Турски документи – од Марица до името

Сите зборуваат за браќа Бугари и Грци, за браќа Албанци, браќа Американци и Европејци, за стари браќа Руси и нови браќа Унгарци, никој не зборува (не пишува) за браќа Турци. Ако на нечие задоволство прифативме дека со некого имаме (споделуваме) заедничка историја, таа неомаксима најмногу би прилегала на денешна Турција, аналог на поранешното Отоманско, Османско Царство. Текстот што ќе го читате подолу нема никаква врска со некакви државни или локални спорови, преговори, договори, спогодби и слично, но има со Турците и Македонците, еден голем народ што петстотини години управувал со еден мал милет на голема географска територија, која денес се вика Македонија, која е и грчка и бугарска и македонска. Текстот нема врска ниту со актуелните политички случувања, иако низ него може да се забележи извесна нишка што ги поврзува дамнешното минато и неговите рефлексии врз денешната националнополитичка состојба како на Балканот, така и во Македонија. На читателите им го нудам не како историско четиво туку како информација за дел од помалку познатата историска заднина, како забава, како рекреација, одмор од замрсената и стресна политика. И како прилог во создавање мост на пријателство, меѓусебно разбирање и помирување меѓу минатото и сегашноста.

Како настанала Османската Империја? Легендата вели дека момчето Осман што заспало во куќата на шејхот, неговиот духовен татко, во сонот видело како месечината излегува од градите на светиот човек и влегува во неговите сопствени. Сонувал како од папокот му излегува огромно разгрането дрво што фрла сенка на цел свет. Видел во тие сенки планини и долини, води и потоци и луѓе што пијат од таа вода и ги полеваат своите бавчи. Кога се разбудил му го раскажал сонот на учителот и побарал да му го протолкува. Овој му рекол: „Османе сине, ти честитам, Алах тебе и на твоите потомци ви даде царско звање и моќ над светот. Еве, како награда ти ја давам и ќерка ми за твоја жена“.

Значи, Осман е основач и првиот турски цар, поточно султан, и по него го добило името повеќевековното силно царство. Вториот е Орхан, син на Осман. Синот на Орхан, Мурат, е третиот цар и главна личност на овој текст, кој има врска со Македонија, со македонската историја. Имено, Мурат е првиот турски војсководец што стапнал на балканска почва, кој во 1371 година ја прегазил реката Марица, што е географска балканско-европска граница. Ги поразил христијанските сили, составени, главно, од пијани српски војници. Ова со пијаните Срби можеби е и измислица, но историјата кажува дека, всушност, неслогата на тогашните балкански христијански народи, Срби, Бугари и Грци, многу придонела да биде олеснет продорот на Османлиите кон Европа.

Било како било, или како што се прикажува, едно се приказните, друго се документите и толкувањата, што би рекле историчарите. Еден од тие документи, зачуван, а не наново напишан, е ферманот од 1386 година, со кој султанот Мурат Први го овластува Еврен-бег да управува со јужна Македонија. Токму така – со јужна Македонија. Со возвишениот царски потпис тој во ферманот го наредува следното: „На неговото достоинство, заштитникот и основач на провинцијата, гордост меѓу благородните освојувачи, заповедникот на војниците за вера и за истребување на неверните незнабошци, на хаџи Еврен-бег, среќата цел живот да биде со него, за неговите заслуги му ги доделувам градот Џумурџин, градот Сер, сѐ до Битола, до Биглиште и Хрупиште, кои отсега ќе бидат еден румелиски санџак и кои тој ги заслужи со својата сабја. Те назначувам за главен заповедник на овие земји и на овие борци за верата.

Биди им верен господар. Само чувај се суетноста и возгордеаноста, од самофалбите, да не те натераат да кажуваш дека ти си ги нашол и освоил овие делови на Румелија. При ширењето на османската власт кон Европа, имај на ум и не заборавај дека земјата прво му припаѓа на Господ, а потоа на Пророкот и дека преку нив и преку мене ти е дадена тебе“. (За појаснување: под Румелија спаѓале цела географска Македонија, цел Балкан и сите народи што живееле на тие простори. Другото било Анадолија. Имињата на местата во текстот се дадени според денешните, македонски, а не според турските топоними. Големите села Биглиште и Хрупиште се наоѓаат во околината на Корча, односно се во близината на денешната гранична тромеѓа меѓу Македонија, Албанија и Грција, недалеку од Преспа како целина).

