Семиотиката на една инаугурација

На денот на инаугурацијата на новиот претседател на САД, една македонска новинарка возбудено кликна: ама како е можно националниот ТВ-сервис (МТВ) да не врши директен пренос на овој најзначаен чин на планетата! За волја на вистината, ТВ-каналите што живеат од грантови од УСАИД вечерта организираа пригодни дебати, како што ѝ прилега на вазалска држава на периферијата. Аутистички (во политичка смисла на зборот) свртени само кон себе, македонските медиуми не се интересираат особено кога е светот на работ на природна катаклизма (пожарите во Австралија или климатските промени) заканите за човековите слободи предизвикани од пандемијата, можна трета светска војна (на пример, атентатот врз иранскиот генерал Солеимани), хуманитарна катастрофа (помор на децата во Јемен), па дури ни кога ЕУ е заплеткана во драмата на сопствената дезинтеграција. Македонија е фокусирана самата на себе, и тоа на начин што не е способна ни состојбите да ги види во нивната вистинска димензија, ами чека некој однадвор да ѝ ги реши проблемите. Така, сега се чека Бајден да ја „притисне“ Бугарија да го отвори патот кон ЕУ, некој да ни подари милостина од неколку илјади вакцини затоа што државата е толку неспособна што и не знаела да се регистрира навреме, а министерката за образование промовира небулозна реформа на основното образование тврдејќи дека „странски фактори стојат зад нас, затоа што тие се искрено загрижени и сакаат да ни помогнат“ (странските фактори се сведуваат главно на Светската банка кај која сме задолжени до гуша, а и преостанатите на кои им треба проста и евтина работна сила таму на периферијата со сите социјални и класни разлики вградени уште во првото одделение за секој да си го знае местото во иднина). Зошто пишувам за САД при огромен број домашни проблеми? Затоа што овде сум безгласна буква, затоа што политичките елити се свртени надвор, а не кон своите граѓани или експерти, затоа што кога САД ќе кивнат, овде добиваме пневмонија – и затоа што секоја авторитарна одлика на империјалното владеење овде вирее побрзо, бидејќи лојалните ученици сакаат да го задоволат господарот со својата посветеност и прават и чекор повеќе. А механизми на контрола на власта нема, медиумите живеат од странски пари, академската заедница од грантови (или молчи за корка сува леб и плата што е три-четири пати пониска од таа на најнеписмениот министер или дури и советник на немуштиот ни премиер).

Системот функционира без опозиција (во дел демонизирана само што трумпизмот овде има назив груевизам (или дури и фашизам кога доаѓа од крајната левица), додека другиот дел е пацифизиран како кооперативните републиканци со демократите). Малкуте слободни и дисидентски гласови очекуваат секој ден да бидат блокирани од Фејсбук, Твитер, Јутјуб итн.
Да се вратам на инаугурацијата, можеби со задоцнување, но чинот е далеку од церемонијален, тој е пророчки. За говорот на Бајден нема што многу ново да се додаде (особено ако не доаѓа од кланот на апологетите и наивците што веруваат во нова зора на американската демократија). Всушност, најголемото изненадување беше што до говорот воопшто дојде (со оглед на неговата здравствена состојба), а и што траеше долго и без грешки. Нештата станаа појасни кога се појави фотографијата на она што обичните смртници не можеа да го видат: џиновскиот телепортер („идиот“ по нашки за читање на текстот)! Она што предизвика непријатност беа неколку работи: прво, религискиот ореол на целиот чин (заедно со изгледот на Капитолот во заднината), кој на американската демократија ѝ дава ројалистички, а не демократски имиџ. Не знам како на церемонијата гледаше Техеран, но теократската аура истисна секаква идеја за секуларизам. Небаре власта извира од Бога, за „нацијата под Бога“, нешто што одамна Буш Помладиот го кажуваше на друг начин, но со исто значење. Американската нација (т.е. елити) не одговара никому, ни пред светот, ни пред меѓународното право, таа е отаде моралот и е во директна врска со Бога. Но кога веќе двајца свештеници глаголеа, зошто немаше барем еден имам? (Тоа ќе се вклопеше во идејата за „бенетон“ кабинет и мулти-култи наратив.) Но не стигнале до таа лекција (која ние овде ја владееме добро). Вториот момент е холивудскиот: наместо во земја соочена со најголемата криза од Граѓанската војна (Бајден повика на запирање на нецивилната војна, небаре има цивилни/цивилизирани војни!) да покаже скромност, понизност и сериозност, културно-уметничката програма беше пригодна за леб и игри со Лејди Га-Га (во стилот на дистописките „Игри на гладните“ и со златен микрофон в рака за да ја испее американската химна!), Џеј Ло и еден кантри-пејач. Младата поетеса го подигна културното ниво (и романизираната верзија на еден брутален елитистички чин во класно поделена земја), но модните познавачи ја разоткрија Прада (на нејзината глава и облека), во духот на сиот сарторијален имиџ на настанот полн со обоени пораки, нијанси и „шљокици“ (што би рекла покојната Милка Бабовиќ). Обичниот човек, можеби гледа, а можеби и не, дека тој таков сиромав, отепан, одрпан, гневен, загрижен и незгрижен едноставно не му припаѓа на шоуто на Ридот. Симболички таква порака испрати Берни Сандерс, седнат како човек кому не му е место ниту сака да биде дел на циркусот, а чија слика на човек со сега веќе легендарните плетени зимски ракавици, сега се лепи и каде треба и каде не треба. (Вклучувајќи и кога Град Скопје се фали со неколку нови клупи, а без да има чувство за вкус или да знае што претставува Берни, дури и како неуспешен претседателски кандидат.)

