Портрети: Зоран Заев – личност на годината?

Од многуте анкети што се прават на почетокот на секоја година, една од поглавните е изборот на личност на годината. Таа практика кај нас не е толку раширена, најчесто се применува за изборот на спортисти. Такви рангирања, малку или воопшто, не се прават за лица од политиката или за менаџери од бизнисот. Доколку сега би се спровела анкета за политичари личности на годината, многумина граѓани на Македонија на таа позиција би го истакнале Зоран Заев, претседател на Владата на поранешна Република Македонија и претседател на партијата Социјалдемократски сојуз на Северна Македонија, именувана по ново.

Кога во исто време би се правела анкета за антиличност (негативна личност) на годината, истиот Зоран Заев би бил ставен на прво место од голем дел од македонската јавност и од граѓаните на денешна Република Северна Македонија, особено од Македонците по род и националност. Оние што би го одредиле за личност на годината сметаат дека Заев преку договорите со Бугарија и особено со Грција и со сѐ друго што направи, ја освести Македонија и неа ја крена на патот кон ѕвездите. Другите мислат обратно – дека со двата договора и со Законот за јазиците ја турнал државата во бездна. Првите го сметаат за херој, другите за предавник. Согласувајќи ги двете различни мислења, може да се констатира и рече дека 2018 година беше година на Зоран Заев. Не само во политичка туку и во секаква друга смисла.

На кој начин, како и зошто Зоран Заев ги заслужува двете „титули“?
На Заев му успеа да го направи она што не го направил никој во седумдесет и петгодишната историја на Република Македонија. Го донесе, јавно го изнесе и успешно го финализира проектот не само за промена на името на државата туку за суштинска промена на нејзиното општествено уредување, за редефинирање на политичкиот и уставен систем, што навистина е историски исчекор. Ги оттргна Македонците од заблудата дека сегашната територија е само нивна држава и ја направи бинационална и билингвална, што и да се подразбира под тие два термина.

Квартетот составен од Џес Бејли, Зоран Заев, Али Ахмети и Талат Џафери го оствари американскиот сон за Македонија, утрешна членка на НАТО и во некоја иднина на Европската Унија. Македонија никогаш повеќе нема да биде истата, онаква каква што ја познаваат сегашните генерации. Завршно се исчистени сите реликти од создавањето на државата по Втората светска војна, за време на комунизмот-социјализмот, како и остатоците од владеењето на сите лидери од независноста досега, од Киро Глигоров до Груевски и Иванов. Почнува изградбата на една нова држава, сосема поинаква и по уставното устројство и по политичкото организирање, можеби и по нова, засега непозната, но насетувана, територијална поделба.
Истовремено почнува и процесот на пресоздавање на македонската нација во северномакедонска, процес што ќе потрае подолго време, но ќе финализира со тој исход. Сосема е нормално утре-другиден, името на државата да биде и име на нацијата, односно на дел од неа. Таа ќе биде трета новообликувана нација по распадот на поранешна Југославија, по официјализирањето на црногорската и на бошњачката од пред неколку години.

Планираниот и добро подготвен мегапроект во гореспоменатата насока почна на 9 февруари 2015 година, кога лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од партиското седиште пред голем број новинари и егзалтирани партиски членови и симпатизери ја објави првата бомба на опозицијата против тогашната власт и против Никола Груевски. Од тој ден, како Ханибал со слоновите пред портите на Рим, тој ги уриваше ѕидините на власта. Поточно, ја уриваше тврдината на забеганото, возгордеано, неконтролирано и криминализирано ВМРО- ДПМНЕ, живеејќи во мир со задната страна од истата тврдина што ја штитеше ДУИ.

Оттогаш наваму сѐ одеше во негов прилог, во негова корист. И сѐ му одеше од рака. Во еден четиригодишен, меѓуолимписки циклус, што траеше од почетокот на 2015 до јануари 2019, постигнуваше неверојатни резултати, уриваше многу рекорди. Бомбите се институционализираа навлегувајќи во сите државни институции, од ден на ден добиваа на сила. Нивните експлозии попримија ехо на политичка, меѓупартиска, државна и национална опседнатост. И бомбите и пржинските преговори со Хан и Могерини, и дијалозите со европската тројка се листаа на негово позитивно салдо. Во негова полза работеа дури и мачките на Ван Хојте, белгискиот тивок преговарач за воспоставување нормален дијалог меѓу двете најголеми партии.

Шарената револуција, за која до ден-денес не се знае кои беа инспиратори, кои организатори и кои финансиери и вистински реализатори, му даде на Заев вистински народни крила да се вивне уште повисоко, уште посигурно. Подоцна се виде дека таа револуција него го оспособи и му го пренесе правото да се однесува како револуционер, да се служи со типични револуционерни методи, со герила-акции, да се бори до последната капка крв да го оствари тоа што го намислил или за тоа што пред некого зел обврска да го заврши.

Тој ветар во грбот дојде до вистински израз на собраниските избори во 2016-та, кога по една падни-стани ситуација оформи парламентарно мнозинство и состави влада. Настаните од 27 април 2017, познатиот крвав четврток, по насилното влегување на граѓани во Собранието, наместо да му ја одземе, на Заев му даде нова сила. На основа на обвинувањата за обид за државен удар и терористичко загрозување на уставниот поредок, испозатвори десетици учесници, обвини уште толку, а индиректно им се закани и на сите оние што на тој ден на тој настан гледаа со симпатии оддалеку.
Откако надмина најголем дел од проблемите во политичко-полициска смисла, се реши на последниот храбар, историски исчекор, кон затворање на одамна започнатиот мегапроект. Минатата година се договори со Грција за името на Македонија, проблем што се влечеше 25 години.

