните Мохиканци“, како што самите се нарекуваат, порачуваат дека „голема штета е нешто што со години се градело и го создавале генерации толку ладнокрвно да се уништува“.
Некогашните вработени во Музичката продукција апелираат дека „сѐ додека челниците не сфатат дека еден од главните постулати на кои треба да се гради МРТ, покрај телевизијата и радиото, е и продукцијата што ја создаваше целокупната македонска музика од Втората светска војна, па до денес, не можеме да одиме напред и не може да стане збор за развој и егзистенција на една национална телевизија, но и на целокупната култура на еден народ. Ако сакаме да влеземе во Европската Унија и според законите на ЕБУ, нашата земја ќе мора да има оркестри и сопствена музичка продукција“.
Тие додаваат дека наспроти фактот дека кај нас гаснат оркестрите, во другите соседни земји, па и во Косово, има барем по еден голем Ревиски оркестар, а некаде дури три, па и пет. Тие ја споредуваат фактичката состојба со национална трагедија, бришење на минатото како со гумичка.

Пред две години кај сите повторно се родила надеж дека нештата ќе тргнат на подобро, кога била оформена работна група во Владата за спас на Музичката продукција. По шестмесечна работа, биле направени целосен елаборат и финансиска рамка. Но и овој обид не дал плод. Неодамна Љупчо Мирковски, кој е последниот директор на Музичката продукција и еден од најголемите борци за нејзино обновување, со јавно писмо се обрати за помош до Владата и до премиерот.
Мирковски многупати досега апелирал да не се дозволи нешто што се градело со децении да се уништи. Тој очекува поддршка од колегите музичари, автори, пејачи, бидејќи, како што вели, сѐ што прави е за доброто на државата и за младите генерации, извонредни музичари инструменталисти, композитори, аранжери, кои се подготвени да се вработат во МРТ, во Музичката продукција да ја продолжат работата на Драган Ѓаконовски-Шпато, на Кире Костов, Илија Пејовски, Александар Џамбазов, Љубомир Бранѓолица, Љупчо Константинов, Славе Димитров, Благој Чешларов, Благоја Дескоски и на уште многу други великани на македонската музичка историја. Ќе успее ли да се спаси македонската музичка продукција или и таа како и редица други работи ќе стане жртва на негрижата, незнаењето и немањето слух за културата, историјата традицијата и нотното национално богатство на државата.