Сонот за живот само не во Македонија

Да ја напуштите средината што ве задушува од глупост, лаги, празни ветувања, малограѓанство, некултура и клиентелизам и која се храни од политичка омраза и човечка несреќа. Не е тоа амбиентот во кој сакате да ги растете вашите деца. Вашите заблуди и очекувања не мора да бидат и нивни

Мора да се навратам на една изјава на претседателот Пендаровски што многумина шокира, но беше толку искрена и ја отсликува менталната состојба на Македонецот денес. Претседателот многу искрено ќе забележи една вистина: „дека никој не е луд да го троши животот додека траат преговорите со Европската Унија и дека состојбата во државата не е добра за младите. Да не сум претседател, и самиот би се отселил од Македонија“. Чувството е заедничко и споделено со мнозинството Македонци денес. Со една разлика: не се само младите што сакаат да си заминат од државава. Годините веќе не се ограничувачки фактор.
Сонот за живот сегде само не во Македонија стана заеднички за сите генерации Македонци. Ние што ја отсонувавме државата за која мечтаевме, што ги отсонувавме и животот достоен на човек, социјалната сигурност и здравството, кое требаше да ни гарантира квалитетен живот и држава што ќе се грижи за сите, а не само за „своите“, посакуваме да си заминеме од неа што подалеку. Посакувате да фатите џаде од тука. Но главната причина поради која сакате да заминете од Македонија е поради тоа што во оваа држава е поткопана надежта дека некогаш ќе живееме нормално. Ние, всушност, и не знаеме што е тоа нормален живот.

Ги потрошивме нашите животи чекајќи. А промените одат бавно макотрпно, или воопшто не се случуваат. Не дека досега живеевме некој живот, но сега како никогаш порано дочекавме да живееме во полошо, покорумпирано и економско и безбедносно многу повеќе руинирано општество од порано. Кога промените во општеството се ретроградни, присилени сте да размислувате да ја напуштите средината што генерира чувство на бесперпективност и безнадежност за подобар живот. Да ја напуштите средината што ве задушува од глупост, лаги, празни ветувања, малограѓанство, некултура и клиентелизам и која се храни од политичка омраза и човечка несреќа. Не е тоа амбиентот во кој сакате да ги растете вашите деца. Вашите заблуди и очекувања не мора да бидат и нивни. Секој, а не само младите, заслужува шанса за квалитетен живот. Ова што го живееме во Македонија не е таков живот. Тоа е обично голо преживување.
Ниту културните бариери, ниту честопати конфликтниот процес на интеграција во земјите каде што мигрирате се пречка да се решите да заминете.

Понекогаш само посакувате да бидете подалеку од она што ви создава немир, ви ја задушува надежта и ви ги кочи можностите за кариера. Не размислувате за далекосежните социјални и политички последици за државата, за депопулацијата и исцрпувањето на работната сила, или за одливот на мозоци. А и зашто би размислувале и би се грижеле кога и така државата заборавила на вас. Ѝ текнува само за избори и толку. Никому ништо не му должите да чувствувате вина и грижа за вашето заминување. Поради тоа што никој ништо не ви дал во животот. Државата најмалку.
Велат дека луѓето избираат да мигрираат. Некои се присилени на тоа. Јазот на очекувања се зголеми како со ниту една друга генерација во минатото. Тоа е нешто што политиката не може да го разбере. Кога не може да го разбере, го игнорира. А можеби и не сака. Сѐ уште живее со стереотипот на неписмените, сиромашни и рурални мигранти. Не е ова време на крајот на 19 и 20 век. Заборава дека ова е 21 век, во кој никој не сака да остане заробен во ваква држава. Заборавена во времето и просторот. Доста ни е од изгубени генерации. Генерации приклештени помеѓу политичката и економската транзиција и одлуката за миграција. Зар има уште некој што сериозно верува на наративот на политиката за подобар живот со пристапувањето во НАТО и во ЕУ? Особено кога фактите недвосмислено покажуваат дека ЕУ сега е далеку од односите, стандардите, политичката логика, па дури и принципите на кои се потпираше кога со таканареченото солунско ветување беше потпишана безусловната посветеност за иднината на Западен Балкан во Европската Унија. На ветувањата веќе никој не им верува во оваа држава. Особено кога доаѓаат од политичари со привремен рок на траење.

Не веруваше и еден мој пријател, со кого заедно студирав и кој се откажа да работи како правник и се врати на занатот на татко му. Добар во тоа што го работеше, притиснат од политичкиот рекет, среќата си ја побара надвор. На стари години. Не се двоумеше. Потврдата за својот труд и вештина ја најде таму, не во својата држава. Сѐ уште емотивно реагира на сѐ што се случува во државава. Децата му се раштркаа по светот. Неговите чевли нема да ги најдете пред Владата. И на многу други. Зашто им требаа да заминат. Ако мислите дека политичарите се загрижија за ова и за ваквите приказни, се лажете. Единствен интерес им се власта и непроменети избирачки списоци, полни со оние што заминале. За полесно да ги крадат изборите. А чевлите пред Владата? Уше еден од многуте содржински празни перформанси. И толку.

Желбата да се замине од Македонија станува сѐ посилна. Сѐ помалку имате надеж и сила да бидете дел од циркусот држава што станавме. Посакувате подобра иднина далеку од вашата матична земја. Доволно го трошевте животот. Редно е да живеете живот достоен на човек. Да го откриете сосема новото чувство за себе на тој пат. Размислувајќи за себе и за новите култури, ги окривате вредностите и нормите што дефинираат кои и какви луѓе сте. Заборавени во сопствената држава, но повторно откриени надвор. Затоа и претседателот би си отселил од Македонија. Си знае човекот во каква држава живее.