Ќе се одважи ли Бранко Црвенковски?

Дојде време да го браниме Бранко Црвенковски од неговите некогашни најгласни и најпламени приврзаници! Настанот што продолжува да ги бранува духовите во Македонија беше научниот собир на Македонската академија на науките и уметностите наречен „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991/1991-2021 година“. Нормално, пулсот на јавноста не го подигнаа извонредниот актуелен претседател на МАНУ ниту, пак, последниот претседател на Македонија. Совршено јасно и многу предвидливо е што може да кажат тие двајца на еден ваков пригоден собир. Академикот Љупчо Коцарев на своите плеќи го носи тешкото бреме на одбраната на македонската самобитност и тој веќе се вгради себеси во пантеонот на македонските великани, онаа непрекината низа од Џинот, Пејчиновиќ и Теодосиј Синаитски до денешните дни, којшто грижливо ги ткае црната и црвената нишка на македонската култура. Академик Коцарев низ своите колумни на овие страници покажа дека Македонија не е мртва, а МАНУ под неговото раководство повторно засјаи како грижлив чувар на македонското. Ѓорѓе Иванов, пак, јасно стави до знаење дека останува последниот претседател на Македонија и дека им ја предава на другите генерации борбата за Македонија. Неговото луто противење во јавноста кон преименувањето и отсуството на неговиот потпис на секој акт за воведувањето на „Северна…“ не само што го отслика силеџиското, варварско и неправно обезличување на Македонија туку им даде силно оружје на идните генерации да се изборат повторно за својата македонска татковина.

Но зборот беше за Бранко Црвенковски…
Немам намера повторно да полемизирам тука за неговата улога во изминативе години. За мојата генерација тој останува симболот за изневерените надежи и неисполнетите очекувања на македонската независност, жив споменик на едно време на раскалашена и разгоропадена власт, пренадуена надменост, сеопшта пљачка (наречена приватизација), стрмоглаво урушување на сите морални вредности во општеството, масовно осиромашување на сите социјални слоеви и бахатост на политичките главешини и на новопечените богаташи (последниве опарени со политички декрет, наместо со сопствениот ум и труд). Притоа, овие прегрешенија се само од деведесеттите години на минатиот век, а кон тоа се надоврзаа и уште подлабоки гревови од почетокот на овој век, коишто структурно ја извитоперија македонската држава, вклучувајќи го и неговото одгледување и изнедрување на политичката клика, којашто нè награди со „Северна…“, протагонистите на најсрамната епизода во современата македонска историја.
Но тоа е веќе минато… Судот за тој период ќе го дадат публицистиката и историската наука, веројатно далеку помудро во периодот по нас, кога веќе нема да има живи сведоци со горчливи лични и семејни искуства од овие трауматични периоди, кои се протегаат од првите чекори на македонската независност, па сè до дебаклот со „Северна…“.
Сето тоа време Бранко Црвенковски, како и секој велможа во светот, си имаше свој придружен оркестар. Што газдата порачуваше, тоа оркестарот исполнуваше. Нормално, како и секоја збирштина околу кој било моќник, оркестарот беше вечно раштиман и далеку позаинтересиран за нивните меѓусебни дворски игри, интриги и местенки, отколку за состојбите во државата.

Ги обединуваше само одбраната на сопствените привилегии, синекури и распоредот на местата на кнежевата трпеза. И, како и секогаш низ историјата, свирките, поезијата и панегириците на оркестарот само му правеа штета на Црвенковски, наместо да му помогнат да се избори за довербата на јавноста. „Музикантите“ умееја само да навредуваат, омаловажуваат и да поганат, но не беа способни да издржат какво било соочување, дебата или полемика.
Нејсе, овој оркестар уште постои, но сега му гуди на увце на Зоран Заев, од исти побуди заради коишто му свиреше и на Црвенковски, но и со исти резултати во јавноста – само го засилува отпорот на народот кон „Северна…“ и уште појасно ги покажува забегувањата на оваа власт, коишто ги надминаа и најлошите моменти на развратот од 1990-тите за време на еднопартиското Собрание.
Да биде иронијата поголема, сите „музиканти“ од неговиот оркестар сега распалија по Црвенковски и по неговите критики кон актуелната власт како „максим по трња“, што би рекол нашиот народ. Се разбира, за сите нас преостанати коишто веќе неколкупати сме го гледале овој филм нема некои посебни изненадувања, но редно е да ги потсетиме дека сите тие одамна ги отсвиреа своите песни и дека ова што го прават сега е гротеска и служи за потсмев на јавноста. Дојде време Бранко Црвенковски да го браниме од музикантите на оркестарот на Бранко Црвенковски, попознат како „Ѕвездите на македонската преобразба“, или „транзиција“, ако така милувате.
Сепак, за разлика од „музикантите“ во оркестарот, постоеја во 1990-тите и фиљан интелектуалци, новинари и публицисти коишто го поддржуваа Бранко Црвенковски. И покрај на пропаста на сите економски и социјални политики на СДСМ во 1990-тите, изненадувачки опстана еден влијателен слој на локални и национални професионалци и интелектуалци од сите области на живеењето коишто сè уште ја поддржуваа таа партија и коишто не се огрешија пред македонскиот народ за време на дивата приватизација и трката за капитал и позиции за себе и за своето семејство. Овие домаќини луѓе својата животна врвица ја пробивале низ поранешниот систем, следејќи ги сите правила и прописи, постигнале своја лична афирмација и се стекнале со огромен углед во своите средини и пред своите сограѓани. Тие беа конзервативниот и патриотски слој на некогашна социјалистичка Македонија, оној темел којшто му овозможува на едно општество да опстојува и да се обновува.