Она што е поинтересно се запишаните совети што султанот Мурат, заедно со ферманот, му ги дал на својот намесник Еврен-бег, совети што до денес не изгубиле од својата актуелност, свежина и морални принципи. Еве какви совети му напишал: „Прими го овој совет и запамети го. Знај дека местата што ги доби во Румелија се оддалечени едно од друго. За да владееш со нив, да ги задоволиш нивните потреби и да го зачуваш мирот, ќе мораш да собереш околу себе луѓе од сабја и од перо. Чувај се да не посегнеш по богатството на блиските. Не мешај се во божјите работи, не верувај му никому и не отворај се пред никого. Ќе видиш многумина што прекуден постат, а ноќе се на нозе и вршат разни работи, иако му се клањаат на идолот. Чувај се од таквите. Не дозволувај да те излажува надворешниот изглед за некого.

Ако сакаш некого да поставиш на некое место, не потпирај се на тоа што го знаеш за него од порано. Можеби во меѓувреме се променил, зашто се знае дека телото на синот човечки е подложно на секакви промени. Затоа распрашај се наоколу, биди внимателен и добро запознај го онега кому му доверуваш некоја работа. Види дали останал истиот од времето кога го знаеш и според тоа мери ги неговите зборови.
Послушај го и овој совет: ако намесниците што ќе ги одредиш да ти служат во внатрешноста бидат работливи и чесни, ќе ѝ биде добро и на рајата. Нареди им на сите поданици муслиманите што ги управуваат да ги сметаат за свои браќа. И поданиците да не ги држат строго, нека не им се прави лошо и да не бидат казнувани без причина. Намесниците нека имаат постојано на ум дека ќе дојде ден кога записите со делата сторени во минатото ќе паѓаат како снег, дека ќе дојде денот кога ќе се пресудува. Нека водат грижа за сиромасите. Нека им обезбедуваат доволно средства за живот. Сиромашните на Алах му се драги, тој на себе го презема нивното сиромаштво, кога ќе дојде денот тој не ќе прави разлика за оние што имаат богатство.

Почитувај ги угледните луѓе, особено учените, како и шејхот Фекија, шејх на исламот за цела Румелија, главен за верата. Води сметка за своите имами што се наследници на пророковите потомци. Укажувај им љубов и милост, почитувај ги и штити ги.
Отвори ги вратите за награди и дарови на спахиите. Притоа чувај се да не бидеш со преширока рака, но немој да бидеш циција. Не примај од нив ни најмала награда како благодарност за тоа што си ги поставил. Не земај лесно, не биди лаком. Работи чесно. Не фали се пред други со својата храброст и јунаклак, но гледај сабјата секогаш да ти биде наточена и остра. Добро храни го својот коњ.“

Погоре цитираното писмо е напишано во 1386 година по сегашниот календар, односно 788 по исламскиот. Тогаш Еврен-бег бил назначен за царски намесник во Македонија, а пред тоа бил еден од првите „акинџии“, нерегуларни пешадиски војници – единици што војувале за плен и правеле пустош секаде каде што ќе поминеле. Сѐ што ќе запленеле станувало нивна сопственост. Одлуката да го постави на тоа место, од хроничарите се смета како важен политичко-стратегиски потег на султанот, преку кој водачите на немилосрдните и неконтролирани акинџии ги интегрира во државниот систем, а со самото тоа ги дисциплинира.

Постарите генерации, како мојата, учеле за султан Мурат на часовите по историја. Мурат е основачот на првиот јаничарски одред составен од христијански деца што се собирале преку таканаречениот данок во крв, познат и од прозата на Иво Андриќ. На освоените територии плански почнал да населува Турци од Анадолија, со што драстично го менувал етничкиот состав на населението. Тој е првиот што формира „диван“ (влада) предводен од везири (премиери). На Балканот е запаметен и по неговата мудра и далекосежно важна одлука на потчинетите христијани да им се дозволи да си ги задржат верата и црковните судови, да градат верски објекти, ако селаните редовно му го плаќаат данокот десеток. Во хрониките е запишан како одличен стратег и тактичар, визионер, реформатор. И особено како водач што знаел дека најмудри се оние што се опкружуваат со мудри и способни луѓе, не се ласкавци и полтрони.

Како што е кажано на почетокот, Мурат е првиот османски војсководец што згазнал на европска почва и го освоил цел Балкан. На балканска земја ја предаде душата на Алах, во познатата Косовска битка во 1389 година. Со нож го прободе Милош Обилиќ, српски легендарен јунак, за кого албанските историчари тврдат дека не бил Србин, туку Албанец. Мурат остави на Балканот толку многу траги и наметна редица отворени историски прашања што и денес не се докрај расчистени. Ако ја исклучиме грижата за коњот на Еврен-бег, кој одамна е мртов, сите други грижи се живи во трите дела на Македонија. Уште од историската битка на Марица до сегашната историска битка за името, сѐ си има некоја трага или останата последица.