Атентаторите на Македонија

6391

Врз Македонија и македонскиот народ изминaтиве години се извршени голем број атентати или обиди за ликвидација. Било да се работи за идентитетот, името, јазикот, историјата или за територијата, писменоста културата… Она што е впечатливо е тоа што атентатите врз Македонија се изведувани однадвор, но и со помош однатре. Некои од оние што ѝ нанесоа голема штета на државата се и функционери и политичари избирани и донесени на власт токму од граѓаните

На денешен датум, 3 октомври, пред 25 години беше пукано во Македонија. На свиреп и кукавички начин, со поставување автомобил бомба, се посегна по главата на тогашниот претседател на државата Киро Глигоров, при што животите ги загубија возачот на претседателот Александар Спировски и пензионерот Ристо Хаџиманов, како случен минувач.
Имаше мноштво сомневање, шпекулации кој стои зад атентатот, но ништо од сето тоа.
Цели 25 години мистеријата е неоткриена. Кој и зошто се обиде да го убие шефот на државата и да ја фрли на колена Македонија, која и тогаш како и за целиот период од своето постоење се наоѓа во специфични општествено-политички околности и премрежиња, остана тајна.
Не се дозна кои се инспираторите, организаторите и извршителите на овој грозоморен чин.
Атентатот врз Глигоров, сепак, не е тема на оваа колумна. Тој е само повод да се проговори за редица други злодела против државата. Зошто врз Македонија и македонскиот народ изминативе години се извршени голем број атентати или обиди за ликвидација. Било да се работи за идентитетот, името, јазикот, историјата или за територијата, писменоста културата… Токму еден таков атентат врз сесловенската писменост и култура се случува и во моментов, кога соседна Бугарија се обидува да ги присвои светите апостоли Кирил и Методиј, па и нив да ги побугари. Не беше доволно што македонскиот револуционер Гоце Делчев го прогласија за Бугарин, па сега тргнаа и по сесловенските просветители, светци и апостоли.
Значи, во продолжение потсетување на некои од мноштвото обиди за атентат, односно ликвидација на Македонија.

И уште веднаш да појаснам дека терминот атентат се употребува не само кога физички ќе се загрози нечие постоење и егзистирање туку и кога со одредени дејанија се сака да се постигнат одредени политички, историски, економски, социјални, психолошки и други цели. Токму такви обиди да се сотре македонската држава имаше еден куп.
Она што е впечатливо е тоа што атентатите врз Македонија се изведувани со логистичка поддршка и помош однадвор или однатре. Некои од оние што ѝ нанесоа голема штета на државата се и функционери и политичари избирани и донесени на власт токму од граѓаните. Кога ќе се сврти погледот наназад не може, а да не се спомене еден од најболните удари или атентати врз народот и економијата преку неправедната приватизација, разграбување на општествениот капитал и болната транзиција. Во тој период во почетокот на 1990-тите пропаднаа, односно намерно беа доведени на работ на бездната голем број претходно успешни компании, чии работници остана на улица. Следуваше период на долга и болна транзиција, од која последици се чувствуваат и ден-денес.

На меѓународен план, државата уште на самите почетоци од прогласувањето на својата независност се соочи со блокада и уцена од нашиот јужен сосед, кој уште тогаш побара да го смениме името. Во современата политичка наука или уште повеќе, според начелата на меѓународното право, еден таков чин на непризнавање на името на суверена држава не може да се оквалификува никако поинаку, освен како атентат врз независноста, самоопределувањето и самобитноста на државата и народот.
Понатаму. Во годините потоа додека Македонија на меѓународен план често добиваше пофалби како пример за меѓуетничка толеранција и соживот, дури беше нарекувана и оаза на мирот, одеднаш како гром од ведро небо ни се случи вооружен конфликт во 2001 г. со голем број жртви. Што точно се случи, кои беа причините за овој конфликт и до ден-денес остана нејасно. Некои аналитичари конфликтот од 2001 г. го нарекоа атентат врз дотогаш мирниот соживот во државата.
Не навлегувајќи во сферата на шпекулации или во теориите на заговор, сепак, вреди да се спомене дека и авионската несреќа и загинувањето на претседателот на државата Борис Трајковски во одредени извештаи и изјави беше окарактеризирана како атентат. Дури и европратеникот во тоа време Андреас Грос, излезе со тврдење дека Трајковски е убиен.

Само мало потсетување на изјавата на Грос во мај 2010 година, кој на седница на Европскиот парламент рече:
„Јас сум убеден дека станува збор за убиство, а тоа го темелам врз нови информации, за кои сè уште не можам да зборувам. Ова мое лично тврдење се темели и врз познавањето на неверојатните противречности што логично водат до хипотезата за убиство“.
Иако истрагата за падот на кингерот беше затворена, многу прашања и до ден-денес останаа неодговорени.
Но затоа, пак, атентатите врз Македонија и македонскиот народ продолжија со несмалено темпо. Последен најсвеж пример се обидите на Бугарија за преиначување на историјата, како и атентат и ликвидација на македонски јазик, како обележје на еден народ и држава.
Не случајно големиот Блаже Kонески уште многу одамна, на почетокот на 1990-тите години, ќе предупреди дека главниот удар ќе биде врз јазикот, а тоа „не е прва атака врз нашиот јазик со цел меѓу неупатените во светот да се рашири заблудата дека тој е измислен“. Вистината, се разбира, е сосема поинаква и македонскиот јазик има длабоки корени во минатото и долга јазикотворечка традиција.

Подготвувајќи се со странски инструктори за самоуништување, македонските велепредавници можеби ќе добијат можност да го довршат проектот за уништување на македонскиот јазик, македонскиот национален идентитет и македонската унитарна држава, ќе предупреди Конески и ќе додаде дека последен момент е да се остави антимакедонската багра да се удави во фекалиите на велепредавничкиот канал, а народот да излезе на патот и да ја фати вистинската насока за спас на Македонија. И навистина. Сите овие зборови и пророштва на Конески како да се обвистинуваат. Крајно време е политичарите и народот да ја фатат вистинската насока за спас на државата.
Македонија досега ги преживеа сите обиди за нејзина ликвидација. Иако тие оставија лузни врз државата и го отежнаа и го забавија нејзиниот напредок, таа остана на нозе. Не треба да се сомневаме дека ќе ги пребродиме и најновите предизвици.

Македонија и македонскиот јазик и нашиот национален идентитет ќе живеат и опстојуваат сѐ додека има Македонци на планетава. Или како што велат словенечките лингвисти „ненаучно, непрофесионално, нечовечки, неетички и во спротивност со сите норми е да барате од кого било да се откаже од името на својот јазик што ги определува него и јазичната заедница на која ѝ припаѓа. Ние сме на ваша страна, затоа што друга, воопшто, не смее да има“. Така размислува прогресивната, напредна, демократска, европска научна јавност. Ќе допре ли нивниот глас и до атентаторите на Македонија? За еднаш засекогаш да сфатат дека нивната мрачна мисијата против Македонија и македонскиот народ е налудничава, залудна и бесмислена.

[email protected]