Македонските историчари не можат да му помогнат на нашето општество да се справи со комунистичкото минато. Зар може да го бараме тоа од оние што ја предадоа и продадоа македонската историја? Зарем од нив може да бараме задоцнето признавање на тешките историски неправди на комунизмот во Македонија, кога свесно заборавија да ги осудат злосторствата на комунизмот и да нѐ потсетат на жртвите на тоталитарниот и авторитарен режим на минатото

Несреќното вето на Бугарија на нашиот обезличен „историски“ пат кон Европската Унија ја разбуди југоносталгијата во Македонија, триесет години по нејзиното осамостојување. Можеби на некој брутален начин треба да ѝ заблагодариме на Бугарија што ја разголи болната вистина дека Македонија никогаш не успеа да го демонтира поранешниот режим и не го надмина тоталитаристичкото наследство на Титова Југославија. Очигледно беше дека на ново-старата црвена политичка елита во Македонија полесно ѝ беше да гради мостови на идеолошки и историски континуитет со претходниот режим отколку радикално да раскине и да расчисти со своето комунистичко минато. Бугарија ја активира „старата добра“ идеолошка шизофренија и го разбуди комунизмот кај нас. Очигледно сѐ уште посакуван и привлечен како убаво нашминкан леш.
Секоја нова политичка цел по диктатура се соочува со важни промени во однос на наследството на стариот режим. Дали треба да се повлече „дебела линија“ во однос на тоталитарното минато, дури и по цена да се игнорира потрагата по правда? Дали треба да се пресметаме со претставниците на стариот режим наместо да се соочиме, пред сè, со задачите на иднината. Дали трансформативната правда е закана за владеењето на правото и за политичката стабилност? Или, пак, е јасен прекин на институциите и луѓето поврзани со минатиот режим предуслов за успешна консолидација на демократијата.

Со години гледаме како поранешната комунистичка елита мутираше, или се менуваше. И, што направивме да го спречиме тоа? Ништо. Стратегијата за трансформација на поранешните комунисти во немилосрдна олигархиска капиталистичка и политичка елита беше видлива и разоткриена, но никогаш не беше вистинското време да се спречи тоа. Затоа не успеавме да го отстраниме комунистичкиот мит во идеолошкиот простор на новата држава. Затоа нашето општеството не успеа да ја контролира политиката на меморија оркестрирана од мутираната комунистичка елита. Останавме заробени во идеолошкиот мрак на минатото нерешителни да направиме идеолошки прекин со таквото минато, сатанизирајќи го секој обид да се отвори болна јавна дискусија како да го декомунизираме општеството и да го прочистиме од човечкиот шљам на минатиот режим. Мутираните комунисти успеаа да го уништат органското демократско општество и да го заменат со општество дизајнирано од нив. Последниот удар допрва следува. Ако не се случува во моментов.

Шарениот комунистички подмладок урлаше по улици повикувајќи на правда. Правда по моделот на нивните родители. Зачинета со репресија и страв. Омразата и одмаздата ја замени потребата од трансформативна правда, како термин за опишување правни, административни и социјални процеси насочени кон пресметка со тоталитарните или авторитарните режими. И казнена одговорност на комунистичките крвници од претходниот режим и нивните послушници што можеше да стане елемент на овие процеси. Зар некој воопшто можеше да помисли дека октрорираните наследници на комунизмот во Македонија ќе удрат по своите по род. Затоа и бегаат како ѓаволот од крст од каков било обид за обесштетување на жртвите на комунизмот, за да не се обелат најтемните страници во историјата на оваа држава и да се изврши нејзина декомунизација. Низ трансформативната правда никогаш не се побара одмазда како тие што ја посакуваа и практикуваа. Ниту кршење на човековите права затоа што таквото кршење не може да стане основа за здрава и демократска држава заснована на владеење на правото. Се бара само правда, која беше и остана празна и полупразна содржина во нивните повици и разбирање на правдата.

Во Македонија очигледно најтешкото нешто да се предвиди е минатото. Таа ера сè уште не е завршена. Сѐ додека не ја повратиме и реинтерпретираме својата историја, нема да знаеме кога започна трагедијата на Македонија. Кој е одговорен? Сѐ дотогаш македонската нација нема да може да се погледне во огледало. Историските наративи се такво огледало, а историчарите психоаналитичари на нивните нации. Колку далеку треба да одиме за да ги разбереме корените на нашата сегашна криза. Историчарот има непријатна улога: треба да обезбеди алатки за соочување со комунистичкото наследство и истовремено да помогне во рекомпонирање на трауматизираниот идентитет, да избере корисно минато за демократска иднина. Македонските историчари не можат да му помогнат на нашето општество да се справи со комунистичкото минато. Зар може да го бараме тоа од оние што ја предадоа и продадоа македонската историја? Зарем од нив може да бараме задоцнето признавање на тешките историски неправди на комунизмот во Македонија, кога свесно заборавија да ги осудат злосторствата на комунизмот и да нѐ потсетат на жртвите на тоталитарниот и авторитарен режим на минатото.

Ја скрија историјата, а одговорноста им ја префрлија на политичарите. Кои гледаме како ги понижуваат со секој нов ден реинтерпретирајќи и ретуширајќи ја историјата.
Во светлото на новите настани со Бугарија можам само да го парафразирам омразеното мoнархистичко мото „Кралот е мртов. Да живее кралот!“: „Комунизмот е мртов. Да живее комунизмот“. Би додал: ние никогаш нема да скршнеме од патот на Тито. Зашто Тито си го сакаме, како и комунизмот. Си ја сакаме Европа, ама и Тито ни е мил.