Бакнежите на Колинда – фалусоидна фантазија

1391

Ситуацијата кулминира особено ако тие се искачат на врвот во кариерата. Ако се шефовски расположени и комплетно посветени на работата, тогаш се исфрустрирани баби, вештерки без душа, или лезбејки (на Википедија дури има и посебна категорија за нив). Ако се попустливи, тогаш се недораснати аматерки. Јазикот на медиумите само ги поткрепува овие стереотипи. И тоа не важи само за текстови што се однесуваат на жените во политиката. Медиумскиот интерес што го поттикнаа „бакнежите на Колинда“ е показател дека не сме ги надминале конзервативните идеи за „природата на жените“ (жената насочувана од емоциите, а не од разумот)

Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и неколку дена по официјалното завршување на Мундијалот сѐ уште е во центарот на вниманието на светската јавност поради нејзиното однесување во Москва. Медиумите не престануваат да пишуваат за тоа како политичарката по завршувањето на финалето го држела за рака францускиот претседател, како го бакнувала пехарот, а потоа и хрватските и француските играчи, како што пишуваат „сите од ред“, и тоа „накисната до гола кожа“. Коментарите, главно оние што доаѓаат од дома, одат дотаму дека Колинда ги посрамила Хрватите, а многумина дури се згрозуваат од начинот на кој ги прегрнувала „полуголите и испотени фудбалери“. Каква фалусоидна фантазија!

Светските коментари, пак, повеќето се позитивни, некои дури се и израз на одушевување, дека таа покажала дека е живо човечко суштество и дека нејзината реакција е таква каква што би била на секој од нас во слична ситуација, искрена и топла. Сепак, Хрватска го освои среброто на најпопуларниот светски спортски настан кога било, најдобар резултат во историјата по третото место во 1998 година.
Но, без оглед на сентименталната конотација на коментарите, самиот факт што една политичарка се најде во центарот на вниманието на јавноста поради „соодветноста“ на својот настап е доволно дискутабилен и го покажува нивото на свест до кое сме дојдени, дури и во овој 21 век, кога станува збор за родовите прашања. Зошто инаку страсното навивање на нејзините машки колеги воопшто беше доведено во прашање? И не само овој пат туку и претходно во слични ситуации, кога политичарите се однесувале природно наместо политички воздржано – тоа не било тема на светска расправа. Податокот дека дури во 25 отсто повеќе од вкупниот број објавени вести за настапот на Хрватска на Мундијалот е спомената претседателката Колинда во однос на фудбалерот Лука Модриќ – кажува доволно.

И покрај декларативните заложби за повидливо и рамноправно учество на жените во политиката, тие се третирани повеќе како маскоти отколку како способни учесници во одлучувањето, а политиката и натаму останува машка арена, и тоа за борба од најлош вид. Освен ниската застапеност на жените во политичкиот живот, тие се подложни на поригорозно оценување на нивната работа, се толерираат многу помалку отколку нивните машки колеги, за нив важат поостри критериуми кога се работи за личното однесување, а секој потег се следи со иронија и горчлив сарказам

Очигледно ни во современите општества, особено балканските, на жените не им се простува ништо, изложени се на најлош вид на понижување и навреди, без оглед дали се работи за нивниот надворешен изглед, сексуално, или поврзано со нивната интелигенција. Статистиките во регионот покажуваат дека жените и натаму се на првото место кога се работи за дискриминација, а по нив следуваат припадниците на ромската националност и луѓето со инвалидитет. И последниот пример покажува дека дискриминацијата на жените во политиката не е прашање што му припаѓа на минатото.
И покрај декларативните заложби за повидливо учество на жените во политиката, тие се третирани повеќе како маскоти отколку како рамноправни учесници во одлучувањето, а политиката и натаму останува машка арена, и тоа за борба од најлош вид. Иако, доколку политиката се сфати како грижа за другите, тогаш веројатно жените се многу поспособни за политика. Но и покрај сѐ, денес важат двојни стандарди. Освен ниската застапеност на жените во политичкиот живот, тие се подложни на поригорозно оценување на нивната работа, се толерираат многу помалку отколку нивните машки колеги, за нив важат поостри критериуми кога се работи за личното однесување, а секој потег се следи со иронија и горчлив сарказам.
Убава илустрација на третманот на родовите разлики во политиката, со доза хумор, во една своја колумна дава поранешната хрватска премиерка Јадранка Косор, а изјавата сосема случајно е повторно поврзана со спортот.

