„Белите мечки“ во домашната политика

666

Додека се чека ДИК да ги официјализира и да ги објави конечните резултати од изборите, по завршување на сите жалбени и тужбени постапки, три настани оставија посебен белег на неделава што изминува.
Сите три, на еден или друг начин, се поврзани со правото и правдата, таа насушна потреба во оваа наша напатена Македонија. Во меѓувреме се засилува дигиталната специјална сајбер-војна против нашата држава. Разни хакери, од дома и од странство, ѝ се настрвија на Македонија како скакулци пред жетва. Невидливи и засега недопирливи, како и коронавирусот, сајбер-агресориве ја решетат Македонија од сите страни. Пред оваа загрижувачка појава Македонија засега е немоќна што било да направи, иако на удар се клучни институции во државата. И за последните напади врз сајтовите на министерствата за здравство и за образование, како и за низа претходни случаи, кога беше хакирана страницата на ДИК, или на „Тајм.мк“, единственото објаснување е дека – истрага е во тек. Стара, излитена и добро позната флоскула за наши околности.

Ако постои некоја евиденција и статистика, низ годините Македонија веројатно е рекордер во категоријата – истраги без епилог. Да не одиме подалеку, дури ни помпезно најавуваната истрага за мистериозното демисионирање на поранешниот премиер во Унгарија, на пример, нема завршница и по толку време. Но да се вратам на најавата од почетокот на текстот и на трите настани што заслужуваат посебен осврт. Кон средината на неделата што изминува во крајно тензична и спротивставена атмосфера беше донесен буџетот на ЕУ за периодот 2021-2027 во висина од 1.824 милијарди евра, како и посебен таканаречен корона-фонд за закрепнување на економиите од последиците на пандемијата во износ од 750 милијарди евра. Од овие пари секоја од државите-членки ќе добие по заслуга различен износ, при што за земјите од регионот се предвидени: за Романија 80 милијарди евра, за Грција 32 милијарди евра, за Бугарија 29 милијарди евра, за Хрватска 22 милијарди евра итн. Навистина голема и респектабилна сума пари што само ги потврдува придобивките од членството во Унијата, кое нели е и наша посакувана цел. Во меѓувреме додека стигнеме до целта, за Македонија како земја-кандидат засега остануваат трошките, односно само 160 милиони евра помош, што споредено со претходните бројки е навистина неспоредливо мала сума.
Но настрана парите, а сепак тесно поврзано со нив, од состанокот на ЕУ произлезе една многу важна порака до сите земји-членки и кандидатки. А порака гласи – нема пари без правна држава и владеење на правото.

Со специјална клаузула и контролен механизам исплатата на парите од фондовите и буџетот на ЕУ е условена и поврзана со усогласеноста на владеењето на правото во земјите-членки и аспиранти за членство. Иако многумина ваквите условувања и одредби ги поврзуваат главно со Полска и со Унгарија, сепак пораката е универзална и важи за сите. Вклучувајќи и за Македонија, како земја-кандидат за членство, која токму од есен се очекува да ги почне преговорите со Унијата. Значи да резимираме.
Лидерите на Европската Унија јасно и едногласно порачаа дека нема пари без правда и правна држава. Тоа е императив за кој нема отстапки ниту попуштања. Дури напротив. Доколку во која било фаза се забележат отстапување или кршење на правните начела, предвидената помош ќе биде прекината и повлечена. Таков е ставот на Европската Унија.
Зошто е важно ова за Македонија? Од едноставна причина што искуството од минатото покажува дека кај нас многу често се правени отстапки на штета на владеењето на правото и правната држава. За постигнување одредени политички цели во даден момент се газеше и преку Уставот и преку меѓународното право, а не се почитуваа ниту препораките на Венецијанската комисија, како орган на ЕУ, како на пример во случајот со носењето на Законот за двојазичност. Но ако досега се замижувало и се толерирало ваквото однесување, во иднина тоа сѐ потешко ќе поминува со почетокот на преговорите со ЕУ.

Менталитетот на политичко пазарење и тргување со правото мораме еднаш засекогаш да го оставиме зад нас. Државата се наоѓа во сензитивен период на формирање влада при што протекуваат и одредени сигнали за „позајмување пратеници“, на една или друга страна, за формирање парламентарно мнозинство. Во тек се и доста истраги за крупни случаи за кои домашната јавност очекува завршница. Во таа насока токму сега пред очекуваниот почеток на преговорите со Унијата не смееме да паднеме на испитот за владеењето на правото и функционирањето на правната држава. Политичарите и институциите имаат најголема одговорност за тоа.
Следниот настан, поврзан исто така со владеењето на правото и достижноста на правдата, е поврзан со командант Абаз и неговото сведочење пред Судот за воени злосторства во Хаг. За оние што подзаборавиле, командантот Абаз е војничкиот прекар на лидерот на ДУИ Али Ахмети, од времето кога беше на чело на ОНА во периодот на воениот конфликт во Македонија. Сега Ахмети е повикан како сведок во Хаг за друг случај, поврзан со надлежностите на судот.

