Александар не го давам за жива глава

2358

Сите оние што колку-толку навиваат да се сменат името, Уставот, идентитетот и сѐ што бара Грција, нѐ уверуваат дека тоа не боли ништо, дека ќе ни биде многу поубаво, ќе се европеизираме итн. нека дадат личен пример на другите. Нека се прекрстат прво самите себеси. И новото име што ќе си го изберат да им важи ерга омнес. И за внатрешна и за надворешна употреба

Јавноста е секогаш желна за сензации. Тоа му доаѓа како некој вид забава за народот, а дал господ на овие простори сензационализми колку ви душа сака. Некои милуваат во последно време овие откритија, кои им се пласираат на граѓаните, да ги нарекуваат и бомби. Па ќе прочитате МНР рокна нова „бомба“ за откриени финансиски злоупотреби или бивш командант на УЧК избран како советник за радикализам. Па ќе сретнете вест за повеќе лични советници отколку владини ресори, или сензациoнална најава дека сме биле блиску до достоинствено решение со Грција, ако воопшто може да се говори за достоинство при еден наметнат бесмислен и целосно апсурден спор.
Токму неделава што измина беше исклучително богата со вакви сензационализми, кои сериозно можат да конкурираат и за рубриката Верувале или не. За да не останам должен за секој од нив по неколку збора. Ќе почнам од парите. Министерството за надворешни работи деновиве обелодени сензација за непланско потрошени 50 милиони евра за купување или за реновирање амбасади во странство. Информацијата се темели на одлука на Владата од пред 11 години. Во 2018 дознаваме дека во 2007 година неплански и ненаменски се потрошиле толку пари на граѓаните. Разбирливо се сменила гарнитурата на власт и новиве сега дознале и веднаш го обелодениле скандалот. Но тоа е всушност и проблемот. Зошто секогаш пост фестум се реагира кога делото и злоупотребите можеби и застареле или на документите им се губи трагата, па сега ќе биде многу потешко и за докажување и за расчистување на случајот.

Каде биле институциите досега да реагираат и санкционираат ако треба. Имаме ли државен ревизор, други независни тела и органи, кои го контролираат и надгледуваат трошење на државните пари. Дали затаиле и тие и зошто. Секој мора да ја понесе одговорноста за своите евентуални грешки и однесување, но реакцијата пред сѐ мора да биде брза и правовремена. Во современи демократии каде што функционираат институциите не треба да дојде до промена на власт за да се обелоденат проневери. Зашто вака како што се прави кај нас сите вакви случаи, колку и да се сериозни, повеќе лишат само на пропаганден политичко-маркетиншки пиар, а не на искрена заложба за откривање на виновниците и целосно расчистување на случаите. Патем имам и едно прашање – каде е бројчаникот што требаше да се постави на портата „Македонија“ и секојдневно да врти и покажува колку пари се вратени назад кон граѓаните и во буџетот. Одиме понатаму. Мегасензација деновиве беше и информацијата дека поранешен командант на УЧК е примен како советник на премиерот против радикализмот. Веста беше проследена и со податок дека премиерот има повеќе од 50 советници, што е двојно повеќе од ресорите во Владата.

Бидејќи и овде станува збор за трошење народни пари јавноста има право да знае на кој начин овие луѓе ги заслужиле овие функции, но уште повеќе и какво е нивното сиви, нивното минато, кои се нивните заслуги и ставови за државнички прашања Дали е сензација или фијаско кога сегашниот советник на премиерот претходно честитал и се радува за убиство на припадници на безбедносни сили, како што пренесоа медиумите. Но тоа е сепак работа на тие што одлучуваат, иако срамот и последиците од одредени постапки останува на државата. Уште Гоце Делчев има кажано: „Во жртвата нема степен, таа завршува со чест и име“. Затоа и секоја жртва или отстапка, која некој е подготвен да ја направи и приложи, демек за доброто на држава, има свое име, за чест не сум сосема сигурен. И лека полека дојдовме на полето на Делчев, но не за културен натпревар меѓу народите, како што тој го разбираше светот, туку за културен, јазичен и идентитетски геноцид од еден кон друг народ. Погодувате следниве редови ќе ги посветам на најновиот развој на настаните околу наметнатиот спор за името од страна на Грција. Ги следам апелите и пораките што секојдневно пристигнуваат и од дома и од надвор за наоѓање мудро и достоинствено решение. Но може ли во бесмисленоста да се пронајде мудрост. Или во глупоста и апсурдот – достоинство.

Изгледа дека можело! Тоа го потврдуваат и изјавите дека голем дел од проблемите се веќе решени, освен најспорните прашања за промена на Уставот и опсегот на употреба на името, но и тука македонската страна била позитивна и креативна, исто како и грчката.

Во современи демократии каде што функционираат институциите не треба да дојде до промена на власт за да се обелоденат проневери. Зашто вака како што се прави кај нас сите вакви случаи, колку и да се сериозни, повеќе личат само на пропаганден политичко-маркетиншки пиар, а не на искрена заложба за откривање на виновниците и целосно расчистување на случаите

Ова во буквална смисла на зборот го сфаќам како Грците смислуваат какви сѐ придавки, додавки, амандмани да ни закачат, а нашиве потоа „креативно“ размислуваат што повеќе од тоа да прифатат. Па во тој контекст еве за крај сакам да предложам и јас едно „креативно“ решение. Згора на тоа предлогот ми е целосно во духот на христијанското учење дека најдобар пример се дава преку сопствена жртва. Дури и спасителот Исус Христос се жртвувал себеси за да го спаси светот.

Значи предлогот е следен: сите оние што колку-толку навиваат да се сменат името, Уставот, идентитетот и сѐ што бара Грција, нѐ уверуваат дека тоа не боли ништо, дека ќе ни биде многу поубаво, ќе се европеизираме итн. нека им дадат личен пример на другите. Нека се прекрстат прво самите себеси. И новото име што ќе си го изберат да им важи ерга омнес. И за внатрешна и на надворешна употреба. Тоа би било мал чекор за нив, но голем за преговарачите.

Ајде да видиме колкумина се спремни да го направат тоа преку личен пример, во што се обидуваат да ја втурнат државата. Од Никола на пример на станат Никос, или Јован да биде Јоргос итн. Дури и не мора да одбираат претежно грчки имиња. Има тука уште многу простор за креативност и иновативност. Но креативност врз самите себеси, а не врз грбот на државата и сите нејзини граѓани. Да видиме дали тоа ќе ги направи поголеми Македонци, или поголеми Европејци, како ќе реагира средината, нивните блиски и подалечни роднини и пријатели. Ќе биде интересно да се види тој „пробив“ на европски дух во Македонија, преку чинот на лични индивидуални прекрстувања. Само се плашам предлог-експериментот на крајот да не се сведе на еден грст луѓе, ако има и толку. Зашто историјата, барем досега, не памети такви сензации, да не речам такви будали, кои доброволни или под уцена се откажале од сопственото име.

И уште нешто да кажам, колку да се знае. Јас Александар не го давам за жива глава. Зашто дедо ми, кого не го паметам се викал Александар и загинал многу млад уште пред да се родам, за оваа слобода, која денес ја имаме, а кумот Ристо од Богданци почитувајќи ја вековната семејна традиција на кумство веднаш знаел кое име да ми го даде. Како што и македонскиот народ памети и знае каде му се корените и кое му е името.