Прав ваксер не се боде со руска вакцина

Само што ќе излезе руската вакцина, глобалистиве веднаш ќе западнат во антируска хистерија. Секоја будала што до вчера се потсмеваше со луѓето за коронавирусот, 5Г-технологијата и за вакцините на Бил Гејтс, па ги нарекуваше идиоти и теоретичари на заговор, сега одма, ко сперматозоидот на татко му да бил доктор на науки, а јајце-клетката на мајка му врвен фармацевт, веднаш знае дека руската вакцина не чини, дека тоа сигурно е отров и дека ако ја инјектира во себе гарант ќе се навлече на руски рулет и вотка „путинка“

Фатив блесав муабет меѓу двајца соседи, долу пред гранапче. Мене ми се виде блесав, иако нивните лица беа сериозни, а зборовите строги. Ко да дискутираа за вонземјани што вчера слетале на Земјава за да ни соопштат дека сме една крајно глупа и бескорисна цивилизација, по што го оставиле своето вселенско ѓубре во новооткриениот галактички контејнер и одлетале да им соопштат на преостанатите корисни цивилизации дека нашле, ама ептен супер депонија на која живеат крајно здодевни и непотребни битија.
Виде комшија, објаснува првиот сосед, цел демократски свет му се наврте, сите пишуваат дека сигурно ги наместил изборите.
Е како комшија да не пишуваат, мудро додава вториот сосед, кога човекот е диктатор бе, дваесет и кусур години е на власт, излегува дека народ само него го избира ко да нема друг.
Значи конечно демократскиот свет се освести, им упаѓам јас среде политичка анализа, дека Мило Ѓукановиќ е последниот диктатор што го дала Европа.
Ме погледнаа како да сум бил испратен на Марс по вода, ама сум се вратил со „Марсовски хроники“ од Реј Бредбери, затоа што наместо кај Мет Дејмон сум заглавил во марсовската библиотека.
Каков Ѓокамовиќ бе, комшија, ми се врекна едниот.
За Лукашенко зборуваме, ми срочи како на мало дете вториот.

Ете ти сега! А тамам помислив дека Европа Вавилонска се откажала од двојни стандарди. Потоа се сетив дека на тие основи е изградена како цивилизација. Но јас и немав намера да пишувам за ова. Разговорот сам ми налета долу во маало. А сега она со што сакав да почнам.
Прав ваксер не се боде со руска вакцина. И со антиваксерите е исто. Прав антиваксер прво одбива руска вакцина, а дури потоа сè друго. Тоа ти е така кога низ животот најчесто си пиел нафта за храна, си шмркал осиромашен ураниум и си се пукал во вена со авганистански опиум берен од рачиња на муслимански сирачиња. Нема таков ваксер џанак од племето три коси црти што би дозволил некој да го боде со руски заебанции. А не беше тешко да се погоди, нели? Ви пишав минатата колумна. Само што ќе излезе руската вакцина, глобалистиве веднаш ќе западнат во антируска хистерија. Секоја будала што до вчера се потсмеваше со луѓето за коронавирусот, 5Г-технологијата и за вакцините на Бил Гејтс, па ги нарекуваше идиоти и теоретичари на заговор, сега одма, ко сперматозоидот на татко му да бил доктор на науки, а јајце-клетката на мајка му врвен фармацевт, веднаш знае дека руската вакцина не чини, дека тоа сигурно е отров и дека ако ја инјектира во себе гарант ќе се навлече на руски рулет и вотка „путинка“.

И наеднаш ти стануваат исти оние што тврдат дека чипот во вакцината на Бил Гејтс е поврзан со 5Г-технологијата и оној што тврди дека руската медицина е Потемкиново село во однос на елоквентноста на СЗО и епидемиолозите што читаат вести на Си-ен-ен.
И мене веднаш ми паѓа на ум ремек-делото на Стенли Кјубрик „Доктор Стрејнџлав“. Кјубрик совршено се потсмева со американската параноја за време на Студената војна, иако на крајот на гротеската ни соопштува дека сите наци-умови по Втората светска војна завршиле во САД. Зошто го споменувам ова? Од две причини. Прво, Кјубрик не знаел дека антируската хистерија педесетина години подоцна ќе стане уште побезумна гротеска. И второ, за да си направам пат во колумнава до следната тема… Холивуд.
Не знам колку следите холивудски филмови, ама таму тенденциозно не го сакаат Доналд Трамп. Добро сега, не се сите баш антитрамповски. Ете, во акциониот хит „Ангелот падна“, имаме интересна приказна. Тоа е трилогија. Трет дел по „Олимпус падна“ и „Лондон падна“. Главен лик е шефот на обезбедувањето на американскиот претседател. Го игра Џерард Батлер. Стана нормално американскиот претседател да го игра Морган Фриман. Морган ти е нешто како наш Ѓорѓи Колозов.

Тој вообичаено игра Бог или американски претседател. Во третиов, последен дел има обид за атентат врз него. Политичарите и медиумите врескаат дека зад тоа стои Русија. Америка се подготвува за војна. И пред да ја нападнат Москва, Џерард открива дека Русија нема никаква врска со атентатот. Сето тоа е во организација на „длабоката држава“ и тајните служби. Звучи познато, нели? Како и да е, ова се исклучоците.
Повеќето холивудски филмови се против Трамп. Има различни објаснувања за тоа. Холивуд најчесто е прогресивно либерален. Естаблишментот секогаш фаќа лево. Холивуд е продолжена рака на „длабоката држава“. Сето тоа има логика. Но јас имам теорија што се надоврзува на другите. Холивуд не го сака Доналд Трамп затоа што им ги укина американските војни низ светот. Ем затвара воени жаришта, ем повлекува американски војници. И сега Холивуд има проблем. Треба ли да се пишуваат нови сценарија во кои САД окупирајќи го спасува светот? Треба ли сите порази да се претстават како победи? Па веќе станаа досадни сите оние филмови за Виетнам, Ирак и за Авганистан.

Океј, можат да снимаат приказни за тоа како го тепаа ИСИС додека не дојдоа Русите стварно да го истепаат. Ама без нови војни нема нови филмски победи. Од друга страна, Холивуд е еден вид маркетинг за војните што САД ги води. Креира јавно мислење. Се обидува, на пример, да те убеди дека хемиското оружје што не постои во Ирак, сепак постои. И како сега студијата да тераат воени рекламни кампањи, ако Трамп не сака да војува?
Тука е и образованието. Холивуд образова. Не е ни чудо што половина Американци мислат дека Втората светска војна се водела меѓу САД и Русија, во која секако Американците победиле откако Џон Рамбо во третиот дел ги истепа оние никакви Руси во Авганистан. Пред некој ден го гледав новиот филм на Спајк Ли. Се вика „Da 5 Bloods“. Никако не ми е јасно како авторов се претвори во невладин сектор. Од Виетнам да стигнеш до „Блек лајвс медр“, стварно и хилариус клинтоникус.

Но не ми е тоа поентата. Во филмот има една сцена каде што постар Афроамериканец, чиј татко се борел во битката за Нормандија, се објаснува со Французин за Втората светска војна. Се расправаат за тоа како Американциве дошле и ја ослободиле Европа додека Французиве не мрднале со прст. Русите во приказнава не постојат. Фактот дека САД се вклучи на крајот од војната кога нацистите веќе се со последни сили секако не е споменат. Затоа е јасно зошто Оливер Стоун го прави својот циклус документарци за поновата историја на САД. Неговото објаснување е едноставно. Кога видел што му учат децата по историја, морал да се фати за работа, за тие да ја знаат вистината.