Алхемијата на политиката

182

Иако и претходно во повеќе наврати се споменуваше, идејата за некакво меѓупартиско, општествено и национално помирување како да изрти по неодамнешниот референдум и престројувањата во опозициските редови по гласањето за потребата од уставни измени заради спроведување на спогодбата со Грција. Колку се поволни условите во моментов таа и да созрее и каков квалитет од тоа ќе произлезе, допрва ќе се види. Доколку со тоа конечно се воспостават некаква политичка рамнотежа и пред сѐ одамна потребниот мир во општеството, за неа може да се зборува како за благородна политичка цел. Но се плашам дека нема да се случи тоа

Истиот ден кога полицијата заради релаксирање на односите ги седна на заедничката маса претставниците на тетовските навивачки групи „Војводи“ и „Балисти“, кои во текот на изминатиот викенд, не за првпат, дивееја низ Тетово, во Собранието конечно беше постигнат некаков договор за таканареченото политичко помирување. Некаков, би било нешто повеќе од никаков, но барем од формален аспект, сепак нецелосен, бидејќи во него сѐ уште не се вклучени најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која не ја гледа суштината на процесот, и Алијансата за Албанците, која смета дека тоа значи мала врата за амнестија на обвинетите за настаните во Собранието на 27 април минатата година. Останаа тие што останаа. Беше договорено со комисијата за помирување да копретседаваат потпретседателката на Собранието од редовите на СДСМ, Фросина Ташевска-Ременски, и една од осумте одбегнати пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Александрова. Други членови на ова тело ќе бидат потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи или нивните заменици, пратениците што не се организирани во пратеничка група и определен број пратеници од најголемите пратенички групи СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, доколку се премисли. Надлежностите и содржините за кои ќе дебатира комисијата, допрва ќе се утврдуваат.

Инаку, станува збор за иницијатива, поточно за еден од условите осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за отворањето на Уставот, која сѐ уште не е доволно образложена во јавноста, поради што, сосема оправдано, таа стана предмет на разни шпекулации, меѓу кои и на тоа дека целта е да се помилуваат осумтемина пратеници или нивни блиски роднини против кои се водат кривични постапки.

Се плашам дека ова би можело да биде, безмалку, враќање во едноумието, бидејќи зад иницијативите и конкретните активности за реализација на овој ненадеен процес на политичко помирување се одвиваат голем број постапки за уништување на сите прокламирани политички и програмски принципи на политичките субјекти што во моментов се актуелни на политичката сцена, но што уште е полошо, грубо се кршат сите морални, демократски и правни принципи на кои досега гласно се повикуваа инволвираните во овие процеси

Мошне замаглена работа, иако премиерот Зоран Заев јавно повика постапката за помирување да се води низ транспарентен процес, под будното око на јавноста, за на крајот, како што рече, да се постигне целосно помирување во општеството и да се обезбеди достоинствен живот за сите. Со еден збор, да се постигне своевидно национално помирување. Но за конкретните средства со кои ќе се дојде до една, за овдешните и сегашните услови, мошне амбициозна цел, не зборуваше. Ниту тој, ниту кој и да е од повиканите. Така, сѐ останува на шпекулации, според кои во игра е цел комплет на алатки, од ветувања за помилувања до притисоци, закани и уцени.

Убаво го почувствувал Заев пулсот на некои политички субјекти и на дел од јавноста, а веројатно од некаде се информирал и за овој идеолошки концепт, познат уште од антиката, кога Гај Јулиј Цезар во обид да ја легитимира власта стекната во граѓанска војна, прогласил национално помирување, и тоа го поткрепил не само со амнестија на противниците туку и со тоа што некои од водечките позиции во римската држава им ги доделил на поразените следбеници на Помпеј. Концептот потоа често бил користен низ историјата, дури и во поново време, во земјите од непосредното соседство, кога на пример тогашниот српски претседател Борис Тадиќ во 2008 година го иницира помирувањето помеѓу „патриотската“ и „предавничката“ Србија, за да ја оправда коалицијата на својата Демократска партија со социјалистите на Слободан Милошевиќ. Помирувањето го правдаше со потребата од создавање „европска Србија“.

Во Македонија, пак, иако и претходно во повеќе наврати се споменуваше, идејата за некакво меѓупартиско, општествено и национално помирување како да изрти по неодамнешниот референдум и престројувањата во опозициските редови по гласањето за потребата од уставни измени заради спроведување на спогодбата со Грција. Колку се поволни условите во моментов таа и да созрее и каков квалитет од тоа ќе произлезе, допрва ќе се види. Доколку со тоа конечно се воспостават некаква политичка рамнотежа и пред сѐ одамна потребниот мир во општеството, за неа може да се зборува како за благородна политичка цел. Но се плашам дека нема да се случи тоа, бидејќи Цезар, по гореспоменатите настани, стана диктатор, а Србија ниту со Тадиќ, ниту по него, не стана европска.

Се плашам дека ова би можело да биде, безмалку, враќање во едноумието, бидејќи зад иницијативите и конкретните активности за реализација на овој ненадеен процес на политичко помирување се одвиваат голем број постапки за уништување на сите прокламирани политички и програмски принципи на политичките субјекти што во моментов се актуелни на политичката сцена, но, што уште е полошо, грубо се кршат сите морални, демократски и правни принципи на кои досега гласно се повикуваа инволвираните во овие процеси.

[email protected]