Тоа е веројатно единствената светла точка во непристојно блескавиот декор, односно најсубверзивна сцена на тој чин, како што забележува Наоми Клајн. Тоа што Бајден не го кажа, набргу ќе ни се каже со дела, но не може да се игнорира застрашувачката мантра за врската меѓу демократијата и Вистината (верувам дека беше со големо В – како „нашата вистина е единствената вистина, сè друго е фејк-њуз, лага со која ние жестоко ќе се справиме“. Во бивша Југославија го имавме оној стих: „ко другчије каже, клевеќе и лаже“, кој инаку вели клевети и лаже. Накратко, тоа е промоција на едноумието, наметнато одозгора (од оние што си имаат муабет со Бога), и на „демократија“ за која не смее да има ни размисла за алтернатива, ни опозиција. Четврто, инаугурацијата беше класична партиска забава во триумфалистички тон. Неколкупати беше потенцирано како тие, демократите, со своите животи ја бранеле демократијата на тоа исто место, на 6 јануари, и ја одбраниле! Клучната порака гласи: ние имаме не само надворешни туку и внатрешни непријатели, и 9/11 сега станува 1/6, односно глобалната војна против тероризмот отвора филијала во борба против домашните „терористи“. На Си-ен-ен и сличните мејнстрим-канали цензурата и етикетирањето веќе цветаат: на една дебата, луѓе од големите медиумски корпорации и социјални медиуми (Фејсбук и Твитер) велат дека домашниот непријател треба да се елиминира (за почеток од интернет-просторот) исто како ИСИС, т.е. да се истисне сосема и да му се забрани слобода на говор (зашто тоа е говор на омраза, по дефиниција на владејачките 1 отсто). Последната порака на Бајден не застана кај онаа вообичаената за Господ да ја чува Америка, туку додаде дека господ треба да ги заштити „нашите војници“ = поздравувајќи ги трупите (над дваесетина илјади на и околу националниот Мол во Вашингтон). Само тој чин зборува за (не)напишани романи и море крв што ќе може да се очекува набргу. Единствено е непознато колку терор ќе биде употребен дома, а колку надвор.

Апологетите на империјата што беа внимателни во оценувањето на Трамп, здивнаа па со полни гради го фалат политичкиот камелеон Бајден и прогнозираат нова ера. На пример, враќањето на САД кон Договорот за климатските промени е дочекан со некритичка еуфорија: од потписот до имплементацијата стои прашањето на профитот на големите корпорации! Исто е и со малите и средните бизниси: Бајден имаше најскапа кампања во историјата на САД – од големиот бизнис. Погледот врз составот на кабинетот е доволен да се изгуби секаква надеж: освен бенетон-имиџот, т.е. идентитетското шаренило, нема ама баш ништо ново. Мартин Лутер Кинг (споменат во говорот) се превртува во гробот кога го гледа новиот министер за одбрана, член на управни одбори во корпорации на воено-индустрискиот комплекс и заповедник во Ирак од времето на Обама. Со најголем буџет на Пентагон во историјата, нема да сади рози по светот, а она „Црните животи се важни“ добива ироничен призвук. Џорџ Монбио забележува: „САД се фундаментално поделени, поделени меѓу експлоататори и експлоатирани, меѓу угнетувачи и угнетувани.

Не може да има единство со клептократи и олигарси. Ако не се спротивстават на плутократите, Американците ќе продолжат да се борат меѓу себе.“ Сè повидливи се сличностите со бившиот СССР: лидери во одминати години што само привидно се промена, а ја држат истата идеолошка (и корпоративна) линија на „Це-ка“ (картелите); медиумска цензура; забрана на различно мислење и појава на новоговор; политички коректна академија (што бара поништување на дипломите од време на Трамп), полна со кетмани, зголемување на бројот на неличности (лица чие постоење се негира или занемарува од политички побуди) и култура на поништување (cancel culture), сам-издат публикации на професори и интелектуалци, милитаризација и на внатрешната и на надворешната политика – а сиромаштијата и социјалната нееднаквост само се продлабочуваат. Не заборавајте, малите диктатори на периферијата вредно ги бележат сите потези и ќе ги имплементираат со поголем жар и посветеност, а критичка јавност или човек со плетени ракавици – нема.