Одбрана на уметноста

Суштината на уметноста не е таа да ни го прикаже светот онаков каков што е, туку уметникот да ја пренесе својата индивидуалност како импресија од која веќе бил обземен. Таквото уметничко дело е оригинално, генијално и неповторливо

Уметноста на новата епоха станува и нов поглед кон светот. Секој човек има некој свој талент, иако фундаментално не мора да се занимава со тоа. Секој човек има некоја своја доминантна страст, а уметноста во новото време ѝ подава рака на индивидуата. Секој е повикан да црта, да пее, да прави скулптури. Секоја индивидуа е дојдена на Земјата да пренесе некоја благородна идеја, да остави на светот една сопствена-неповторлива оригинална импресија за светот, човекот и општеството што инаку не би смеел да ја каже во современата култура, секој човек има право да поттикне и развие критичка мисла кај другиот и тој да размислува на повисоко свесно ниво.
Силата на самата идеја не зависи директно од тоа колку луѓе ја промовираат, туку од силата на идејата. Човекот и сето она што му се случува во животот како индивидуална судбина во новото време треба да го гледа низ уметничка транспозиција со зголемена свест.
Уметноста е чисто индивидуалистичка и субјективистичка, па се прашувам ќе има ли место за уметничка критика во новото време.

Во уметничкото дело секој човек се гледа самиот себеси. Импресијата не му припаѓа на уметничкото дело туку на самата индивидуа. Затоа, бесмислена е критиката на уметноста. Секој поединец во уметничкото дело нема да види ништо повеќе или помалку од сопственото огледало, таму тој ќе се види самиот себеси. Иако е неблагодарно да се каже, но ниедно уметничко дело не носи ништо само по себе, сѐ до оној момент додека ние не му дадеме индивидуална импресија.
Се случува кога се свират генијални композиции публиката да остане рамнодушна. Генијалноста може вибрациски да не ја допре вибрацијата на публиката. Додека кај едни уметничкото дело создава слики, визии, несекојдневни импресии, другите остануваат недопрени.
Фелини ни кажа дека најважниот дел на уметничкото дело е кога тоа ќе се поврзе со нашето највнатрешно битие. А нашето највнатрешно битие функционира само на еден начин низ играта. Човекот е хомо луденс. Играта, пак, е синоним на радоста, а таа е нашата најнормална состојба, додека стравот и загриженоста не се природни состојби на нашата свест.

Уметничкиот процес е креација, ние создаваме со радост, низ игра, а преку нив имаме увид во повисоките сфери на свесноста. Таа екстатична среќа што се случува кога ние на пример слушаме одредена композиција, кога сме трогнати до солзи, кога лебдиме во уметнички занес и духовен вознес, кога за миг сме на некое друго небо, тоа е вибрацијата на нашата вистинска (нефизичка) индивидуалност, а таа вибрација од прва рака ни ја дава уметноста.
Има многу критичари на Моне што ќе кажат дека неговите дела се прозаични, магливи, недофатливи, нема јасност во контурата, но пораката на Моне е токму таа – дека оваа реалност е маглив привид, животот е еден сон, а нам ни останува во најдобар случај да имаме неприкосновен восхит кон природата и природното. Таму е целата негова естетика. За музиката на Хаузен пишуваа дека ѝ недостига мелодија, но токму таа безмелодичност е пораката што сака да ни ја прати композиторот. За Вивалди говореа дека има премногу гудачки инструменти во првите делови, имаше критики дека тој требало да ја прошири инструментализацијата во палетата на различни музички бои. Но уметникот токму така го чувствувал и гледал светот. И токму таму е неговата генијалност.

Уметноста на новото време мора да го надмине интелектот. Уметничкото дело, на пример филмот, како што ни вели Бергман, не смее да му се обраќа на рационалното, на логичкото и појавното, туку на потсвесното, на скриеното, на една наша длабока тајна, која чезнее да излезе во светот, но не може. Тоа е добар филм!
Ние мораме преку уметноста да пенетрираме низ маската и појавноста и да дојдеме до себеси. Уметникот мора да ја следи спонтаната космичка реакција кога создава уметничко дело, а не да создава со умот или интелектот, приспособувајќи се на вкусот на публиката. Космичката порака не смее да биде игнорирана од уметноста и на сметка на неа да се создава уметност сведена на бизнис и чист профит. Вистинскиот уметник мора да ја има оваа божествена искра и само по неа да твори, а не по она што го научил, не по искуството, не по она што прават или очекуваат другите.

Таа космичка искра како инспирација, како интуиција доаѓа од повисок извор, а задачата на уметникот е да ја канализира. Креацијата е спонтан импулс, без контрола на интелектот.
Суштината на уметноста не е таа да ни го прикаже светот онаков каков што е, туку уметникот да ја пренесе својата индивидуалност како импресија од која веќе бил обземен. Таквото уметничко дело е оригинално, генијално и неповторливо.
Уметноста на новата епоха мора да ја избрише границата помеѓу животот и фантазијата, без да го уважува вкусот на масите, затоа што уметничкото дело на тој начин не може да го живее сопствениот живот, а без тоа уметничкото дело е безвредно и непотребно.