Уставна фарса и фарисеи

Од колумна до колумна, за една седмица, види чудо – јавната расправа за уставните амандмани заврши! Всушност, петте дена ги скратија на четири. Ваквата „ефикасност“ на Владата ме потсетува на познат виц. Жена се фали колку успешно ја завршила диетата: била толку мотивирана што „запнала“, па за три дена изела сѐ што било предвидено за 10-дневниот режим. Во учебник по Уставно право (2015), Шкариќ вели дека јавната расправа не е типична за либералните општества, иако е навидум демократски чин, гласот на народот (вокс попули). Наводно, овој дел од процедурата е рецидив од социјализмот, кога на таков начин уставите добивале симболички легитимитет. Не е ни време ни место за отворање расправа околу расправата, па дури и оваа четиридневната, бидејќи секој обид на промената на Уставот да ѝ се пристапи научно или стручно е однапред осуден на пропаст.

Собранието, како уставотворец, донесе одлука дека 4-5 дена ќе бидат доволни за да се чуе мислењето на јавноста, а Владата – т.е. иницијаторот на уставните измени – организира уште едно реално шоу. Така, наместо пратениците (оние што ги имаат моќта и одговорноста да променат устав) да бидат домаќини или барем слушатели на кажаното во јавната расправа, на сите пет трибини се истопорија премиерот и министри. Симболички, и многу значајни, беа особено два факта: првата, најгламурозна расправа, се одржа во свечената сала на Владата, а главен дискутант беше Заев; второ, единствениот професор по уставно право што е и министер/ка за правда остана нема и невидлива, од поднесувањето на иницијативата, до денес!

Затоа, пак, Димитров беше унапреден во „колега“ на Шкариќ, на најстариот професор по уставно право, кој гордо соопшти колку бил далековид кога му дал највисока оценка кога полагал Уставно право како студент. (Во оваа пригода му заблагодарувам за седумката, што ми го расипа високиот просек, но сега таа прави да се чувствувам многу достоинствено.) Селекцијата на дискутантите, (не)познавачи на уставното право само од редот на поддржувачите говори сама за себе. Всушност, прифаќањето да се учествува во театар на апсурд, во политичко-правна фарса и да се даде/позајми научен легитимитет на ваква постапка (и власт) многу помага во разбирањето на нештата. По сѐ, потребно ли е воопшто да се потсетува на шверцерскиот начин на кој го склопија Преспанскиот договор, за кој дури и грчките колеги сметаат дека е срамен чин, и знак на неоколонијален третман на малите држави (мислејќи на Македонија)? И на врапчињата им е јасно дека паралелно биле договорени и амандманите, со тоа што грчката страна ги напишала, а неколку наши „мудреци“ биле вклучени заради „баланс“. Владата е далеку од вистинскиот иницијатор на измените, како што ни Собранието не е вистинскиот уставотворец. Првата страна е и единствената страна во овој божемен процес на градење доверба и компромис. Од почеток докрај, ниту македонските граѓани се носители на суверенитетот, ниту пак нивните (корумпирани и уценети) претставници во парламентот. Преспанскиот договор не е ратификуван, па затоа е правна фикција; референдумот беше неуспешен (како што утврди и ДИК), а Собранието не ја испочитува законската обврска да постапи во согласност со исходот, туку тргна во уставна ревизија на скандалозен и криминален начин.

Некој воопшто и би помислил дека фазата на јавна расправа има некаква смисла или дека би (до)дала ум на едно безумие? Каква ментална акробатика е потребна да бидеш и конструктивен и да ги „подобриш“ амандманите што значат самоукинување? Сепак, обраќањето на Шкариќ ми остави впечаток, по две битни поенти. Прво, според него, Македонија фаќала приклучок со светскиот тренд на креирање меѓународно уставно право (пази да не, ене го како се креира среде Париз), па конституционализирањето на Преспанскиот договор (инкорпорирање во уставниот поредок) ќе било пример на вградување меѓународни норми и вредности, кои ќе служеле како основа за решавање спорови во други делови на светот! Го слушате ова и се прашувате дали сте (вие) нормални! Држава што под надворешен притисок потпишува договор, кој е спротивен на секоја елементарна норма од Повелбата на ОН, како и на Универзалната конвенција на човекови права, која токму денес одбележува 70-годишен јубилеј, ама тоа, според професорот, било придонес за меѓународно уставно право!?!

