Сто години македонска осаменост

Овие скромни редови ги посветувам на епохата од еден век на Конески и ги упатувам до сите чесни македонски родољуби, па со овој мал скромен придонес се придружувам во катадневните напори за растурање на маглите, лажните дилеми, полемики со дузина автори, интелектуалци политичари, кои облечени во овчи одежди, дали од небрежност или од неразбирање на глобалниот контекст и скриените, невидливи агенди и пропаганди, атакуваат со неразбирливи матни ставови и повици врз бедемот на кревкото македонско битие

Здружение на лектори на Македонија – Негувај го македонскиот јазик, побарај лектор – беше текст испишан на билборд што го прочитав пред некоја година во градскиот метеж и врвулица од перцепции. Со доза блага иронија, резигнација и горчина, го нотирав како „лелек на лекторите“. Стоев простум пред билбордот и сам со себе си прозборев и се прекорував. Вака ли се штити идентитетот, чува и негува јазикот, со билборди, со летоци, мораториуми на музиките.
Го враќам филмот години наназад. „Чувајте го јазикот Симјановски, тој ќе Ве чува вас“. Така говореше Милчин Постариот во една дискусија по повод употребата на жаргонот во филмската конверзација. Конкретно – дебатата беше по повод премиерата на мојот игран проект, ТВ-филмот „Пикасо“, кој во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век беше реализиран во продукција на МТВ и беше прикажан во ударниот драмски термин на тогашната Југословенска радио-телевизија. Како автор на сценариото и режијата сметав, а и така направив, за поголема уверливост во одразот на скопското милје, јунаците во дијалозите да комуницираат на „скопски“. „Филмот е убав, Симјановски, но задача на Вас авторите е будно да внимавате на јазикот, особено во уметничкото творештво, да го негувате и доизградувате, бидејќи тој е вашата легитимација“. Ги доживеав овие зборови како комплимент, но и како благ прекор, кој и ден-денес ми одѕвонува во сеќавањата. Како одминуваат годините, сѐ повеќе ја чувствувам важноста на пораката на почитуваниот голем артист Илија Милчин и неговите заложби за македонскиот збор и правоговор.
Законот за употреба на македонскиот јазик („Сл. весник“ 5/98) пропишува занимање – лектор што е единствен овластен да се грижи за правилна употреба на стандардниот јазик.

Според членот 7 од законот, „Службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови од член 5 став 1 од овој закон (називи, реклами, плакати, упатства на лекови, меѓународни договори, текстови за масовна комуникација) што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик“.
„Нека се чуе за никогаш да не се заборави јазикот на којшто зборувале нашите прадедовци, зборуваме ние денес и ќе зборуваат сите идни поколенија на нашата света земја Македонија“, ќе проговорат со оружје в раце, комити и дејци што ја обезбедувале праизведбата на пиесата „Македонска крвава свадба“, од Војдан Поп Георгиев Чернодрински, во салонот на Славјанска беседа во ноември 1900, во Софија. Таа вечер во салонот на Славјанска беседа се одигрува една од епизодите, почеток на бурното македонско историско реално шоу, кое се одвива со несмалена жестина преку стотина години и трае и денес. Пиесата „Македонска крвава свадба“ од Војдан Поп Георгиев Чернодрински е произведение, кое во извесна смисла го антиципира почетокот на борбата за културна јазична идентификација, македонската идентитетска голгота.

Така почнува финалната сцена на ТВ-филмот „Премиера“ за која сценариото го пишувавме заедно со почитуваниот Милан Банов, а го режираше Ацо Алексов. За таа цел истражувавме и прегледувавме многубројни архиви, фотографии на македонски дејци, документи, сведоштва, врз кои ги создававме сцените на премиерата на македонскиот јазик во драмската уметност. Со истите зборови завршуваа и дваесетина епизоди од анимираната детска серија „Лексикомани“ на МТВ, пред некоја година, која вчас, бргу, бргу ја снема од програмата, под неразјаснети околности и неразбирливи причини. И ден-денес тие програмски остварувања се во депоата на МТВ, но никако да ги видиме на некоја од многубројните фреквенции на јавниот сервис.
Во една пригода по повод извесни драмски чествувања во салонот на Славјанска беседа во Софија, присуствував на драмски фестивал на кој беше прикажана македонската пиеса „Дунек“ со Владимир Ангеловски во главната ролја. В миг во време на течението на пиесата, го чув повторно далечното ехо на зборовите на Ковачев и на Сарафов. Јазикот на кој зборуваат и пишуваат поколенијата, овој пат повторно како пред повеќе од сто години слободно одекнуваше на сцената. В миг повторно како да ги осознав длабоката смисла и важноста на пиесата „Македонска крвава свадба“.

Во метежот пред лелекот на билбордот во близината на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се потсетувам на завештанието на почитуваниот и скромен професор, поет, научник, татко на македонскиот јазик и правопис Блаже Конески – „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“.
А името? Преубаво ни е името за да ни го остават. Оваа е злокобната тегобност што го тревожеше и Блажета Конески, пророштво, тескоба, трепет и на еден од најголемите македонски дејци на 20 век. Тоа не е библиско претскажување или реквием за исчезнување на една држава и на еден народ, кои поетот-гениј ги опеал за сите времиња. Тоа е пискот на таткото на „Тешкото“, на таткото на јазикот наш современ, литературен и насушен. Тоа е лелек на човекот што кажа: Јазикот е единствена наша комплетна татковина, што одекнува и денес како ехо од историските турбулентни далечини. Како аманет, предупредувачки „шорткат“, зборови – безвременска македонска дилема на гигантот Конески, опомена до идните генерации за историската одговорност, мудрост и храброст за да ги зачуваат името, имињата и презимињата, прадедовското, татковото и мајчиното наследство. И да се зачуваме себеси.

Овие скромни редови ги посветувам на епохата од еден век на Конески и ги упатувам до сите чесни македонски родољуби, па со овој мал скромен придонес се придружувам во катадневните напори за растурање на маглите, лажните дилеми, полемики со дузина автори, интелектуалци политичари, кои облечени во овчи одежди, дали од небрежност или од неразбирање на глобалниот контекст и скриените, невидливи агенди и пропаганди, атакуваат со неразбирливи матни ставови и повици врз бедемот на кревкото македонско битие.