А реисот Реџепи убаво им кажа дека коронавирусот е мртов

2335

Зошто сега власта ги занемарува сопствените предвидувања и со одлуката да ги олабави мерките за заштита на јавното здравје, на некој начин ја прифаќа дијагнозата дека вирусот е мртов или барем дека е ставен под контрола? Можеби поради тоа што, според редот на нештата, реисот е поблиску до Господ и подобро е информиран?

Откога довчерашниот прв човек на Исламската верска заедница, реисот Сулејман Реџепи, победоносно, со ентузијазмот на тазе младоженец, по бајрамската молитва со масовно присуство на верници во Мустафапашината џамија, објави дека коронавирусот е мртов, Владата веќе првиот работен ден по празнувањето реши да ги олабави мерките за заштита од пандемијата, укинувајќи го полицискиот час, дозволувајќи им работа на кафеаните со тераси, овозможувајќи им на државјаните на Македонија, кои се враќаат од странство, задолжителниот државен карантин да го заменат со домашна изолација, најавувајќи скоро отворање на границите…, нешта што само до пред неколку дена, викендов, на пример, додека поголемиот дел од нацијата беше во домашен притвор, беа тешко замисливи.

Тоа особено поради фактот што и министерот за здравство Венко Филипче во старт ја отфрли дијагнозата на Реџепи, со констатацијата дека „коронавирусот ниту е мртов, ниту е заминат“, изразувајќи загриженост за граѓаните што во текот на првиот ден на Фитар бајрам, како што рече, не ги почитуваа препораките и се собраа во џамиите, без маски и без да држат дистанца. Дури и директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети, потврди дека се стравува од зголемување на бројот на заразени за десет дена или за две недели, како резултат на вакви и слични собири.
А за потсетување е и дека токму Владата на техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој прексиноќа, по објавата за укинување на дел од мерките, објаснуваше дека состојбата е под контрола, а бројот на активни случаи е стабилен, пред само две недели бараше продолжување на вонредната состојба за цел месец.

Шегата настрана, работава е премногу несериозна дури и за оваа, како што некои низ светот веќе ја нарекуваат, нова нормалност, што во нашиот случај, сепак, би можело да се дефинира како само уште една фаза од константната ненормалност во која законите не важат за сите, а институциите ја загубија секоја функција

Зошто сега власта ги занемарува сопствените предвидувања и со одлуката да ги олабави мерките за заштита на јавното здравје, на некој начин ја прифаќа дијагнозата дека вирусот е мртов или барем дека е ставен под контрола? Можеби поради тоа што, според редот на нештата, реисот е поблиску до Господ и подобро е информиран?
Шегата настрана, работава е премногу несериозна дури и за оваа, како што некои низ светот веќе ја нарекуваат, нова нормалност, што во нашиот случај, сепак, би можело да се дефинира како само уште една фаза од константната ненормалност во која законите не важат за сите, а институциите ја загубија секоја функција.

По повеќе од два месеца важење на мошне ригорозните мерки за заштита од коронавирусот, кои не баш и бескомпромисно се спроведуваа, се најдовме приближно таму од каде што и тргнавме. Бројките на новозаболените и на починатите на дневна основа се тие. Само доаѓа летото и на главниот партнер во Владата му се брза да оди на избори, зашто времето работи против него, опаѓа довербата во институциите, а со тоа и во мерките што ги презема Владата, економијата слабее и ќе слабее, луѓето губат интерес за политиката, а со тоа и за учество во изборите, се зголемува притисокот за отчет за (не)сработеното…

Вклештена помеѓу актуелните предизвици на пандемијата и сопствената неефикасност произлезена, од една страна, од изнуденото решение наречено техничка влада, а од друга, од претходните непринципиелни коалицирања, власта, иако во почетокот направи добри чекори, генерално покажува карикатурална дезориентираност, така што во целава ситуација дури и реисот Реџепи звучеше поуверливо од неа. А тоа е навистина сериозен аргумент за брзо одење на избори.

[email protected]