Можеби е во право, бидејќи во овој империјален неолиберален систем центарот може да ѝ диктира на периферијата, а метрополите на колониите, па секаков смет да ви замириса на роза! Во оваа земја на чудата во која и Алиса не би се снашла, работите се поставени наопаку: она што е кршење на меѓународното право, што ниту една нормална земја на светот не би го прифатила со слободна волја, овде претставува „скок во иднината“. За разлика од далековидиот оптимист од Северна Македонија, Аџаму Барака пишува: „70 години подоцна, историското досие е јасно, наместо признавање на инхерентниот дигнитет и вредност на индивидуите и колективитетите, повоениот период беше ера на човечка депривација. Се смета дека (ин)директното државно насилство резултирало со 30 милиони мртви, уништени цели нации, тортурата е нормализирана, силувањето е оружје на војната, милиони се раселени, и уште еднаш гледаме раст на неофашистички движења ширум Европа и САД“. Франција, Белгија и Холандија горат под налетот на жолтите елеци, Европа го живее „моментот од 1930-тите“, ние демек градиме меѓународно уставно право со саможртва пред олтарот на неоколонијализмот! Таму каде што сите гледаат асиметричен договор, Шкариќ гледа императивни норми за двете страни, па договорот би претставувал устав и за Грција. Втората поента е за понудената сатисфакција на „носителите на македонскиот етнос за да ја чувствуваат државата како своја“ (!?) во согласност со членот 48, кој им го гарантира статусот на малцинските заедници.

Тоа ќе ги релаксирало внатрешните односи, зашто Македонците ќе бидат заштитени и изедначени со другите заедници. Останав без зборови, ова влече кон генијалната идеја за конфедерација со Тајван! Иронично, но потомок на колонизатори ја изусти голата вистина: македонскиот народ толку „напреднал“ од една уставна реформа до друга, што веќе државата не ја чувствува како своја и има полош статус од националните малцинства. Инаку, „бисери“ чувме од сите егзалтирани учесници, стопени од среќа што седат до Вождот. Серијата пост-трутх настани (во превод, пропагандни настани, како што ги нарече дебатите колешка од технолошките науки) ја илустрира колонијалната улога што си ја презела Македонија, надевајќи се дека така ќе се доближи до центарот (во моментов, буквално во пламен). Најверодостоен настан, всушност, беше ТВ-дебатата за рудниците и странските концесионери, кои од оваа територија администрирана од поданичка елита црпат ресурси за сметка на животот и здравјето. Покрај итната помош, сега се приватизира и детската кардиохирургија, а ќе произведуваме и ГМО-храна. Колку и да е болно прашањето на националниот инженеринг (со многу бабици, бидејќи сега и Софија се јави), сепак задржете го фокусот: високоучениве од АНУС(м) фрлаат прашина в очи, кои зборуваат за европеизација и интеграција, за да ја зашеќерат колонизацијата.

Пост-трутх беше збор на 2016 година, а ние заглавени токму во таков контекст. Ако операцијата успее, еден ден ќе нѐ изучуваат како микропример за тоа како фактите можат да бидат победени од „боговите“ и како еден народ им поверувал на лажговци. Тоа е она што Донев, пред шокираната водителка на „Само вистина“ (демек, обратно од постфактичко), го нарече политика на идиотизација. На Меѓународниот ден на човековите права, светот гори, а ние се бориме за зачувување на здравиот разум. Најдобар начин за тоа е бојкот на фарсите и фарисеите, заплеткани во кривични дела за „повисока цел“. Сериозната анализа на амандманите може да се спореди со гласање на идиотски референдум. Затоа ќе се држиме до вистината, дури и кога е тажна или грда, па таман и небото се урнало! Што се однесува до заедничката, глобална битка, Барака опоменува: „Ние немаме уште 70 години за деколонизација. Еколошките, социјалните, економските, политичките и духовните контрадикции на модерноста, уште се водени од западниот колонијализам, ги откриваат условите на битката. Или ние, народот како историски проект во формирање, ќе ја симнеме глобалната буржоаска олигархија и ќе изградиме нов свет, или ќе ја искусиме шестата екстинкција. Тоа сѐ уште е во наши раце, но времето истекува“. Нема многу за славење, ни во центарот, ни во периферијата. Битката продолжува.