Токму околу спроведување на договореното со Грција (со Америка и НАТО, се разбира) ги покажа сите свои способности и дефинитивно ги потврди својот цврст и непоколеблив политички карактер и стратегијата на неговото владеење. Јасно стави до знаење дека повисоките цели ги оправдуваат сите, дури и најниските средства. Тој во свои раце, со помош на Али Ахмети и Талат Џафери, ја презеде целата власт. Едновремено стана и обвинител и судија и адвокат. Не се срамеше да каже дека ќе направи сѐ, законски и незаконски, етички или неморално, спогодбата да помине во Собранието. Ако треба, ќе затвора, ќе ослободува, ќе подмитува, ќе корумпира, ќе се заканува, ќе го ветува невозможното, само да достигне двотретинско мнозинство во Собранието. Таа сурова, интригантна, подмолна политичка доктрина даде резултат. Сменет е Уставот, сменето е името, влезе во сила оспоруваниот, непотпишан закон за прогласување на албанскиот како втор службен јазик во Република Македонија, елементи што ја менуваат суштината на досегашниот политички амбиент.

Има елементи да се мисли дека толкава власт и моќ како што минатата година имаше Заев немал ниту еден политичар во Македонија, дури ни во комунизмот. Постигна апсолутна контрола и единство во својата партија, каде што нема ниту еден глас против, има обезбедено и просто и двотретинско мнозинство во Собранието. Ги „купи“ невладините организации, на своја страна ги доби релевантните медиуми, богато финансирани од дома и од странство, ги замолчи релевантните национални институции, им ја затвори устата на критичарите Сите не само што замижаа пред очигледни законски недоследности туку и ги оправдуваа. Случајот со Грција покажа дека владетелот, ако треба и кога треба, може да биде над законите, над Уставот и над сѐ друго, живо и мртво. И наместо критики, за сето тоа добива аплаузи на отворена домашна сцена и славопојки и признанија од сите страни на светот. Тоа мора да се признае и да се прифати како неоспорен факт.

Во жестоката политичка битка со ривалската политичка партија, она што порано не му успеваше на ниту еден претседател на СДСМ, му успеа лани на Заев, недоволно познатото „просто“ момче од Струмица. Со неколку потези го растури и го столчи ВМРО-ДПМНЕ, партија што вештачки се крепеше на националниот непокор и на паролата „Името не го даваме“. Ја разнебити и крајно ја обезвредни нивната надувано глумена наводна национална, промакедонска политика. Со придобивањето на нивните пратеници-затвореници го разби нивното единство, ги натера самите да се кодошат еден со друг, им ги дискредитира сите дотогашни „важни личности“, ги измести од лежиштето. Повеќе од половина од раководството им го предаде во рацете на специјалното јавно обвинителство. Им ги декласира идеолошките, безбедносни и финансиски икони, го натера Груевски на бегство, им ги пресече каналите на финансирање и богатење. На таа партија и нејзиното раководство ќе им треба уште долго време да ги залечат раните од потценувањето на Заевата способност да се пресмета со нив.

Со асистенција на претседателот на Собранието, Заев од политичката сцена во Македонија го елиминира претседателот на државата, без око да му трепне го сведе на безвредна буква. Вистина е дека од осамостојувањето наваму односите меѓу претседателите на државата и претседателите на Владата никогаш не биле најсјајни, но никогаш не се случило на претседателот да му биде одземен легитимитетот без никакво формалноправно објаснување или решение, да биде ставен во фиока и зборот да му биде поневажен отколку на некој што стриже овци. Изолиран и нефункционален, неспособен похрабро да ги брани своите ставови, да ја брани институцијата претседател на држава, која последната година фактички не постои, Иванов, наместо партнер, се покажа како недораснат противник.

Со вистини или лаги, со сила или преку добра волја, јавно или тајно, со тешки маки или со лесна рака, со грижа на совест или при здрав разум, Зоран Заев ги оствари перфектно сите замислени цели што ги имаше поставено. Круна на тие дела, секако, е отворањето на патот кон членство во НАТО и ЕУ, иако има уште долги етапи и неизвесности до крајната цел.

Сепак, како личност број еден на годината не успеа едно големо мнозинство граѓани да ги определи или да ги сврти на своја страна. За тоа мнозинство уште долго ќе биде човекот што „го продаде името“, предавникот на Македонија и македонскиот народ. Заев не истраја докрај на идејата за помирување, не ја остави во приоритетите, туку ја употреби инстантно само за постигнување двотретинско мнозинство во Собранието.

Без меѓунационално единство и без постигнување национално (македонско) помирување и единство, Република Северна Македонија има мали перспективи, мали шанси да опстане како држава, а македонскиот народ како релевантна нација. На виделина излегува вистината, дека во благородната идеја за Македонија како „едно општество за сите“, по промената на името и по стапувањето во сила на законот за албанскиот јазик, голем дел Македонци, за разлика од оние што скокаат од радост, се чувствуваат изневерено, измамено, поразено, сериозно загрозено и загрижено за иднината. Без да се предвидуваат црни сценарија, товарот што долго ќе го носи наметнат од тој дел на македонската јавност нема да му биде ниту лесен ниту едноставен.

Сѐ до дефинитивниот прием на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ ќе лебди дилемата дали Заев направи геополитички чекор од епски размери во приближувањето кон најмоќните и најбогати организации во светот или грешка што скапо ќе се плаќа во иднина.