Но меѓународната заедница и секако судот во Хаг добро знаат дека и против командантот Абаз, односно Али Ахмети, има евидентиран случај познат како „Водството на ОНА“, кој беше вратен за да постапуваат по него македонските судски органи. Тоа не значи дека Хаг се откажал од овој предмет, бидејќи случаите поврзани со воени злосторства против човештвото никогаш не застаруваат. Како ќе помине Ахмети како сведок во Хаг за македонската јавност е помалку важно од горката реалност како Хашките случаи, всушност, се третираат дома во нашиот правосуден систем. А одговорот е никако. Од формалноправно непознати причини и по повеќе од десетина година четирите вратени случаи од Хаг, кои требаше да се процесираат и судат кај нас, не се ниту почнати. Единствено за нив не важи флоскулата – истрагата е во тек, зашто воопшто и нема никаква истрага. Треба да се напомене и дека овие случаи не се опфатени со Законот за амнестија, така што нема ниту едно логично објаснување зошто по нив досега не се постапувало и не се постапува.
Дури и ДУИ како партија што произлезе од поранешната ОНА и во своето име ја има ставено европската интеграција како врвен приоритет, треба да расчисти со овој баласт од минатото. Но не само ДУИ туку и политичари од други партии што се поврзуваат со овие или некои други случаи.

Сите тие треба да ја докажат својата улога и да ја одбранат својата невиност пред истражните и судските органи во државата. Само така ќе се потврди дека навистина вистински, а не само декларативно се залагаат за некакви европски вредности, меѓу кои владеењето на правото е несомнено на прво место.
Впрочем и самиот Ахмети има изјавувано дека не смее да има бели мечки, односно недопирливи функционери пред судот на правдата. Но токму децениското непостапување и неотворање на овие случаи остава впечаток во јавноста дека некои државни функционери сепак уживаат статус на заштитени бели мечки. И сето тоа на директна штета на правната држава и на нашите заложби за побрза интеграција во ЕУ.
Тука се разбира голема одговорност носат и нашиот правосуден систем и надлежните судски органи за нивното непостапување низ годините за овие, но и за редица други случаи. Дали врз нив имало политички притисок или причините се во нешто друго мора да излезе на виделина.

И за Хашките случаи, но и за редица други што побудиле интерес кај јавноста. Белите мечки, било да се во политиката, судството, или каде и да се треба да се извлечат од заштитниот кафез и да се соочат со лицето на правдата. Впрочем за тоа досега сме имале и доста примери како и изречени судски одлуки против премиери, министри итн. Сепак во таа алка на достижност на правдата за секого нешто недостига. Хашките случаи најдобро го потврдуваат тоа.
Затоа Македонија како држава мора пак да покаже и докаже дека правото важи за сите еднакво, дека нема заборавени случаи и дека нема недопирливи во државата. На тој начин ќе го расчистиме и патот кон ЕУ и кон парите и фондовите на Унијата.
За крај го оставив третиот повод што исто така има допирни точки со правната држава и за што минатата недела посветивме цела колумна.
Овој пат само во неколку реченици. Државната изборна комисија и надлежните органи и по 10-от ден од изборите немаат или не излегуваат со сознанија кој стои зад хакерскиот, односно терористичкиот напад на сајтот на ДИК.

Во криминалистиката брзината и квалитетот се важен ако не и пресуден елемент за ефикасноста на истрагата. Под брзина секако не се подразбира брзоплетост, туку правовремена реакција за да се оневозможи каква било можност за криење на трагите на напаѓачите. Во сајбер-сферата тоа е исклучително важно. Настрана што молкот и немањето какви било сознанија само дополнително го подгреваат сомнежот за ефикасноста и професионалноста на институциите. Тоа, пак, е само уште еден аргумент плус што ја поткопува правната држава. Да се надеваме дека барем овој пат нема да биде за долго и агресорите ќе ги стигне правдата. И дека нема и тие да завршат во пакетот на заборавени, пардон, заштитени случаи.

а[email protected]