Ако е ова почеток, каков ли ќе биде крајот

1020

Се плашам дека со текот на времето, со притисоците, промените и отстапките што допрва ќе следуваат, од хибриден режим, како што сега нѐ класифицираат, ќе се претопиме во хибридна нација. За да биде појасно, хибрид е кога насилно се индуцираат, вметнуваат или модифицираат различни морфолошки или генетски својства во одреден избран субјект. Со текот на времето, ваквиот хибрид може целосно да ги изгуби своите автохтони својства и кара

Првпат по повеќе од 25 години во новинарството се соочувам со еден феномен или можен парадокс, статијата да ја пишувам во својата родна татковина, а нејзиното објавување, ден потоа, да се случи, под претпоставка, во сосема друга држава, со сменето име и сменет уставноправен поредок.

Собраниската седница закажана за петок (11 јануари), во 12 часот, не е почната ни по три часа од првично предвидениот термин. Од друга страна, сигналите што доаѓаат во пресрет на седницата се дека парламентарното мнозинство сепак ќе ги изгласа уставните измени, со што Република Македонија ќе престане да постои како држава и ќе се преименува во нов субјект како Северна Македонија.

Затоа она што сакам да го истакнам во оваа пригода и историски момент, за да остане забележано за сегашните и идните генерации, се условите и околностите во кои се дојде до ваквата ситуација. Колку и да тврди некој дека ова е историски договор и влог во иднината, на сите им е повеќе од јасно дека Република Македонија целиот период со месеци беше принудена на капитулација со кршење врз нејзиниот грб на сите меѓународно важечки правни норми, декларации и стандарди. Ние дури самоволно и свесно ја амнестиравме и пресудата од Хаг против Грција, односно ја амнестиравме Грција од секаква вина, иако судот одлучи сосема поинаку.
Случајот со Македонија веројатно ќе се изучува како досега незабележан и уникатен пример во меѓународното право, но исто така и во рамките на домашните уставни и законски прописи.

Затоа чесно е пред граѓаните да се признае дека горчливиот вкус на наводниот компромис го чувствуваат сите, и власта и опозицијата, иако се трудат, помалку или повеќе, да го прикријат тоа.
Кога Пандорината кутија беше отворена, веќе стана јасно дека уцените и пазарењата стануваат наша врвна политичка доктрина, наместо сите отворени прашања и проблеми да се решаваат низ институциите на системот, низ пропишани законски процедури и, се разбира, никако на штета на правната држава,односно на штета на нашите национални интереси.

Но Беса и Алијансата на Албанците впрочем го применија истиот метод (условувања, уцени и отстапки) со кој претходно се дојде и до посакуваното двотретинско мнозинство.
Уцена за глас. Кога претходно помина амнестијата, веројатно политичките играчи мислат дека сега веќе може да помине сѐ.
И додека во Собранието продолжуваат драмата и пазарењата, неопходно е да се навратиме малку на историјата за вистински да се отслика и воочи значењето на моментот, некогаш и сега. Македонските граѓани својата јасна определба за самостојна, независна и суверена држава под името Република Македонија ја искажаа на референдумот одржан на 8 септември 1991 година.

Огромниот, незапамтен одзив на гласачите, од кои речиси 95,09 отсто заокружија „за“, јасно ја отслика волјата на македонскиот народ. Вакви бројки и толкав одзив потоа немаше на ниту едни парламентарни, претседателски и локални избори или друг вид гласање во државата. Во таа насока резултатите сами по себе говорат за успешноста на тој референдум. Но не е само одзивот. Еуфоријата, среќата и славењето што следуваа денови и месеци потоа меѓу граѓаните не може да се опишат со зборови.
Каква е состојбата сега.

Собраниската расправа за изгласување на новото име на државата од самиот почеток на процесот, па до вчера е проследена со серија политички контроверзии, мноштво небулози и правни недоречености. Два-тројца политичари седнати еден спроти друг преговараат и договараат што да остане, а што да отпадне од Уставот. Дојдовме дотаму што, замислете, се преговара дали изразот „македонско“ треба да остане како опис за државјанство, или треба да отпадне, зашто не било во согласност со нечии етнички чувства!?

