(Хипер)живот некаде на друго место

И така, – додека скептиците и катастрофичарите очекуваат почеток на тоталитарен надзор и груба повторна експлоатација на економските и човечки ресурси, ентузијастите предвидуваат ризоматско поткопување на структурите на моќта и вистинско демократско глобално село на интернет

Македонија е земја во која, според официјалните извештаи на Светска банка, 370 илјади граѓани се заминати во белиот свет, од кои 300 илјади се млади. Од соседна Бугарија бројката според анализите е над два милиона граѓани, главно обучен и високообразован кадар. Тоа е трајно уништување на потенцијалот на државите, подвлекуваат некои загрижени „инертни“ кругови…
Миграцискиот инстинкт – во кој е проектирана човечката потреба за движење, е константа на севкупната историја на човештвото. Надежта во љубов и верувањето дека животот е некаде на друго место, ги уриваат географските, етничките, идеолошките и културните бариери на европската почва и пошироко од дамнина.

При преселбите, луѓето се приспособуваат на одредени нови услови, ги прифаќаат правилата како нужност што ги преобликува, како надворешното така и внатрешното битие, но длабоко во себе ги чувствуваат и негуваат корените што во одреден момент прераснуваат во вистински мостови меѓу народите. Нашите преселници секоја година „пуштаат“, испраќаат во татковината меѓу една и две милијарди евра.
Глобалниот свет станува сѐ поголем предизвик за човештвото. Сосема е сигурно дека она што го овозможуваат информациските технологии и телекомуникации, во извесна смисла може да се спореди со природно богатство. Но разликата во тие две сфери е суштинска. Првата и основна дистинкција е што природното богатство е од локален, национален или државен карактер, а она што го овозможуваат информациските технологии е глобално.
Според предвидувањата, во иднина во подем ќе бидат државите со најголеми човечки ресурси и со високоразвиени технологии, а не со суровини во вообичаената смисла на зборот. Постинформациските општества ќе бидат мултиетнички заедници што ќе се базираат врз високотехнолошки профитни економии, во кои луѓето од најразлични меридијани ќе се движат слободно носејќи со себе врзопи со високоинформатички знаења.
Современите технолошки достигања и во иднина ќе ги уриваат географските, идеолошките и културните бариери и ќе вршат силно влијание во начинот на животот и мислењето кај луѓето. Шансите за глобални тензии и судири ќе се намалат како резултат на интензивната комуникација, при што ќе преовладува и ќе се развива свест што ќе ја афирмира како нужност, обликувана од високоразвиените технолошки аспекти на цивилизацијата. Тероризмот како глобална закана сѐ повеќе ќе се лоцира во виртуелната вселена. Оружјето за масовно уништување ќе се усовршува со цел воспоставување и развој на тоталитарни модели на власт, кои сѐ потешко ќе успеваат со оглед на постинформациската хомогеност, што подразбира глобален ментален пресврт во севкупното поимање на светот, како во надворешното така и во внатрешното битие.

Според некои, имагинативните глобални сценарија, интернетот, социјалните мрежи и многубројните комуникациски алатки ќе создадат услови за формирање и подем на виртуелни интересни групи и лобија што ќе бидат моќни и ќе вршат силен притисок врз политиките и владите до тој степен и во обем при што може да се каже дека тие ќе владеат / можеби веќе владеат / наместо актуелните реални политики.
И така, – додека скептиците и катастрофичарите очекуваат почеток на тоталитарен надзор и груба повторна експлоатација на економските и човечки ресурси, ентузијастите предвидуваат ризоматско поткопување на структурите на моќта и вистинско демократско глобално село на интернет.
Многубројни се примерите каде што мали и анонимни субјекти прават силен пробив ползувајќи го „умно“ демократскиот потенцијал што е скриен во мрежата, се наметнуваат и ги реализираат своите планови, остварувајќи ги притоа своите соништа и претворајќи го виртуелниот занес во реална придобивка.

Сѐ повеќе и во современото живеење наслушнуваме за извонредни поединци и „од нашиот сокак“, најчесто во анализите и написите за т.н. одлив на мозоци, кој капирајќи го правовремено потенцијалот на новите информатички технологии и усвојувајќи ја како важен дел од сопствената визија, вртоглаво пораснуваат и се верифицираат како релевантен креативен потенцијал и со своите успеси нѐ уверуваат дека за умните вредни и амбициозни продолжетоци на нашата реалност постои извесна надеж.
Тој своевиден продолжен простор низ кој веќе се движат и „некои наши клинци“ според сопствени временски ритми е во некоја рака демократска придобивка и стварност, која по својот карактер иако претежно електронска, за нашите скромни стеснети економски услови е вид економски и психолошки баланс.
Во услови на демократски амбиент, индивидуата, без оглед дали припаѓа на мали или на големи народи, преку современите образовни системи добива еднаква информациска вредносна супстанција и еднаква шанса за сопствен квалитетен развој и надградба и понатаму за креативна и квалитетна репродукција и интеграција во светските економски текови.