Агресорите од соседството

1311

Не беа само студентите од студентскиот дом „Пелагонија“ во скопската населба Кисела Вода агресори врз животната средина. Набргу по него, на агитпроп-социјалните мрежи и некои медиуми осамнаа фотографии и од студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ на кои се гледаше „минско поле“ со нагазни мини од смет. Но и многумина други, па и наши соседи како „соработници на агресорите над животната средина“, или т.н. квислинзи на сметот, своите „домашно направени експлозивни направи“, како најлонски ќеси од ѓубре, ги фрлаат како касетни бомби од балкон или прозорец на тревниците во парковите…

Изминативе денови студентите, нашите идни академски граѓани, остро беа критикувани во јавноста поради огромните депонии што самите ги „креирале“ пред своите студентски домови. Со право. Преполно со смет беше пред студентскиот дом „Пелагонија“ во скопската населба Кисела Вода. Таму комуналците започнаа уште една тешка битка, вклучувајќи ја својата тешка артилерија, на чело со скопскиот градоначалник како командант. Битката се водеше против сериозниот непријател број еден за граѓаните – сметот! Вработените од домот, како припадници на внатрешниот отпор, а на страната на војската комуналци, им се заканија на студентите со бркање доколку продолжат да фрлаат бомби од ѓубре на тревниците.
Но не беа само студентите од овој дом агресори врз животната средина. Набргу по него, на агитпроп-социјалните мрежи и медиуми осамнаа фотографии и од студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, на кои се гледаше минско поле од нагазни мини од смет по целиот покрив од студентската менза.

За жал, во градов не се лош пример само агресорски настроените студенти, бидејќи и многумина други, па и наши соседи како соработници на агресорите над животната средина, или т.н. квислинзи на сметот, свoите домашно направени експлозивни направи, како најлонски ќеси од ѓубре, ги фрлаат како касетни бомби од балкон или прозорец на тревниците во парковите…

Е па, како потоа да не биде контаминирано околу зградите, покрај контејнерите, на автобуските, во парковите, па дури и на Водно и Матка. И комуналците не можат да се борат со толку бројниот и надмоќен непријател.

Шегата настрана, иако во неа има половина вистина. Деновиве разговарав со еден психолог, кој има навистина интересна теза за фрлањето смет. Според психолошката анализа, индивидуалниот и колективниот однос кон сметот е феномен и реперкусија на реакција на луѓето на општествените, актуелни случувања. Тезата е дека луѓето се оптоварени со промената во начинот на живеење и функционирање и неминовно е да имаат и психолошка криза, да стигнат и до границите на невротично однесување, а сметот е само една метафора, алегорија, симболичка слика на реалноста. Дури и еден вид агресија, како што сакав погоре сликовито да ја претставам битката со смет-агресорите.

А во ова општество во кое живееме има многу причини за изливи на агресија, тргнувајќи од загадениот воздух, невработеноста, одливот на мозоци и мануелци, здравството образование… и што ли уште не. Ама проблемот е што ако наеднаш се излее сета агресија од нас, еве да речеме преку фрлањето смет, па ние ќе се удавиме во ѓубре. Во целата таа анксиозност, гневност и агресија, можеме ли како олеснителна околност да земеме дека има луѓе што и без горенаведените причини загадуваат… На пример, има луѓе што плукаат по улица, фрлаат хартии, догорчиња, најлончиња, пластични чаши и шишиња… Е, тоа е нешто друго. Тоа е немање основна култура на живеење, а таа се стекнува уште од пред градинка.

Ајде да се вратам на нашите млади академски граѓани. Тие се енергични, иновативни, креативни, динамични по природа.

Па, зошто токму тие не понудат решенија за убаво уредени паркови, плоштади, украсни фонтани и уште многу други нешта, како што и прават некои од нив. Студентите треба да бидат моторната сила, која ќе повлече за да се случат општествени промени за подобар живот на сите. Тие имаат право на револт поради многу состојби во општеството, но немаат право тоа да го изразуваат со фрлање ѓубре насекаде. Да, можеби студентите се огорчени од лошите услови на живеење во домовите, од лошиот студентски стандард, од храната во студентските домови или поради големите трошоци за студирање што нивните родители едвај им ги покриваат, од безизлезот во кој ќе се најдат по завршувањето на студиите, бидејќи ова општество не им нуди многу можности за вработување и од ред други работи. А кој денес не е лут на нешто? Лут и нервозен е оној што отишол на некој шалтер и чекал со часови и пак не завршил работа, лут е секој што морал да сврати во некоја здравствена установа и чекал пред ординации, затоа што здравството ни е такво какво што е.

Што да кажат оние што постојано чекаат за вработување во Агенцијата за вработување и со години не можат да најдат, па се водат како невработени или, пак, оние што работат по девет-десет часа дневно за минимална плата. Ќе заклучиме дека многу револт има кај различни категории граѓани и ако сите го изразуваме револтот преку фрлање ѓубре, навистина ќе треба да се удавиме во сопственото ѓубре. Ние немаме друго резервно место за живеење освен овој наш град, па затоа сите заедно ќе мора да го направиме и почист и поубав за сите нас.

Можеби не го сакаме сите еднакво, но мора сите да сакаме еднакво квалитетни услови за живот. Убавото, естетиката и чистата животна околина да ни бидат приоритет, а екологијата азбука на денот. Ако сите живееме во едно ново време, во кое сакаме да бидеме модерни луѓе, тогаш така и да се однесуваме. Зарем не сме им дораснати ниту на малите Јапончиња, кои во градинка сами се послужуваат од шведската маса, а потоа сами си раскреваат и расчистуваат во кујната? Да, станува збор за однесување, воспитување и култура на живеење, која мора секој за себе да ја изгради.

Доаѓа пролет, да не чекаме други да ни исчистат пред станбените згради. Ајде тоа сами да го направиме, да ги уредиме терасите, парковите, влезовите! Тоа треба да ни биде задоволство и уживање. Ајде нешто заедно да промениме и студентите и сите ние, да се спасиме од сликите преполни со ѓубре!