Сите пратеници што деновиве се исправени пред предизвикот кое копче да го притиснат, носат товар голем како планина.
Во некои идни политички мемоари и сеќавање сето ова веројатно ќе биде детално објаснето и опишано. Притоа не смее да се заборават ниту пропаднатиот референдум од 30 септември 2018 година, протестите и незадоволството на граѓаните и, секако, континуираното газење врз принципите на нешто што значи правна држава и меѓународно право.

Сите овие факти ќе останат врз наша глава, кога утре можеби ќе се разбудиме во новоименувана држава.
А, се разбира, најмногу врз грбот на политичарите, чија одговорност е и најголема. Но, од друга страна, засекогаш ќе остане и прашањето дали влегувањето на ваков начин во НАТО или во ЕУ, оди во прилог на вредностите и стандардите за кои се залагаат овие две организации. Велат, целта ги оправдува средствата, но со ниски средства не можат да се остварат високи цели. Западните политичари и сите оние што директно или индиректно беа вклучени во притисокот и разнебитувањето на Македонија можеби ќе имаат за што да се срамат.

Впрочем, токму тие реномирани и високорангирани западни авторитети, како британски „Економист“ на пример во својот најнов извештај се искрени и ја оценуваат Македонија како хибриден режим. Но ова е само политичка класификација. Се плашам дека со текот на времето, со притисоците, промените и отстапките што допрва ќе следуваат, од хибриден режим може да се претопиме во хибридна нација.

За да биде појасно, хибрид е кога насилно се индуцираат, вметнуваат или модифицираат различни морфолошки или генетски својства во одреден избран субјект. Со текот на времето, ваквиот хибрид може целосно да ги изгуби своите автохтони својства и карактеристики и да стане нешто сосема друго. Јуџин Мекарти од универзитетот „Џорџија“, еден од најпознатите светски научници што се занимаваат со хибриди, на пример тврди дека човекот настанал со вкрстување машка свиња и женка шимпанзо. Колку и да звучи ова неверојатно, хибриди нема само во митологијата туку и во реалниот живот. А, секако, најмногу ги има во кревките демократии. Поради што и Македонија, нели, според најновите светски рангирања, е класифицирана како хибриден режим.

Затоа, оние што мислат дека ова е крајот и дека од утре ќе почне да тече мед и млеко во Македонија, сериозно се залажуваат. Ова е само почеток на еден долготраен макотрпен процес, исполнет со постојани закани, уценувања и обиди за деградација. Грчки извори веќе најавија дека побарале ревизија на сите македонски учебници и исфрлање од нив на се што не им се допаѓа. Притоа не смееме да заборавиме дека преговорите со ЕУ се долг процес. При отворање на секое ново поглавје, Грција, Бугарија или друга членка може да испорачуваат нови и нови барања и да нѐ условуваат со нивно исполнување, без разлика дали тоа ни се допаѓа или не. Сето тоа е пат во непознато, со многу скриени замки и стапици.

Македонија барем досега не покажа цврст и принципиелен преговарачки став и, во тој контекст, од нас ќе се очекува да попуштиме секогаш кога ќе се побара тоа од нас.
На домашната политичка сцена востановениот систем на пазарења, уцени и условување исто така ќе продолжи. Притоа ќе се зголемуваат и апетитите и барањата на политичките играчи.

Сето тоа, наместо со помирување и обединување, може да резултира во сѐ поголемо сегментирање во секој поглед. Постепеното бришење и губење на националните и идентитетските обележја, пак, ќе создаде погодно тло за разни хибриди. Затоа и дилемата во насловот „ако е ова почетокот, каков ли ќе биде крајот“. Навистина, може ли некој да го предвиди крајот, што на граѓаните им се претставува како рајот.