Бранувања

236

Годинава донесува доста светски фудбалски турбуленции, прво се случи најавената, па нереализирана суперлига, се донесоа измени во Лигата на шампионите, почна да се игра и третиот европски клупски куп, а сега недоразбирања има на релацијата Европска фудбалска унија – Светска фудбалска федерација околу прекројувањето на меѓународниот фудбалски календар. Спортот претходните неколку децении се трансформира до фаза на непрепознавање, а на сето тоа сега се и промените откако светот запре пред една година поради пандемијата (натпреварувачки, финансиски, логистички…), по што спортот се соочи со невидена ситуација, но и сега се престројува и продолжува понатаму. Некои од фудбалските промени во најава ќе ги почувствуваат сите, но, исто така, сите треба да се приспособуваат, за да се избере пат што ќе донесе сатисфакција

На повидок се нови светски фудбалски бранувања, вообичаено на терените, а надвор од него годинава донесува доста турбуленции. Прво се случи најавената, па нереализирана фудбалска суперлига на најголемите европски клубови, се донесоа измени во Лигата на шампионите, почна да се игра и третиот европски клупски куп, а сега недоразбирања има на релацијата Европска фудбалска унија – Светска фудбалска федерација околу прекројувањето на меѓународниот фудбалски календар и најавите за одржување на светските првенства почесто отколку досега, на две наместо на четири години. Во дискусиите се вклучени фудбалери, тренери, клубови, организации…
Иницијативата за воведување суперлига на европските гиганти, во која, на пример, секој од нив ќе игра без разлика каков пласман има во домашното првенство, не е нешто ново. И своевремено воведувањето на Лигата на шампионите беше своевиден „земјотрес“, промените воопшто секогаш носат раздвижувања, некогаш и тектонски, како што беше по донесувањето на т.н. правило Босман, на пример. Промени постојано се случувале, од правила, до број на учесници, а едно такво (проширувањето на европските првенства на 24 репрезентации учеснички) искористи и фудбалска Македонија, откако репрезентацијата дебитира на континенталниот шампионат годинава.

Други и слични промени има и во други спортови, многу од нив вообичаени, развојни, организациски, натпреварувачки, финансиски… Со тоа, меѓу другото, се занимава спортскиот свет и не застанува, а сето тоа на спортските вљубеници ќе им донесе повеќе забава, но, сепак, зад сето тоа, секако, стои идејата и за поголем профит. Спортот претходните неколку децении се трансформира до фаза на непрепознавање и се избришани сите траги на, на пример, некогашниот аматеризам, во секој поглед. Ретко кој, пак, се сеќава дека, на пример, во фудбалот до пред 30 години најквалитетните клупски натпреварувања се играа исклучиво со нокаут-систем (за европската титула играа само актуелните домашни шампиони), на европските првенства во фудбал играа по осум репрезентации, на светските 24, не постело правилото за враќање на топката на голман… Три децении претходно, пак, само што почна да се играат европските фудбалски првенства, со по четири селекции, на мундијалите играа по 16 репрезентации, не постоеја жолти и црвени картони, на пример, само што почнало да се игра со право на измени во текот на мечевите…
На сето тоа сега се и промените откако светот запре пред една година поради пандемијата (натпреварувачки, финансиски, логистички…), по што спортот се разбранува и се соочи со невидена ситуација. Но и спортот се престројува и продолжува понатаму, а идеите за промени се само еден сегмент од вкупната слика. Секогаш кога има вакви периоди на промени или најави за измени, се поставува прашањето како да се справиме со сите тие евентуални поголеми промени за да не останеме на маргините. Ние и повеќето земји од регионот, секако, и други.

А овој регион, на пример, освоил над 40 континентални титули во екипни спортови во машка и во женска конкуренција (ракомет, кошарка, фудбал, одбојка…), неколкукратно повеќе во поединечните спортови, неброен број медали од олимписки, светски и од европски првенства, а има и десетици спортисти и тренери што се влезени во соодветните светски спортски куќи на славните. Македонскиот фудбал нема да биде одминат од сето тоа, но, како и досега, важна опција и за фудбалот ќе биде продукцијата, без разлика на евентуалните промени во светскиот фудбал.
Сето тоа одлично го покажува патот, трасиран, во продолжување на трката за производство, откако истиот овој дел од Европа низ децениите покажа дека е плодна почва за развој на таленти во сите спортови, што ни кажува и дека не е сѐ во финансиската страна. Некои од фудбалските промени во најава ќе ги почувствуваат сите, но, исто така, сите треба да се приспособуваат, за да се избере пат што ќе донесе сатисфакција. Сето тоа што се случува и што се најавува треба да биде само уште поголема мотивација, причина за антиципација на нештата, но и за зголемување на интензитетот на работата. И во спортот, во кој, исто така, има постојано докажување, одамна се знае дека треба во огромни количества нештата „да се направат“ и „да се завршат“ за да има врвни резултати, кои би биле ветер во грбот на сите, за да има поголема веројатност дека ќе се создаде, а подоцна и ќе се освои.

[email protected]