Веројатно следејќи ги регионалните, европските и глобалните политички текови, тие личности останаа приврзани кон СДСМ, предводен од Бранко Црвенковски и поддржан од Киро Глигоров, пред сè со надеж дека Македонија ќе успее како држава и како општество, но и дека ќе биде одбранета македонската самобитност, посебноста на македонската култура и внатрешниот меѓуетнички соживот. Никој не може да го спори нивниот патриотизмот, а веројатно и затоа многу мудро Сојузот на комунисти на Македонија избрал да се преименува во Социјалдемократски сојуз на Македонија на почетокот на 1990-тите. Патриотизмот најмногу ги разликуваше социјалдемократите во Европа од другите левичари затоа што работничката класа ги понела најголемите жртви во рововите и бојните полиња на двете светски војни, но под националните знамиња, а не под знамињата на сеопштата глобална пролетерска револуција. Работничката класа и ден-денес останува непоколебливо верна на националниот бајрак и затоа денешната криза на глобалната социјалдемократија произлегува од нивното напуштање на работничката класа. Кога ќе се извади нацијата од десницата и општеството од левицата, идеолошки веќе не останува апсолутно ништо.
За наша национална несреќа, токму во тоа и лежи проблемот на Македонија. Еден значаен дел од овие поединци, но и од нивните деца и внуци, и натаму го поддржува СДСМ, со надеж дека има некаква логика во ова лудило. Помеѓу нив веќе одамна постојат и сериозни гласови на разумот, како еден од бардовите на македонското новинарство, Панде Колемишевски, којшто преку своите колумни во „Нова Македонија“ го крои отпорот кон „Северна…“ и кон сите погубни политики на владата на Зоран Заев, поаѓајќи токму од социјалдемократски идеолошки премиси.

Последниот настап на Бранко Црвенковски ги подгреа надежите кај овој сегмент од македонската јавност дека е можно враќање на македонската социјалдемократија кон своите изворни корени, каде што централно место зазема македонскиот патриотизам. Поранешниот лидер на СДСМ во својот говор се обиде да се извини за „разулавените деведесетти“ и за својата улога во тие собитија, но, како што веќе напишав, историјата и публицистиката ќе се занимаваат со тие поглавја, а не актуелната политика. Тоа што е далеку позначајно е што Црвенковски даде прецизна анализа за последиците од „Северна…“ и за овој застрашувачки македонски од кон амбисот. За волја на вистината, тој сè уште одбива јасно и гласно да излезе со став за осуда на преименувањето и да се обврзе дека ќе работи кон исправање на оваа неправда, но се чини дека конечно зачекори во тој правец, иако премногу колебливо.
Токму од тие причини, во моментов, потребно е да се охрабри и да се поддржи Бранко Црвенковски. Јасно дека е невозможно мојата генерација со него повторно да чекори во иста колона, но можеме пак да се сретнеме под македонското знаме. Негова треба да биде улогата, затоа што негова е и одговорноста, да го доведе патриотскиот социјалдемократски слој на идната тркалезна маса за национално помирување. Мрачната македонска деценија којашто започна во 2014 година мора да заврши со национално помирување. Притоа не мислам на безумието што го предлагаат Заев и некои странски центри сите да се обединиме во прифаќањето на „Северна…“, туку мислам на национално помирување каде што ќе се обединиме во отпорот кон „Северна…“ и во давањето нов дух и нова содржина на македонската демократија и на современата македонска република. Доколку тоа беше идејата на Црвенковски на нова национална стратегија, тогаш вреди да се размисли околу еден таков потфат.
Во меѓувреме, да се обидеме да уживаме во лебедовата песна на музикантите од оркестарот на Бранко Црвенковски. Можеби конечно асално нешто ќе отсвират, па макар бил тој и нивниот реквием.