„Кога политичарите се појавуваат на трибините или во телевизиски емисии, обично ги шират нозете како да раѓаат, а така, со расчепатени нозе стојат и кога се фотографираат за медиумите. Кога тоа би го направила жена што е на политичка позиција, би ја нападнале дека се однесува како уличарка и дека не заслужува никакво внимание… Политичарите одат на турнеи само со торбичка, не им треба куфер со гардероба, затоа што костумот што го имаат на себе можат да го носат цело време додека се на пат. Жените политичарки по педесеттата година се сметаат за стари баби, а политичар во своите шеесетти котира како зрел и мудар. Мажот во политиката не се прашува зошто нема деца ако ги нема, или зошто има или нема љубовница, бидејќи тоа важи за негово лично право и избор. Но сето тоа е дозволено да се прашаат жените што се во политиката. Тие не смеат да имаат љубовници, мора да бидат верни и да ја бранат светоста на бракот, без оглед дали се мажени или не“, наведува во својата колумна хрватската политичарка.
Ситуацијата кулминира особено ако тие се искачат на врвот во кариерата. Ако се шефовски расположени и комплетно посветени на работата, тогаш се исфрустрирани баби, вештерки без душа, или лезбејки (на Википедија дури има и посебна категорија за нив). Ако се попустливи, тогаш се недораснати аматерки.
Јазикот на медиумите само ги поткрепува овие стереотипи. Италијанската лингвистика Алма Сабатини ги истражувала новинските четива и дошла до заклучок дека за фактот што организацијата на јазичниот универзум почива на мажот најдобро сведочи новинарскиот јазик, кој ликот на жената упорно го прикажува преку стереотипни фигури што никако не одговараат на општествената стварност, која оди напред. И тоа не важи само за текстови што се однесуваат на жените во политиката.

На пример, таа забележала дека во рубриката црна хроника жртвите на силување се детално опишани, нивната облека, многу прецизно се одредени должината на здолништето и отворот на деколтето, бојата на косата, а по можност и професијата, а неретко и она што се дознало за нејзиното однесување во општеството (се разбира, сето тоа ако жртвата има привлечен изглед), па со таквиот начин му се сугерира на читателот сѐ и сешто, па конечно и пресудата. Но ако жртвата е маж, најчесто не се наведуваат детали за неговиот изглед, туку само возраста и професијата.
Очигледно јазикот на масовните медиуми е подрачје во кое најмногу се дискриминира женскиот пол, експлицитно или имплицитно. Јазичните промени немаат премногу смисла доколку не бидат проследени и со други поголеми промени во оваа смисла. Бидејќи ако досегашната ноевска политика на нашето општество на самоинцидентното и случајно именување поединечни професии во женски род (најголемиот број и натаму остануваат во машки) не ја менува битно ситуацијата, бидејќи на сите им е јасно дека таквите работни места и натаму остануваат резервирани само за машкиот род, па промената останува само номинална.

Иако еднаквоста на правата на мажите и жените е утврдена со закон, таа во многу случаи останува само правно и морално начело, кое сѐ уште не е остварено во практиката на секојдневниот живот. Родовите предрасуди, често скриени зад параванот на објективноста, најчесто се пренесуваат и одржуваат во јазикот и јазичните облици.
Медиумскиот интерес што го поттикнаа „бакнежите на Колинда“ е показател дека не сме ги надминале конзервативните идеи за „природата на жените“ (жената насочувана од емоциите, а не од разумот), останува уште работа за оние што ги оспоруваат биолошките теории за женската природа и што конечно сакаат да покажат дека жените и мажите имаат една заедничка, човечка, природа. Иако можеби денес знаеме (барем мнозинството) дека домаќинството и мајчинството се научени улоги и дека женскоста и машкоста се ефекти на културата, а не на природата, сепак, остaнуваат други долго таложени стереотипи, кои не дозволуваат вистинско отелотворување на женската општествена партиципација како облик на таканаречена еманципација (политичка, економска, образовна), но и онаа интимната, лична, приватна сфера на жената, кои не се целосно променети. Родовите предрасуди не се докрај надминати, но барем сѐ повеќе се зацврстува свеста дека таквата состојба мора да се менува.