Битка за здравјето

560

И додека еден дел од населението продолжува со својот неодговорен однос, вклучувајќи ја и докторката што се скијала во Италија, а потоа брзала да одржи семинар со 300 луѓе, мора да се поздрави одговорниот однос на министерот за здравство Венко Филипче. Министерот на крајно транспарентен начин по неколкупати во денот информира за состојбата со вирусот, за заболени, тестирани, потврдени случаи… Покрај тоа, ги користи сите можни начини, медиумите и социјалните мрежи, да допре до што поголема група граѓани за да ги презентира опасностите од новиот вирус и начините како граѓаните да се заштитат

Пандемијата со вирусот ковид-19 ја тресе планетата, предизвикувајќи масовни откажувања на манифестации, фестивали, спортски натпревари, политички состаноци и секакви можни настани на кои би можеле да се соберат поголем број луѓе, а со намера да се спречи ширење на вирусот, кој стана светска закана број еден.
Кога ќе се забележат загрижените лица на германската канцеларка Ангела Меркел и на американскиот претседател Доналд Трамп, тогаш станува повеќе од јасно дека „ѓаволот ја однел шегата“ и дека човештвото се соочува со нешто многу понепредвидливо и поопасно.
И Македонија не остана имуна на ковид-19, па веќе се потврдени неколку случаи на заразени со коронавирусот, поради што државата започна да применува мерки за заштита на населението во насока на спречување на масовно ширење на вирусот.

Но и покрај прецизните инструкции што секојдневно ги упатуваат здравствените работници, да се одржува хигиената, да се избегнуваат местата каде што има поголема маса луѓе и да не се крева паника, голем дел од македонските граѓани очигледно остануваат глуви на ваквите препораки и во согласност со балканскиот менталитет, почнаа да ги празнат маркетите купувајќи енормни количества брашно, масло за јадење, шеќер, сол и средства за хигиена, небаре ако пандемијата, не дај боже, земе замав, секој ден ќе месат леб и ќе јадат мазник.

Последниве денови можат да се забележат огромни редови пред касите во сите маркети, преполни кошници со продукти, кои обично и воопшто не се купуваат, но сега одеднаш станаа и повеќе од потребни.
Ситуацијата добро им дојде на дел од трговците, кои ваквиот кризен потрошувачки бран го искористија да ги кренат цените на некои производи и да профитираат од кризата. Во некои други времиња овие луѓе ги нарекуваа кризни профитери и се знаеше како завршуваа. Сега може само да се најдат на удар на пазарната инспекција, која мора да „ги лови“ и да ги казнува.

Токму ваквите слики од маркетите само внесуваат дополнителна психоза меѓу населението, кое наместо да остане смирено и дисциплинирано, почнува панично да реагира, што во никој случај не е добро и повеќе потсетува на апокалиптичните холивудски блокбастери во кои човештвото е пред истребување од непознат вирус.
Како мерка на претпазливост на почетокот на неделата беа затворени градинките, училиштата и универзитетите, со препорака сите да останат дома и да избегнуваат места каде што има поголеми групи на луѓе.

И што се случи? Децата наместо во градинките и училиштата, сега ги преплавија игралиштата во голем број. Возрасните, пак, не се откажуваат од кафулињата, па преполните летни тераси се секојдневна слика, како случувањата во Италија и другите европски земји да се од некоја друга планета оддалечена со светлосни години од нас.
Тоа само говори за ниската јавна свест меѓу луѓето, кои освен што го загрозуваат сопственото здравје, го загрозуваат здравјето и на другите и предизвикуваат опасност од епидемија од невидени размери на која тешко одговараат и здравствените системи во далеку поразвиени земји од нашата.

И додека еден дел од населението продолжува со својот неодговорен однос, вклучувајќи ја и докторката што се скијала во Италија, а потоа брзала да одржи семинар со 300 луѓе небаре од тоа ѝ зависи номинацијата за Нобелова награда за медицина, мора да се поздрави одговорниот однос на министерот за здравство Венко Филипче.

Човекот е од еснафот, знае да процени што претставува висок ризик за здравјето на населението и токму така се однесува, што е реткост меѓу македонските политичари.
Министерот на крајно транспарентен начин по неколкупати во денот информира за состојбата со вирусот, за заболени, тестирани, потврдени случаи… Покрај тоа, ги користи сите можни начини, медиумите и социјалните мрежи, да допре до што поголема група граѓани за да ги презентира опасностите од новиот вирус и начините како граѓаните да се заштитат.

Доказ за ваквата констатација се и преземените мерки за заштита од вирусот, кои важат за земји со висок ризик, иако Македонија не е таква земја.
Не е за чудење што неговите активности наидуваат на одобрување меѓу објективните граѓани, необременети со политика, кои сметаат дека на министерот навистина здравјето на граѓаните му е на прво место и му даваат безрезервна поддршка, споделувајќи ги неговите објави и придржувајќи се до препораките што секојдневно пристигнуваат од Министерството за здравство.

Сепак, се добива впечаток дека и нему му е потребна поголема поддршка, вклучување на поголем број медицински тимови, кои ќе ги спроведуваат препораките, кои ќе информираат на прес-конференциите, за да не се префрла оваа одговорна работа само врз еден човек.

Како и да е, министерот Филипче не смее да остане сам во оваа борба. Сите сме дел од тимот Македонија и треба да помогнеме тој тим да победи, да победи во, можеби, најтешкиот натпревар што некогаш го играл. Победата ќе значи здравје, здравје за сите нас и, најважно, здравје за нашите деца.